Гевгелија- три дена домаќин на фестивалот “Вкуси го југот”

23.09.2024

Во одлична атмосфера помина одржувањето на 2. по ред Фестивал „Вкуси го југот“, пред Градскиот пазар, во Гевгелија. Три дена (13, 14 и 15 септември 2024 година), голем број присутни ја проследија богатата културно-уметничка програма и вкусија традиционалната гастрономска понуда преку правењето ајвар, печењето ракија и варењето слатко од смокви. За добрата забава на “Taste the south Gevgelija”, локалната самоуправа заедно со
„Крафт Продукција“ ги „собраа“ на едно место и во три дена локалните и познатите македонски уметници и изведувачи, со креирана програма и за возрасната, но и за помладата публика. Како и гевгелиските угостители и винарии со понуда на вкусна храна и пијалоци.
На првиот ден од Фестивалот, присуствуваше и министерот за локална самоуправа, Златко Перински, кој заедно со градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов, беа пречекани традиционално, со слатко од смокви и вода.
Сарамандов уште на првиот ден го изрази своето задоволство од организацијата и големата посетеност на Фестивалот, упатувајќи благодарност до сите учесници за добрата забава којашто им ја приредија на сите посетители.
Имено, „Вкуси го југот“ започна со правење ајвар и фолклорниот концерт на КУД „Танец“ од Миравци. А, фестивалската атмосферата со поп- и рок- нумери ја подигнаа триото „Хитс“ од Гевгелија, во состав на Моки, Крџе и Марија. На задоволство на присутните, тука беа и Дац и Александар со нивната изведба на романтични песни и евергини. Рок-групата „Зијан“ со нивниот репертоар и хитови ги вратија гевгеличани во едно убаво време, предизвикувајќи емоции кај нивната генерација, но и кај помладата популација која добро ги знае, пее и се забаваува на нивните песни. На крај, настапи групата „Фиц енд д инвизиблс“ со изведба на поп- рок хитовите на „Студени нозе“.
Вториот ден, се печеше ракија, а во меѓувреме настапи ЗКУД- „Браќа Толеви“ од Прдејци. Групата „Гевгелиски мелос“ со изведба на ора и чочеци ја вжешти забавата, а по неа продолжи со фолк-музика од Наум Петрески. Викторија Лоба со својот вокал и поп-музика ги забавуваше присутните, за на крај вториот ден од Фестивалот да заврши со Ристо Самарџиев и пријателите.
Последниот ден на Фестивалот го одбележа одржувањето на традиционалната манифестација во организација на ЗГ „ТеРа“- Гевгелија. Додека се крчкаше слаткото од смокви и ширеше опојниот мирис, членовите на Школата за тапани, под менторство на Момчило Делев, го одржаа својот концерт. И, Интернационалниот музички фестивал „Калинка 2024 година“ беше дел од „Вкуси го југот“, којшто го проследија голем број деца со нивните родители. Како и концертот на Танцовото студио„Мистик“- Гевгелија со урбани кореографии на хип-хоп музика. Вокалистките на Музичкиот фестивал „ЕвроПорта- Фест“- Гевгелија: Анастасија Зафирова, Ања Поп-Костова, Ангела Зафирова, Билјана Дуева и Слободанка Арнаудова ја збогатија програмата со изведба на поп-музика. По нив, беше проследен и фолклорниот концерт на Ансамбл „Бојмија“- Гевгелија и концертот на Мартин Костадинов од Гевгелија со неговиот бенд. Пајак и Лара го привлекоа вниманието на младите, кои со задоволство пееја во ист глас со трап- изведувачот и младата поп и Р&Б пејачка. Воодушеви Влатко Стефановски со неговато мајсторство на гитара. Тридневниот фестивал „Вкуси го југот“ заврши со музичкиот настап на рок- и панк- групата „Паркети“.
Во сите три дена, помеѓу настапите, урнебесната гевгелиска легенда, Дејан Малзарков, ги насмеваше присутните со неговото stand- up шоу „Диверзија“.
Со Фестивалот „Вкуси го југот“, којшто полека станува гевгелиски бренд и привлечен туристичко-забавен и гастрономски настан, полека се ефектуираат и заложбите на Општина Гевгелија за проширена и поквалитетна туристичка понуда на општина Гевгелија преку изготвената платформа Gevgelija – spice up the journey.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.