Мирче Ацев (Ореовец, 20 октомври 1915- Скопје 4 јануари 1943)- македонски комунист, антифашист, учесник во НОВ. Бил член на Покраинскиот комитет на КПЈ на Македонија од 1941 година и член на Главниот штаб на НОВ и ПО на Македонија. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Стеван Наумов- Стив, Орце Николов, Страшо Пинџур, Христијан Тодоровски- Карпош и Кузман Јосифовски- Питу).
Мирче Ацев
Роден на 20 октомври 1915 година во Ореовец (Прилепско)
Починал на 4 јануари 1943 година воСкопје, Окупирана Македонија, Царство Бугарија
Студент по право, народен херој 29 јули 1945
Организација
НОБ, КПЈ (1939)
Мирче Ацев е израснат во револуционерно семејство и неговите предци во неколку генерации дале борци за националното ослободување на македонскиот народ. Името го добил по стрико му Мирче Ацев, војвода од времето на османлиското владеење во Македонија. Неговата сестра Вера Ацева исто така учествувала во НОВ и била прогласена за народен херој.
Животопис
По завршувањето на основното четирикласно училиште во Ореовец, заминал да учи гимназија во Прилеп. Принуден бил да го прекине школувањето во Прилеп поради тогашната политика на режимот на Петар Живковиќ за затворање на полните гимназии, каде што ги имало, освен во Скопје, Битола и Штип. Мирче заминал во Битола и во учебната 1933/1934 година се запишал во петти клас во Битолската гимназија. Матурата ја завршил во летото 1937 година.
Потоа се запишал на Правниот факултет во Белград. Уште во почетокот на студиите се вклучил во Организацијата на напредните студенти. Преку оваа организација, раководена од КПЈ, напредните студенти ги зеле во свои раце разните стручни здруженија, одбори и студентската менза. Полицијата двапати го апсела заради неговото учество во демонстрациите. Се спријателил со Кузман Јосифовски- Питу, а од тие денови датира и неговото другарување со Страшо Пинџур.
Активност
Тој бил активен и во друштвото на македонските студенти, „Вардар“. Член на Комунистичката партија на Југославија станал во 1938 година. Задолжен бил и за организација и раководење на студентската колонија во Охрид. Во летото 1939 година во градот ја формирал првата партиска организација и првиот местен комитет на КПЈ. Раководител на колонијата во Охрид бил и во наредната 1940 година. Во почетокот на 1940 година бил испратен на илегална работа во Скопје и до 6 април 1941 престојувал таму. Овде ја организирал партиската техника на Покраинскиот комитет и заедно со Страшо Пинџур го подготвувал печатењето на партискиот орган, весникот „Искра“.
На 2 август 1940 година на митинг организиран во Охрид, тој одржал говор со што успеал митингот да го претвори во демонстрации против експлоатацијата на народот, воедно објавувајќи и јавен повик за организиран борба за слобода. Истиот ден бил уапсен, додека студентската колонија протерана од Охрид.
Уште во самиот почеток на бугарската окупација се вклучил во народноослободителното движење. Неколку дена по нападот на фашистичка Германија, тој и Страшо заминале за Кавадарци, а потоа Мирче преминал во Прилеп. По кратко време повторно се вратил на работа во Покраинскиот комитет во Скопје. Како партиски инструктор на Покраинскиот комитет ги обиколил партиските организации во повеќе градови на Македонија. Од крајот на 1941 до пролетта 1942 година, престојувал во Битола. Иако во длабока илегалност, работел со организациите во Ресен и Охрид. Во средби со напредни дејци и во писма, Мирче ја критикувал неактивноста на Покраинскиот комитет, што имало влијание врз промената на неговиот состав во пролетта 1942 година. Во јуни истата година тој станал привремен секретар на Покраинскиот комитет. Заедно со Кузман Јосифовски- Питу се залагал за примена на курсот за вооружена борба и пристапил кон формирањето на неколку нови партизански одреди во Македонија.
Во писмото испратено од него до Љупчо Арсов, кој тогаш бил интерниран во Бугарија, пишувано на 30 ноември 1942 година, опишувајќи му ја тешката положба на населението, бидејќи покрај физичкиот терор, вршен е и психолошки терор од групите кои слугувале на бугарските сили, предводени од Димитар Чкатров, Димитар Ѓузелов и Ванчо Михајловистичката компанија, нагласува дека населението јасно ја увидело сликата кој е окупатор, а кое е ослободително движење. Најинтересен е фактот што ракописното писмо зачувано од Мирче Ацев е пишувано со ракописна македонска азбука, каква ја користиме и ден денес. Со, ова писмо се побиваат и големобугарските манипулации за непостоење на македонска азбука и писмо, пред 1945. Писмото се чува во архивот на ИНИ, арх. бр.176.
Апсењето, мачењето и смртта
Заедно со Страшо Пинџур во септември 1942 година излегол на терен. Намерата им била да ги посетат партизанските одреди и партиските организации во Велешко и Прилепско. Сосема случајно бил уапсен на 19 декември 1942 во Велес, заедно со Страшо Пинџур. Од Велес бил пренесен во злогласниот Скопски полициски затвор. Директни сведоштва за мачењето и убиството на Мирче Ацев, дава началникот на бугарската државна безбедност Љубомир Јорданов.
“Тој одби да даде какви и да било податоци за својата дејност, па поради тоа го тепавме за да изнудиме од него признание. На неколку наврати беше жестоко тепан по табаните. Нозете му беа ужасно отечени… Се чудев како може да поднесува толкаво тепање без збор да каже. Тој беше затвореник кој беше најмногу мачен, а се покажа најцврст. Едвај одеше и ми рече дека повеќе ништо не чувствува во нозете, бидејќи му беа претепани. За сето време додека беше тепан не викаше, не испушташе ниту еден збор. Околу 6 часот приквечер јас, Христо Стоилов и Васил Цанков седевме во кабинетот на Цанков. Токму во тоа време дојде агентот Крум Панков и му се обрати на Цанков со следниве зборови:
“Господине началник, Мирче Ацев е во многу тешка положба, умира.” Тогаш Цанков рече: “Добро, појди таму”.
Бидејќи Крум Панков излезе, Цанков ми рече: “Кажи му на Симеонов (директор на Обласната полиција) дека сам се убил. Тоа и го сторивме”.
Писмо од неговите соборци
Откако се расчуло за маченичката смрт на Мирче Ацев и Страшо Пинџур, нивните соброци издале леток по повод нивното убиство, во кој детално и јасно ги изразуваат нивните стремежи борба за слобода. Ги опишуваат и нивните херојски семејства, како семејства кои се бореле за слобода на Македонија и зачувување на идеалите и патот поставен на Илинденците. Мал дел од писмото го опишува теророт и грозоморната слика на нивните тела:
-На колку хиљади чесни Македонци им се дигна косата кога го видоа Мирчета во болничка мртвачница и во Прилеп кога го закопуваа со исечени прсти, со извадени нокти и искинато месо от коските. Македонските мајки, татковци и сестри виделе ногу свој синови и бракја мачени и утепани, но до ceгa вакви дзверски и нечовечно мачене немајат видено. Вака не мачеле ни турските јаничари, башибозлуци и крджалии како што мачат Хитлеровите и бугарски фашисти. Додека Пинджурот го скрија да не се гледаат неговите искршени коски, оти поучени от Мирчевиот случај, виде како за резилок стануват во очите на народот.
По долго физичко измачување во Обласната полициска управа во Скопје и без судски процес, по петдневно ѕверско мачење, обајцата биле убиени од бугарската полиција на 4 јануари 1943 година (а, потоа биле фрлени низ прозорец, за да се исценира самоубиство).
Неговото безживотно тело било украдено од скопската болница и префрлено во домот на Ацеви во Прилеп за да се погреба на 13 јануари 1943 година. Едно сведоштво дава неговата тетка, кај која завршило неговото тело (бидејќи и неговите родители биле интернирани од полицијата):
Полицајците му забодувале шајки под ноктите на прстите, тие му останале полупресечени. Ноктите од прстите на рацете воопшто му ги немаше. Распарчен е на делови, со откинати меса, искршени коски и косата му била кубана, па останала една сламка. Вилицата и главата му се искршени. Неговите нозе беа соголени до коски од кожата која е вадена во мачењето. Прстите на нозете му беа искасапени. Сиот беше здробен.
Бугарската полиција во Прилеп добила строга наредба телото на Ацев да биде запленето „по секоја цена“ при влезот во Прилеп и да не се закопа. Но, тоа е тајно внесено во градот. Погребот започнува во тајно дефинирано време, а поворката тргнува без проблем. Партизаните успеваат да ја излажат полицијата која води целодневна хајка за наоѓање на телото. Кога веќе погребната колона е на гробиштата, полицијата дознава и тргнува да го заплени телото. По пат се среќава со поворката и полицајците дознаваат дека закопот е веќе извршен, но сепак одат на гробиштата да се уверат во ова самите. Бугарската полиција го чува гробот за никој да не смее да му се приближи во следните денови, а бугарските власити размислуваат и телото да биде откопано, но потоа се откажуваат од ваквите намери.
Во чест на Мирче Ацев, првиот баталјон на Народноослободителната војска на Македонија, формиран на 18 јули 1943 година, го доби неговото име. Во негова чест и во чест на Пинџур се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“ и „Вардаре горд, подзапри“.
Во негова чест, неколку училишта го носат неговото име: едно основно училиште во Скопје и основното училиште во селото Лажани, Општина Долнени, а порано и основното училиште во селото Лисичани, Општина Пласница. Културно- уметничкото друштво за народни песни, игри и ора од Скопје исто така го носи неговото име.
Страшо Пинџур (5 март 1915 во Струмица- Скопје, 4 јануари 1943)- македонски комунист, учесник во НОБ. Бил прогласен за народен херој на Југославија на 29 јули 1945 година, како еден од првите борци од Македонија кои го добиле тоа одликување (заедно со Мирче Ацев, Стеван Наумов- Стив, Орце Николов, Христијан Тодоровски- Карпош и Кузман Јосифовски- Питу).
Страшо Пинџур
Страхил Пинџур роден на 5 март 1915 година во Струмица, под окупација на Бугарија (денес Македонија)
Починал на 4 јануари 1943 (возраст 27)
Скопје, окупирано од Бугарија
(денес Македонија)
Страшо Пинџур бил пораснат и одгледан од неговата баба Наца Пинџурова.
Страшо Пинџур е роден како Страхил Пинџуров во Струмица на 5 март 1915 година. Рано останал без татко, кого не успеал ни да го запознае, така да единствена хранителка и воспитувачка останува неговата баба Наца, на која ќе ѝ остане приврзан до крајот на својот живот. По смртта на татко му Димитар Пинџур, кој загинал како бугарски офицер во почетокот на Првата светска војна, во борбите кај Криволак, мајка му се премажила во Неготино, а грижата за него ја презела баба му Наца.
Основното училиште го завршил во Ваташа, а нижа гимназија во Кавадарци. По укинувањето на голем број гимназии во Македонија, образованието го продолжил во Крагуевац. Во Крагуевачката гимназија се изградил како напреден младинец и револуционер. Овде доаѓа дошла до израз неговата творечка ерудиција. Дневникот кој го напишал во текот на 1933 година ги потврдува неговите способности како литерат. Покрај другото во овој дневник тој запишал:
„ Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае.“- Страшо Пинџур
Страшо Пинџур со студенти, членови на друштвото “Вардар“ 1936 година.
Потоа обрзованието го продолжил во Белград, каде студирал право. Во Белград се вклучил во револуционерното движење и во 1934 година се зачленил во КПЈ. Како напреден студент, активно се вклучува во друштвото на напредните македонски студенти „Вардар“, а станал член и на Акциониот студентски одбор. Во текот на 1938 година се обидува да се префрли во Шпанија и да се бори заедно со Интернационалните бригади. Тој доаѓа до Прага, но не успева да фати врска и да се враќа во Белград, поради неговата активност бил привиден во полицијата во мај 1938 и спроведен во Истражниот затвор во Ада Циганлија.
Во летото 1939 година во Кавадарци, по негова иницијатива, заедно со Ристо Михов и Ѓошо Бојаџиев, ја обновуваат работата на Комунистичката партија. По завршувањето на Правниот факултет неговата активност како револуционер уште повеќе се зголемува. Бил будно следен од полицијата и повторно е уапсен во истиот затвор. Во еден обвинителен акт е заведен дека работел како адвокатски приправник во Струмица. Пред самата окупација, Страшо бил пуштен на слобода.
За време на НОВ
Поглед на родната куќа на Пинџур, денес претворена во меморијален музеј и заштитена како споменик на културата.
По окупацијата на Македонија, Страшо Пинџур од септември 1941 година е член на Покраинскиот воен штаб, кој има за задача да крене востание во Македонија против фашистичкиот окупатор. Станал член на Покраинскиот комитет како инструктор, а од јуни 1942 година бил член на Главниот штаб на НОВ и ПОМ. Во текот на 1942 година Страшо Пинџур бил член на Покраинскиот комитет, а од јуни 1942 година член на Главниот штаб на Македонија. Есента 1942 бил разбиен Велешкиот партизански одред „Димитар Влахов“. Страшо Пинџур, заедно со Мирче Ацев, дошол во Велес да ја консолидираат работата на партиската организацијата.
Апсењето, мачењето и смртта
На 19 декември 1942 година, тие биле провалени во куќата на Јован Митрев и биле спроведени во Обласната полициска управа во Скопје. Потоа, двајцата биле подложени на невидени инквизициони мерки со цел да ги извлечат бараните информации од нив од страна на бугарскиот окупатор. Мирче не проговорил ниту збор, а Страшо извикал: „Ѕверови! Јас сум Страшо Пинџур! Доста е тоа за вас!“
На 4 јануари 1943 година, во просториите на Скопскиот областен затвор, како последица на силните измачувања, умрел Страшо Пинџур. Истата вечер, неговото тело било однесено во непознат правец и закопано на тајно место, така што до ден-денес не се знае неговиот гроб. На тој начин се остварило претскажувањето од неговиот дневник, кој го водел во 1933 година, каде тој запишал: „Јас ќе умрам млад, а гробот нема да ми се знае“.
Сведоштвото на началникот на Обласната полиција во Скопје, Љубомир Јорданов, вака го опишува мачењето на Страшо.
„Пинџур, освен што го кажа своето име, не сакаше ништо друго да каже. Поради тоа го тепавме. Го тепавме јас, Тенјо Рајков, Илија Николов, Андон Донев, Тодор Маринов… Го тепавме со гумена палка по табаните и по целото тело, кој каде можеше, удирајќи го со клоци по грбот и стомакот, а два- трипати сме му ги ставале нозете во вода и потоа продолжувавме со тепањето. Два дена беше непрекинато тепан. Во мноrу тешка состојба беше вратен во ќелијата. Другиот ден попладне го испратив Тодор Маринов да го повика на сослушување. Тие се вратија и рекоа дека Пинџур умрел во ќелијата. Штом го рекоа тоа, отидов во ќелијата да го видам. Го најдов како лежи во пена што му избиваше од устата. Веднаш му се јавив на началникот на службата за државна безбедност, Васил Цанков дека Пинџур умрел. Тој ме праша, како тоа умрел? Не знам, му одговорив – Не претпоставував дека толку брзо може да умре.“
Потоа агентите и полицијата се обиделе да ја сокријат смртта на Пинџур, за народот да не дознае дека бил убиен во затвор. Тогаш обласниот полициски началник Симеонов наредува трупот да се закопа некаде. Ноќта агентите Тодор Ташев и Анто Георгиев го изнеле телото на Пинџур со моторцикл, но каде го однеле или дали го фрлиле во Вардар, не се знае. Потоа Васил Цанков му наредил на агентот Јорданов заедно со агентите Ташев и Георгиев да одат во Велес, каде требало да спроведе божемна истрага околу Страшо Пинџур. Агентите на неколку километри после Велес го запреле автомобилот и истрелале рафали во ноќта. Потоа повикале полицајци од Велес кои ја затвориле и пребарувале областа каде што пукале со назнака дека бараат затвореник кој избегал, а по неуспешната потрага, се вратиле во Велес каде Јорданов телефонирал на Цанков дека Пинџур успеал да им побегне. На ова Цанков глумел дека е лут поради тоа што Пинџур се спасил.
Одликувања
Орден на народен херој на Југославија
За неговата активност во организирањето на народот за борба против фашистичкиот окупатор, како и за неговото храбро и достоинствено движење во затворот, Страшо бил прогласен за еден од првите народни херои во Македонија на 29 јули 1945 година.
Во негова чест и во чест на Мирче Ацев се испеани песните „Ајде ќе те прашам, бре Донке“. и „Вардаре горд, подзапри“, а засебно за него е испеана и песната „Дувни издувни тихи вардарец“.
Во родното село Ваташа е зачувана Спомен-куќата на Страшо Пинџур, во која, во 1976 година е поставена постојана изложба на експонати поврзани со неговиот живот. Куќата била реновирана во 2012 година.
Извор-Википедија