„Охридско лето“- Вечерва концерт на младиот пијанист Гаџиев

Музичката програма на фестивалот „Охридско лето“ продолжува вечерва со концерт на младиот пијанист Александар Гаџиев што ќе се одржи во црквата „Света Софија“ со почеток во 21 часот.

Александар Гаџиев, потекнува од семејство на музичари, неговите родители се професори по пијано.  Роден е во Гориција во Италија, природен крстопат на бројни култури и јазици, и уште од детството е задоен со квалитетите на централно-европската култура и поднебје. Пијано започнува да учи под менторство на неговиот татко, познат руски професор, и првиот настап со оркестар го има на деветгодишна возраст, а солистички рецитал остварува на 10 години. Во 2013г. година настапува на 30 –от јубилеен натпревар „Премио Венеција“, на кој се натпреваруваат најдобрите млади пијанисти од Италија и го освојува првото место. Оваа победа му овозможува бројни рецитали низ Италија но и во Лондон, Париз, Мадрид, Даблин.

Само две години подоцна, во 2015 година на престижниот натпревар Хамаматсу во Јапонија, жирито составено од: Марта Аргерич, Акико Еби и Сергеј Бабабјан меѓу останатите му ја доделува првата награда, а истовремено ја добива и наградата од публиката по што е редовно канет концертно да настапува во Јапонија, и на значајни фестивали како фестивалот Вербие, „МиТо“ фестивалот во Торино, „Шопен“ фестивалот во Душники, Интернационалниот фестивал „КлавиКелн“ во Дизелдорф, фестивалите во Кордоба, Љубљана, Болоња, Виченца, Париз,  Равена и фестивалот за камерна музика во Салцбург.

Во октомври 2018 година Гаџиев само го потврдува своето место на интернационалната музичка сцена победувајќи на натпреварот за пијанисти во Монте Карло на кој шанса да се натпреваруваат имаат само лауреати на светски натпревари. Претседателот на жирито Филип Ентремонт му ја доделува наградата „Принц Рение III“ која му обезбедува бројни концерти во Франција и низ Европа. Гаџиев настапувал во некои од најзначајните концертни сали во Италија, но и во Токио, Осака, Сапоро, Париз, Москва, Солт Лејк Сити, Истанбул, Барселона, и со оркестри како Симфонискиот оркестар во Токио, оркестрите во Кјото и Нагоја, Прашкиот симфониски оркестар, Оркестарот во Ерусалим, како и оркестарот на Централна Европа. Имал привилегија да соработува со исклучителни диригентски имиња како што се: Јуриј Темирканов, Казуки Јамада, Марек Пијаровски, Антон Нанут, Ен Шао, Џанлука Мартиненги, Тицијано Северини и многу други. Александар Гаџиев моментно студира со Павел Гилилов на престижната академија „Моцартеум“ во Салцбург, а се усовршува на мајсторски курсеви на Епан Пијано Академијата и на академијата која е дел од фестивалот Вербие во Швајцарија.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.