Средбата со младиот талентиран Никола Лекиќ, студент по диригирање на Белградската Музичка Академија, ја имав во неговото родно Скопје, а поводот беше неговото присуство на пробите и концертот на Македонската Филхармонија во изведбата на синоќешниот концерт на „Вердиевиот Реквием“ под диригенство на Емил Табаков.
Не е тешко да се претстави овој млад човек, амбициозен музичар, заради неговата отвореност и искреност и низ разговор открив кои се неговите желби и амбиции и професионални и приватни.
Разговорот го водеше Татјана Гогоска
На твои 20 години како би се опишал Никола?
Јас сум млад човек со доблести и мани, кој сака да работи, но сакам и да се дружам, да патувам, јас сум креативен, вреден понекогаш и мрзлив, но тоа се е во некоја нормала.
Студент си на прва година на диригирање, на почетокот на една креативна но, не толку секојдневна професија?
Се почна околу 2011-12 година, имав 11-12 години. Почнав да свирам клавир рекреативно без поголеми амбиции, но сакав ете да научам да свирам филмска музика пред се и да ми биде нешто дополнително. Но, со подршка на мојата професорка некако ми стана и образование и сакав се повеќе да свирам. Досега свирев клавир, одев на натпревари, концерти. Завршив основно музичко за 3-4 години, затоа што почнав доцна, беше напорно, но успеав на крај и минатата година запишав диригирање на Музичката Академија во Белград.
Си настапувал, си се натпреварувал. Кој од тие настапи го доживуваш како најголем успех?
Не знам како да кажам. Натпреварите не ги сакам толку, се е премногу субјективно и не верувам дека тоа може да се оцени правилно. Се е тоа премногу описно и субјективно. Повеќе сакам концерти и најголемите успеси се токму на натпревари но и на концертите. Еден немам да издвојам, но имам повеќе во овој период.
Од овој аспект на студент на прва година, почетник во оваа професија, но времето брзо поминува, што е твој предизвик?
Запишав диригирање, но не ми е цел да бидам само диригент, сконцентриран само на тоа. Јас сакам да ги истражувам сите области на композицијата , како се создава и како созрева. Веќе имам компонирано, и не ми е цел само да диригирам, сакам да се развивам и како композитор а и нема да се откажам од свирење на пијано, напротив постојано свирам.
Во Скопе си роден, твојата мајка е оттука, и прво доаѓање, да речеме професионално е токму во Скопје. Како дојде до тоа?
Јас веќе спомнав дека компонирам и стапив во контакт со професор од Лондон, Панде Шахов кој е од Македонија. Тој имаше концерт во Белград и разговаравме и преку луѓето што свиреа на тој концерт, дознав дека Табаков има концерт овде и по препорака на професорот Шахов и мојата професорка од Академија, еве ме во Скопје.
Беше на сите проби и вчеравечер на концерт. Како ти звучеше „Вердиевиот реквием“ со Македонската Филхармонија?
Бев на пробите, оркестарот Филхармонија е одлична, тие веќе на првата проба беа подготвени за работа со Табаков. Навистина прв пат ја слушам Македонската Филхармонија и одлична е. Концертот беше беспрекорен и за мене во секој случај е едно убаво искуство, затоа што запознав многу луѓе, запознав оркестар кој беспрекорно функционира а имав можност да видам од блиску како се прават проби со еден врвен диригент како што е Емил Табаков и навистина сум многу задоволен од тоа, што деновиве со ваков убав повод бев во Скопје.
Кој ти е најомилен диригент?
Немам посебен фаворит, затоа што сите се многу различни, но кога веќе треба да кажам, би с же определил за Карајан и Бергнштајн..но тие се покласични диригенти.
Класичните диригенти ги изучувам, тие од 20-ти век кои со денешните диригенти и не се толку различни но, денеска се е побрзо и ако некогаш концертите се подготвувале по една година сега за еден месец, се е пребрзо. Но, таа темелност во работата повеќе ја ценам на постарите диригенти, многу постудиозно се работело, како се во светот така и во музиката се се менува.
Каков е твојот став за делата, оние големите се веќе напишани во 18,19,20 век,сега се чини само ги пресликуваат на некој начин со нова изведба ?
Па во глобала така е. Како и се друго. Еве на пример во уметноста ако ние отидеме во Музеј на современа уметност и гледаме некои современи дела ние не ги разбираме. Така и во музиката се пишуваат дела кои се за потесен круг на луѓе, за оние кои повеќе ја разбираат музиката а не за поширок круг на публика. И затоа фокусот не е ми е на нови дела.Од старите сметам дека повеќе ќе научам. Еве на пример Верди, може да го слуша и ужива и некој кој не е музичар.
Каде Никола Лекиќ се гледа за 10 години?
Каде се замислувам…ммм, реално или нереално? Моја желба е да имам оркестар, да правам концерти, да компонирам, да имам слобода во својата работа.
Во некој твој најубав сон со кој оркестар би сакал да свириш?
Во слободно време што правиш?
Сакам да излегувам со пријатели, да се дружам, да се забавувам и да патувам..Заради работата на татко ми, многу патував од уште многу мал, целиот свет го поминавме и малку ми стана здодевно во овој период..и сега некако повеќе сакам да сум во Белград со друштвото.
Тоа што ми е предизвик и во план се патувања поврзани со мојата идна професија, дали некои семинари за диригирањето или компонирање. Не знам..ќе видиме како ќе се движат работите. Само она што е мој став и карактер е дека имам цврст баланс меѓу тоа кога работам, дали свирам пијано, одам на факултет, компонирам или се забавувам. Во се сум 100 посто. Едноставно само така функционирам.
Многу среќа и успеси на Никола Лекиќ. Му ги посакуваме сите светски сцени и следен разговор во некоја од тие дестинации!
Галерија:Фотографиите се од приватната галерија на Никола Лекиќ