Средба со Елена, Катерина и Бојан од стимулативната и забавна програма за лицата со атипичен развој “Поддржи и ти”

13

Елена Стојановска, Катерина Димова и Боја Џамбазов се дел од стимулативната и забавна програма за лицата со атипичен развој “Поддржи и ти”.

*Која е целта на програмата “Поддржи и ти”?

Елена Стојановска: Оваа програма има за цел да создаде забавна и поддржувачка средина каде децата со атипичен развој можат да развијат важни социјални вештини додека уживаат во групните активности. Лицата ги истражуваат и развиваат своите вештини преку уметност, танц и физички активности. Програмата е активна од 2023, една година. За оваа една година изработивме многу креативни содржини, се дружевме, заеднички пронаоѓавме решение на сите предизвици со кои што се соочуваат родителите на овие деца. Летово се дружевме секој ден од осум до тринаесет часот. Снагата за да продолжиме понатаму ја добиваме од среќните лица на децата и задоволните родители.

* Како произлезе идејата за програмата?

Елена Стојановска: Програмата “Поддржи и ти” произлезе од секојдневната пракса и искуството на групна работа со деца. Самата бев во личен процес, каде што увидов дека поддршката, односно групната поддршка е од исклучителна важност за правење на промена и личен раст и развој. Па оттука, се сеќавам идејата ја споделив на мојот драг колега Бојан и тргнавме во креирање на уникатната и единствена приказна, Поддржи и ти. Секоја наша роботилница, идеја ја имаме споделено на инстаграм профилот @serkaterinadimova.

* Кој сѐ може да се вклучи во оваа иницијатива?

Елена Стојановска: Поддржи и ти е програма за сите нас, за целото општество. Вклучени се родители, здруженија, општествено одговорни фирми и она што нам ни е многу битно, вклучени се и студенти од специјална едукација и рехабилитација, логопедија, психологија. Од исклучителна важност ни е знаењето да го пренесуваме на нашите идни колеги, затоа што само со пренесувањето на знаењето од генерација на генерација правиме вистински општествени промени.

* Како продолжувате понатаму и дали родителите сами го финасираат присуството на нивното дете на овој тип на едукативна работилница?

Елена Стојановска: Крајот на септември продолжуваме со нашите нови активности и е сосема нешто ново. За разлика од тоа што го имавме претходно, ќе има многу танцување, еко содржини, психомоторни вежби, активности во природа и секако активности коишто спаѓаат во групата на усвојување домашни вештини. Голем дел од родителите финансиски сами го покриваат присуството на своите деца во групните работилници. Дел од родителите имаа финансиска поддршка од здружение каде што се членови како родители на лица со атипичен развој. Од истата таа причина ги повикуваме сите опшествено одговорни фирми да се вклучат со цел олеснување на финансискиот терет на родителите.

* На кој начин стартувате во наредниот период?

Елена Стојановска: Секогаш ги слушаме потребите на децата и родителите. Земајќи во предвид дека започнува учебната година, работилниците ќе се оддржуваат два до три пати неделно. Како и до сега дел од работилниците ќе се оддржат во просториите на нашето советувалиште Неуроклиник, дел од нив очекуваме потврда за нов простор. Овој пат имаме проширување на целата програма, а и едно изненадување за родителите, сега за сега го чуваме во тајност.

*Катерина и Бојан, Вие сте главни носители на оваа програма, која е вашата порака која што ја праќате до сите нас?

Катерина Димова: Емоционална безбедност, љубов, валидизација, поддршка, самостојност на детето се деловите што му се потребни за развој на едно дете, а ние тоа го овозможуваме преку нашата програма поддржи и ти. Имаме уште многу работа, сите ние, целото општество. Промената ја правиме сите тргнувајќи од себе си. Не добиваме ништо ако топката на одговорност ја префрлуваме од еден на друг.

Бојан Џамбазов: “Поддржи и ти” за мене е спој на љубов, насмевки, емпатија и прифатеност на сите, посебно за децата со атипичен развој кој растат, учат се забавуваат во целиот процес.

*Како родител на дете со атипичен развој сте дел од оваа програма, кој е вашиот фидбек.

Елена Стојановска: Сакам да изразам огромна благодарност до Бојан и Кате и останатите кои се дел од иницијативата “Поддржи и ти”… Пресреќна сум што конечно ги најдовме вистинските луѓе кои навистина се заинтересирани за предизвиците со кои се соочуваат нашите семејства секојдневно и што превземаат активности со цел децата да бидат среќни и исполнети. Посебно ме радува што е ставен акцент на заеднички ангажман на децата во секоја активност со цел стекнување на социјални вештини, бидејќи социјализацијата генерално изостанува поради индивидуалните третмани на секое дете. Сметам дека е од исклучителна важност ваквите иницијативи да бидат поддржани и на повисоко ниво од страна на соодветните институции бидејќи го подобруваат квалитетот на животот на нашите деца во секоја смисла. Ние како родители даваме безрезервна доверба и поддршка и со нетрпение ја очекуваме следната дружба.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.