Тридневен детски фестивал “Сонот на облачето”

Скопје повторно ќе дише во духот на „Сонот на облачето“ од 6 до 8 јуни во МКЦ. Овој интернационален детски фестивал на театар на сенки годинава ќе го доживее своето 9-то издание и е единствената можност кога децата можат да погледнат меѓународни претстави со сенки.
Фестивалот ќе биде отворен во понеделник на 6-ти јуни во 19 часот со промоцијата на креативниот сет “Театарче за игра со сенки”, а веднаш потоа на сцената Фросина од 19.30 часот ќе се претстави театарот од Италија Unterwasser со претставата “Лавиринт”. Уникатна мултимедијална претстава без текст и со рачно изработени 3D скулптури чии сенки се проектирани на големото платно. Публиката ги гледа актерките на сцената како ја содаваат илузијата на гледање филм во живо, користејќи го изворот на светлина како камера. “Лавиринт” е приказна за погледот на светот низ очите на една жена, а сцени од нејзиниот живот се појавуваат како лирски фрагменти – визуелни поеми кои фрлаат светло на разни нејзини чувства и спомени. Инспирирани од опусот на Марианџела Гуалтиери, Емили Дикинсон, Ети Хилесум, Вислава Шимборска и Лори Андерсон.
Во продолжение на фестивалското издание, на 7-ми јуни, со почеток во 18.00 часот, најпрво ќе се одржи работилницата “Заробени реки” под водство на Доротеј Нешовски каде преку мозаична игра со фолија во боја, со помош на светло и сенки децата ќе раскажат една поинаква приказна за зачувувањето на животната средина, со фокус на водата и реките. А веднаш потоа, со почеток од 19.30 часот по втор пат во Скопје гостува театарот Le Studio од Србија, овој пат со нивната најнова претстава “Заборавените принцези”. Во оваа интерактивна визуелна вртелешка од претстава се скриени сите приказни за непознатите, одамна заборавени принцези, а некои од нив дури и самите заборавиле дека постојат. Сепак, тие заслужуваат повторно да бидат откриени, а можеби публиката ќе се пронајде во некоја од нив! Денот ќе биде заокружен со изведбата на ликвид перформансот “Флудо” на плато МКЦ во 20.15 часот од страна на Театар “Сенки и облаци”. Мултимедијален перформанс за Флудо, духот на водата, кој со своите пријатели од подводниот свет ќе биде заробен од човечка рака со изградбата на една хидроцентрала. Приказна раскажана преку интересна техника со многу вода, боја и масло на платно и текст на Д. А. Лори.

Последната фестивалска вечер на 8-ми јуни ќе започне во 18.00 часот со работилницата на Караѓоз мајсторот Џемал Фатих Полат од Турција, каде децата ќе имаат уникатна можност да ги применат традиционалните техники за изработка на Караѓоз кукли за сенки стари над 650 години. Фестивалската вечер ќе биде заокружена со премиерната изведба на претставата „Колку е часот“ во 19:00 часот од страна на организаторот на фестивалот Театар “Сенки и облаци”. Интересна приказна за Старо Купувам, девојчето Сара и еден старински часовник кој пак чука во некое си чудно време, два пати тик, еднаш так! Чие ли време покажува тој? За да дознае, Сара заминува на незамислива авантура, а по пат ќе си најде новo другарче.
Како единствен фестивал од овој тип во поширокиот регион, “Сонот на облачето” успешно придонесува кон интернационална и локална афирмација на театарот на сенки, а воедно е и една од ретките манифестации кај нас што во континуитет прикажува претстави од странска продукција пред детската македонска публика.
Организатор на фестивалот е Театар „Сенки и облаци“, кој со поддршка од Министерството за култура на С.Р.М., Градот Скопје, МКЦ, Центарот за истражување и информирање за животната средина „Еко-свест“, Амбасадата на Италија во Скопје, Српскиот културно информативен ценатр СПОНА и Институтот „Јунус Емре“ во Скопје ќе ѝ овозможат на најмладата публика да ужива во несекојдневните спектакли со сенки.
Учеството на работилниците е бесплатно со задолжително претходно пријавување. Билетите се во продажба на билетарницата на МКЦ по цена од 250 денари, како и онлајн на https://bileti.mkc.mk/.

-Уживајте во магијата на сенките!, порачуваат.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.