Водечки експерти, креатори на политики и застапници од Европа кои се посветени на децата и кои имаат долгогодишно искуство во локалното планирање за децата заедно со локални власти, академици, граѓански организации, млади и деца од земјава беа главните говорници на Меѓународната конференција „Креирај го твоето место за растење“.
Оваа конференција имаше за цел да промовира инклузивни и поддржувачки средини за децата, овозможувајќи увид до знаењето, искуствата и најдобрите практики во спроведувањето иницијативи насочени кон децата низ Европа.
Конференцијата беше отворена со поздравен говор од страна на Мари-Мадлин Канелопулу, раководителка на секторот за економски прашања, градење институции и прекугранична соработка во Делегацијата на ЕУ и Кристина Василеска, Директорка на Центар за семејно и детско згрижување КМОП Скопје.
Во првиот дел од конференцијата се обратија повеќе панелисти. Претставничката на УНИЦЕФ, Патриција Ди Џовани, се осврна на аспектите кои може да ги унапредат општините за да бидат пријателски за децата, а притоа наведе и некои примери од земјата. Претседателот на Прва детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац, се задржа на важноста на учеството на децата во процесите на донесување одлуки. Советникот за образование при кабинетот на градоначалникот на Кисела вода и Градоначалникот на Општина Виница, Миле Петков, ја истакнаа посветеноста на општините во унапредувањето на условите за раст, развој и просперитет на децата, како и потребата од заемно учење и размена на искуства. Доцент д-р Ангелка Кескинова од Институтот за семејни студии на Филозофски факултет сподели свои експертски видувања за како може да се создаде инклузивна средина вклучувајќи ги и децата со попреченост. Додека, Димитар Георгиев, волонтер и средношколец во СУГС „Георги Димитров“, говореше за неговото досегашно учество во локалното одлучување и даде идеи како општините можат да ги вклучат децата и младите во носењето одлуки.
Клучната сесија на конференција вклучуваше презентирање на студии на случај од неколку држави од ЕУ. Стручните лица и претставниците Ставрула (Лина) Антара, УНИЦЕФ Грција, Катерина Самали, општина Катерини од Грција, Јулија Вогербауер од УНИЦЕФ Австрија, Елизабет Венцл од институцијата за Семеен и кариерен менаџмент од Виена, Хајке Тафелмаер, од општина Крефелд од Германија, кои имаат практично искуство во локалното планирање за децата, зборуваа за иницијативата на УНИЦЕФ за пријателски градови за децата (Child-friendly Cities Initiative) во нивните земји.
Младите и децата имаа носечка улога на оваа Меѓународна конференција, Јана Николовска, средношколка во СУГС „Орце Николов“ и волонтерка во ПДАС Меѓаши, беше модераторка и водителка на настанот, заедно со Сара Таири ученичка во ученичка во СУГС „ Зеф Љуш Марку“ и Габриел Шаип ученик во деветто одделение во ООУ „Браќа Рамиз и Хамид“. Матеа Чанкуловска, средношколка во СУГС „Никола Карев“ и волонтерка во ПДАС Меѓаши, одржа презентација за проектот „Место за растење“, а сите присутни млади и деца заедно со претставниците на локалните власти од Кисела Вода, Виница, Гостивар, Велес и Дебар, училиштата и граѓанскиот сектор, заеднички учествуваа во практична работилница за креирање на нивната визија “општина пријател на децата“.
Оваа конференција претставуваше уникатна и несекојдневна можност да се слушне и научи од искуствата и практиките на водечки локални самоуправи од Европската Унија кои се посветени на децата, а воедно и да се споделат визиите, предизвиците и можностите на општините од државата во насока на промовирање, остварување и заштита на правата на децата. Конференцијата беше платформа за инспирирање на општините во нивните заложби за креирање локални заедници во кои децата ќе живеат здрави, сигурни, среќни и поддржувани.
Настанот се одржа на 25 октомври 2023 година, во хотел Холидеј Ин од 09.30 до 14 часот. Видео преносот од конференцијата може да го проследите на следниот линк.
ЗА ПРОЕКТОТ:
МЕСТО ЗА РАСТЕЊЕ има за цел да ги зајакне напорите на локалните власти за унапредување на правата на децата и нивното учеството во локалното планирање.
Проектот ќе се спроведува 30 месеци и во тој период ќе ги поддржи општините Виница, Дебар, Гостивар, Велес и Кисела Вода во развивање и операционализација на клучни стратешки документи за унапредување на правата на децата врз основа на специфичните потреби, перспективи и очекувања на децата.
Проектот е финансиран од Европската Унија а го спроведуваат Првата детска амбасада во светот Меѓаши и Центарот за семејно и детско згрижување КМОП Скопје.
За МЕЃАШИ: ги застапува и заштитува правата на децата, поттикнува одговорно родителство и почит на детската личност, го зајакнува граѓанското движење за правата на децата, детското учество и се залага за функционалност на институциите во најдобар интерес на детето.
За КМОП Скопје: Центар за семејно и детско згрижување – КМОП Скопје е регистрирана како локална граѓанска организација во 2017 година и се фокусира на поддршка на ранливите групи преку имплементација на социјални иницијативи, едукација, истражување и обезбедување на социјални услуги.
Во врска до конференцијата mia.mk пренесе и изјави од самата конференција, потпишани од новинарката Хатка Смаиловиќ.
– Децата да бидат во сржта на донесувањето одлуки, да не се чекаат пари од ЕУ или од УНИЦЕФ, туку општините да го оптимизираат буџетот што го имаат, не само тој за образование, и да биде скроен за заедницата да биде попријателска и поодговорна кон децата, порача претставничката на УНИЦЕФ во земјава, Патриција ДиЏовани, на меѓународната конференција „Креирај го твоето место за растење“.
Конференцијата ја организираше Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП) од Скопје во соработка со Првата детска амбасада во светот Меѓаши, посветена на подобрување на благосостојбата на децата на локално ниво. Беше претставен проектот „Место за растење“, финансиски поддржан од Европската Унија, кој има цел да ги зајакне напорите на локалните власти за унапредување на правата на децата и нивното учество во локалното планирање.
Проектот ќе се спроведува 30 месеци и ќе ги поддржи општините Виница, Дебар, Гостивар, Велес и Кисела Вода во развивање и операционализација на клучни стратешки документи за правата на децата врз основа на специфичните потреби, перспективи и очекувањата на децата и ќе им обезбеди ефективни алатки за следење на нивното спроведување. Целни групи ќе бидат претставници на локалната самоуправа, наставниот кадар, деца на возраст од 3 до 18 години.
ДиЏовани посочи дека УНИЦЕФ долго ја има програмата „Градови погодни за деца“ каде секое дете расте безбедно, има пристап до основни услуги – чист воздух и вода, средина каде што може да игра и учи и каде гласовите им се слушнати и значат во заедницата.
Таа соопшти податоци од анкета на млади во земјава според која 610 сметаат дека немаат никакво влијание на начинот на кој работи власта, а 85 проценти кажале дека никој не ги консултира.
-Тоа е многу, тоа е мнозинството. Само 19 од 81 локална самоуправа имаат младински совети. Ова е третина. Само 20 проценти деца од рурални средини одат во предучилишно образование и 40 од градовите. Тоа не е доволно и тоа се децата кои не се подготвени на шест години да почнат со училиште, рече ДиЏовани.
Го посочи како негативен пример ставот на некои градоначалници од лани да ги затворат училиштата за да заштедат струја и соопшти дека со поддршка на Светска банка УНИЦЕФ работи на програма за оптимизирање на буџетот и за таа цел соработува со десет општини за поефикасен образовен систем.
УНИЦЕФ има апликација U-Report со која ги прашува младите за теми што им се важни и информациите, како што рече, ги користи за да ги застапуваат кај носителите на одлуки – министерствата и Владата. Досега ги консултирале за неколку теми, како климатски промени, онлајн-безбедност, сајбер-насилство, младинско учество. Апликацијата се користи и за младите да дадат мислења за Младинската стратегија на УНИЦЕФ 2023-2027.
Драги Змијанац, претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, која постои 31 година, на отворањето на конференцијата рече дека Македонија е една од ретките земји каде децата двапати доставувале извештај подготвен од деца за состојбата со правата на децата и го бранеле пред Комитетот за правата на детето во Женева – еднаш со присуство, а вторпат онлајн во време на пандемијата.
Посочи дека деца волонтери во Меѓаши учествуваат во креирање документи, како што е стратегијата на Град Скопје која, рече, е заглавена во некоја фиока.
– Таа е готова, Град Скопје даде финансии, ние учествуваме, децата беа активни, но е заглавена во фиока. Ќе почекаме некое време, ако не, ќе одиме со акции, можеби и герила акции, со транспаренти пред Град Скопје: Бараме стратегијата да се спроведе. Ете, и тоа е детскиот активизам, рече Змијанац.
„Меѓаши“ соработува со многу општини и неколку пати, рече Змијанац, успеале да ја сменат законодавната власт во некои од нив затоа што не било исполнето ветувањето на она што децата на работилници го искажале што им е потребно во градот каде што живеат.
-Децата бараат осветлување, инфраструктура, во некои градови бараат театар, кино, бараат велосипедски патеки, заштита од улични кучиња. Сите можни барања им се доставени. Но, политичарите ветуваат ама тешко исполнуваат. Јавна критика до сите политичари – ако се залагаат за правата на децата, не треба да го одбележуваат само 20 Ноември – Светскиот ден на детето, па дури и да го узурпираат тој ден кога сите се сликаат со децата, туку треба напорно да работат 365 дена, истакна претседателот на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.
Мари-Мадлин Канелопулу, раководителка на сектор во Делегацијата на ЕУ, истакна дека темата за правата на децата е вметната во Договорот за Европската Унија и е високо на агендата на ЕУ.
-Во последно време повторно темата за заштита на децата се става на врвот на агендата. Една поговорка вели дека е потребно цело село да се одгледа едно дете. Денешниот настан вели дека е потребна цела општина, цел град кој ќе биде приспособен да ги исполнува нивните потреби. Потребна е заложбата на целокупната заедница, на градските власти, за тие да ја создадат најдобрата можна средина во која ќе се негуваат децата и локалните власти нив ќе ги третираат како рамноправни граѓани со свои права. Децата мора да научат од најрана возраст како да комуницираат со своите локални заедници, рече Канелопулу.
Кристина Василеска, директорка на Центарот за семејно и детско згрижување (КМОП) кој ја организираше конференцијата, истакна дека оваа иницијатива за унапредување на правата и заштита на децата е доказ за колективното уверување за иднина во која децата и младите ќе бидат слушнати и вреднувани во средини кои се креирани токму за нивната благосостојба.
-Сигурна сум дека денешниот настан ќе биде исполнет со идеи и ќе резултира со конкретни договори и акции и ќе биде извор за нови знаења и партнерства меѓу нас. Тргнуваме на пат за оформување урбани средини и простори кои ќе им дадат приоритет на потребите, аспирациите, среќата на нашите најмлади граѓани. Нашата иницијатива има цел да воспостави простори во кои гласот на децата ќе биде слушнат и ќе биде земен предвид, градови во кои децата би се чувствувале безбедни, поддржани и вклучени, порача Василеска.