Госпоѓа Васиа Трпеновска е лекар по природна медицина, што според дефиниција значи дека е лекар кој смета дека умот, телото и духот на пациентот го подобрува сопственото здравје и благосостојба. Фокусот е прво на превенцијата, а второ е лекувањето, вели холистичката медицина, која во светот зазема голем замав, а сѐ повеќе и кај нас.
Летото е можеби и најсоодветниот период за поголема превентивна грижа за сопственото здравје, но и од евентуалните последици од високите температури.
Затоа, време е за совет плус, а, од разговорот со доктор Трпеновска, вреди да си забележиме она што е најкорисно за нас.
*Летните горештини се повод секогаш ова време да се подготвиме со уште некоја информација плус за нашето здравје. Во кратки црти, што е најважно да се има на ум во овој период од годината, некое општо правило на кое сите ние треба да обрнеме внимание?
-Летото е најздравата сезона во годината. Најголемиот бенефит за здравјето е кога примате Витамин Д од сонцето. Витаминот Д го зајакнува имунитетот, го намалува ризикот од болести како срцеви заболувања и дијабет, ги зајакнува коските со подобра апсорпција на калциум. На високи температури е тешко да се изгуби топлината во телото, затоа треба да се јаде и асимилира помалку храна за телото да не добие топлина повеќе отколку со што може да располага. На следново морате ама морате да внимавате- летните жештини може да го поттикнат растот на бактериите на храната што може да резултира со болести кои се пренесуваат преку храна. Важно е правилно да се чуваат сите јадења и да се одржуваат на правилни температури и за топла и за ладна храна. Што да јадете? Јадете сладолед- и млечен и од вода и овошје, јадете лубеница, диња, малини, цреши, праски, банани, баш сѐ што ни носи летото. Рибата е секако победникот кога станува збор за храна на лето. Јадете многу салати, јогурт, кисело млеко, бирајте зеленчук што има зелена боја. Пијте доста вода секако 6-8 чаши, ладен чај е посебно освежувачки. Најважно е да бидете хидрирани. Што да не јадете? Лута храна, зачинета, пржени мрсни јадења, торти, слатки полни со шеќер и не јадете црвено месо. Контролирајте ги вашите порции, 50 % од порцијата треба да има зеленчук и овошје, а остатокот млечни продукти, протеин и житарки. Понатаму треба само да внимавате да си поминете убаво, нели?
*Убаво речено. Тоа ни е и целта. Од друга страна, избегнување на горештините како совет е лесно да се каже, но тешко да се послуша. Сите имаме потреба од движење во пладневните часови, а има и професии кои се одвиваат директно под жештината на сонцето. Што е попрепорачливо, грч ладни сокови или со посоодветна температура на жештините?
-Ако сте изложени на отворено на високи температури поради работи обврски, треба да бидете доста хидрирани, сериозно! Нанесете крема за сончање, носете облека со светла боја, правете повеќе паузи, најдете сенка, не пијте многу кафиња, избегнувајте алкохол, јадете лесна храна и носете заштита, како капче.
*Од што треба да биде составен нашиот оброк во овој период од годината? Кога треба да се конзумира храната, наутро или навечер откако температурите ќе спаднат?
-Повторно ќе кажам, 50 % од порцијата треба да има зеленчук и овошје а остатокот млечни продукти, протеин и житарки. Тоа е правилото, е сега луѓето треба да внимаваат- во лето поради високите температури, кажав што треба да се јаде за да не дојде до несакани моменти. Доручекот е најважен оброк во текот на денот од многу причини, мој совет е да се доручкува, за ручек да внесете месо или риба исклучиво со салата (било какви салати), а вечерата да биде без месо, но да содржи зеленчуци и лесна храна. Најважно е откако ќе вечерате оставете 3 часа за да се обработи храната па легнете си. Доколку не доручкувате, навечер ќе бидете гладни и тоа само по себе си носи последици и многу други нарушувања во хемиските процеси на варењето на храната.
*Колкав е факторот ризик за срцевите болни како и за луѓето со висок или низок притисок, но и за дијабетичарите. Каде е опасноста по однос на нивното здравје?
-Факторот ризик. Високите температури предизвикуваат поголем проток на крв во кожата и дехидратација. Тоа значи дека крвниот притисок значајно ќе се намали при што може да дојде до несвестица, вртоглавица и паѓање и сето тоа е поопасно кај тие индивидуи. Тие треба да излезат на утринското сонце до 10 часот. Потоа од 16, 17 часот натаму е сигурно за нив. Од исклучителна важност е ако се на море, да се избањаат во морето и да седат внатре што повеќе како би ги примиле сите бенефити од водата и минералите кои ги содржи. Важно е да си носат кошула со долги ракави, тенок може и лен материјал, шешир, капче.
*Многу летувалци особено млади летувалки се изложуваат на сончање повеќе отколку што е потребно. Колку во просек корисно време за сончање на ден и дали маслата со заштитен фактор се навистина толку добри во заштитата од зрачењето кое може да нанесе штета?
– Според дерматолозите, ако немате компликации кога сте изложени на сонце, можете да се сончате без крема до 20 минути секој ден. За да избегнете компликации, најдобро е 10 минути, па одете во сенка, можеби и повторно по 10 минути па во сенка, до половина час во денот. Велат експертите дека најдобро време е пред 9 часот наутро и по 16 часот попладне кога сонцето не е толку јако. Инаку “Да!”, маслата со заштитен фактор успешно си ја завршуваат својата цел. Можете да нанесете маслиново масло, кокосово масло но нема гаранција дека нема да изгорите.
*Широките плажи се попримамливи и посигурни за уживање на отворено и на нив може да се најде слободно место. Но што е со помалите плажи, да речеме освен социјалната дистанца, која е најдобрата здравствена дистанца што треба да ја држиме на плажа, со цел да не се пренесуваат одредени вируси, инфекции и зарази.
– 2 метра дистанца е сосема доволно, јас мислам а и колку сум видела секаде по плажите таа дистанца веќе е испочитувана.
* Да не го прескокнеме ладењето со клима. Експертите велат дека тоа може да создаде и астма. Постои страв и паника од клима уредите или тоа е само непотребно раширено сомневање?
-Климата не создава астма, но може да ја вложи состојбата. Како? Со климите треба да се внимава ако не се доволно чисти, ако немате направено сервис скоро, тогаш може да реагира како тригер кај астматичари.Треба да се внимава околу тоа, навистина критична тема за летната сезона.
*Освен за сопственото здравје, каква прва помош треба да му ја укажеме некому до нас, доколку му се слоши од големите горештини?
-Одлично прашање Вале, и мене неколку пати ми се случило на плажа да видам да колабираат луѓе. Навистина е застрашувачка слика кога не знаеш како да постапиш во таков случај. За старт повикајте брза помош. Веднаш однесете го под сенка да легне и полека дајте му нешто да се напие како вода, џус, кока кола или спортски пијалок со електролити. Испрскајте му го лицето и вратот со ладна вода. Зборувајте, прашајте го човекот како се вика, дали зема некакви лекови, дали има некој на кој може да се јавите, одржувајте комуникација и чекајте да дојде брза помош…
Валентина Ѓоргиевска Парго
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.