Четирите основни училишта во општина Гевгелија ги прогласија 4 Првенци на генерација во учебната 2021/2022 година. Согласно критериумите за постигањата во текот на основното образование и донесените Одлуки на Наставничките совети при училиштата, за Првенци на генерација се избрани учениците: Ѓорги Новаков од ООУ „Владо Кантарџиев“- Гевгелија, Софија Иванова од ООУ „Крсте Мисирков“- Гевгелија, Димитар Боболков од ООУ „Ристо Шуклев“- Негорци и Леонид Цуклев од ООУ „Климент Охридски“- Миравци. При доделувањата на свидетелствата на сите деветтооделенци, им беа врачени и признанијата и симболичните подароци на првенците.
За именувањето како Првенци на генерацијата, деветтооделенците ја искажаа својата благодарност кон своите наставници, а за тајната на успехот во постигнувањето резултати истакнаа:
– За да бидеш добар во нешто, значи да сонуваш, да се бориш и да ја постигнеш својата цел, давајќи се од себе. Тогаш се раѓаат нови соништа, нови мечти и нови планови за достигнување на целта. Училиштето е првиот чекор во големиот живот за секој човек. Тука стекнуваме знаење, ја негуваме волјата и духот. Навистина сакам да учам, да откривам нешто ново и интересно во разни области на науката, вели Ѓорги Новаковски;
– Чест и задоволсво е да се биде Првенец на генерацијата. Не беше тешко, затоа што континуираното учење, желбите за новите знаења и учество на натпревари ми беа задоволство, истакна Софија Иванова;
– Не беше многу тешко, но, сепак, требаше да се одвои доста време за учење. Кога ќе се посветиш на некоја своја идеја, бори се да ја реализираш, затоа што тоа е твојот сон, вели Димитар Боболков.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.