Сеќавање на Реџеп Пампур, тв лик кого го сакаа сите!

27.11.2024

На денешен ден пред осум години нѐ напушти пoпуларниот, а веројатно и најпопуларниот и најомилен македонски телевизиски водител, Реџеп Пампур, кого јавноста го препознаваше по емисијата „Пулсирања“ и по неговата искрена насмевка, а пријателите по неговиот прекрасен другарски карактер.

Промоција, концерти, изложба, журки, беа негови омилени настани. Го нарекуваа и мајстор на анкетите. А со колегите не пропуштапе прилика за коктел-дружење.

Реџеп во Македонска телевизија (а и во други редакции) каде беше мегаѕвезда, немаше решение. Беше хонорарец.

-Кога ќе му речевме:„Oди разговарај со уредниците“, велеше „Разговарав. Кој ти дава решение“, велат колегите за незаборавниот ТВ водител.

Се запознал со Џорџ Клуни на снимањето на филмот „Миротворец“ во Македонија, седеле на маса и Џорџ му побарал цигара.

Беше љубител на филмот. Љубовта кон филмот му го донесе големото пријателство со режисерот Ацо Ѓурчинов („Исправи се Делфина“) кој своевремено за Реџо рече дека е забавен, бескрајно шармантен и добро информиран човек, кому му нема рамен за дружење, пренесува новинарот Васко Марковски во своите пишувања.

Колегите со кои работел велеа пак дека било привилегија да се работи со него. Беше вицкаст и сакаше анегдоти, а бидејќи прифаќаше шега со насмевка, сакаше да му кажуваат дека има фризура која е иста како неговата и во фризерските салони ја нарекуваат “Пампурка”. Главна анегдота за него е она кое на шега знаел да го каже: „Јас во животот не барам многу. Да има колку за парче леб и – за виски!“

Беше љубител на мотори, но за жал една сообраќајна несреќа со неговиот мотор го врза за кревет последните години од неговиот живот, но и тогаш не забораваше да е љубезен и фин со сите.

Обожаван во секое друштво а посебно кај шармантната девојката која беше негова најголема љубов до крај. Таа и ден денес со многу почит зборува за него и љубовта која ѝ ја подари, а за неговата џентлменска култура вели му немало рамен.

Почитта за Тв за легендата е присутна и ден денес, кај сите кои го познаваа.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.