Се заострува режимот за градби во старото градско јадро на Охрид

(фото: Википедија)

Продолжуваме посветено да ги исполнуваме препораките на УНЕСКО за заштита на Охридскиот Регион, и во таа насока е изготвениот Предлог на закон за измени и дополнувања на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значање. Со Предлог-законот кој Владата го утврди на денешната седница се предлага заострување на режимот на заштита на споменичката целина на Старото градско јадро согласно препораките и Одлуките на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО и согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион со Акциски план (2020-2029).

Најзначајна измена предвидена со Предлог-законот е дека до донесување на новите детални урнбанистички планови усогласени со режимот на заштита утврден во овој закон, не ќе може во Старото градско јадро на Охрид да се градат нови објекти, доградби и надградби.

Со тоа ќе се поттикнат надлежните органи да извршат ажурирање на геодетските подлоги за 19 урбани комплекси и да донесат нови детални урбанистички планови во кои ќе бидат вградени заштитно-кознерваторски основи со детално разработен режим на заштита согласно овој закон и согласно Планот за управување со Светското природно и културно наследство на Охридскиот регион, со Акциски план (2020-2029).

Предлог- законот содржи одредби за специфичен режим на заштита на Старото градско јадро на Охрид и на неговата контактна зона, чија цел е да спречат дејства, појави и влијанија со кои се врши или може да настане оштетување, неповратно видоизменување, уништување или деградирање на споменичната целина.

Министерството за култура во соработка со Управата за заштита на културното наследство и со Завод и Музеј-Охрид пристапи кон изготвување на овој Предлог-закон постапувајќи по препораките на УНЕСКО и заканите кои се евидентирани во Извештаите на Реактивните мониторинг мисии на УНЕСКО / ИКОМОС / ИУЦН од 2017 и 2020 година и во мноштво други релевантни извори.

Старото градско јадро на Охрид е составен дел од доброто заштитено како „Охридско природно и културно- историско подрачје од 1978 година, како и од „Природно и културно наследство на Охридскиот Регион“, впишано на Листата на светско наследство на УНЕСКО во 1979/80 година.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.