Претставата “Писание” ќе се игра во салата на Општина Велес на 2 март (сабота) со почеток во 19 часот. Темата е „Писание“ или народски кажано „што е тоа судбина“.
Дали судбината ни е напишана од самото раѓање или сами си ја предизвикуваме и можеме ли да ја менуваме, е прашање на ова драмско парче.
Пример:
– Дали Александар Македонски можел да бира или тој уште од раѓањето бил предодреден за тоа?
– Дали Рацин сам си ја предизвикал судбината? Ако ги немал тие пориви и си бил само обичен грнчар ќе доживеел длабока старост со внуци и правнуци?
-Доаѓањето на Апостол Павле во Македонија. И други сцени во живо.
-Постои судбина или сами си ја кроиме? – како да се смени „судбината“ .
-Доколку пред вас имате книга во која го пишува целиот ваш живот, дали ќе посегнете по неа за да ја прочитате?
Луѓето најмногу сакаат да си ја откријат судбината за да ги избегнат грешките, болката, тагата и фрустрацијата. Често пати, луѓето мислат дека од „судбината не се бега“, но вистината е дека ние самите ја создаваме нашата судбина- со своите мисли, зборови и дела. Имаме неограничена слобода на избор, слободни сме да ја обликуваме „судбината“ што ја замислуваме, сакаме и заслужуваме.
Сфатете дека моќта е во вашите раце- животот е она што го создаваме и избираме за себе. Дури и кога се случуваат бури, имаме избор како да му пристапиме на тој предизвик.
Вашата потсвест е вашата судбина, бидејќи потсвеста контролира автоматизирани дејствија или навики. Запомнете ја поговорката: кој сее навика ќе жнее судбина. Од свест до потсвест.
Затоа работете повеќе на себе, разберете се подобро, разговарајте со себе и сакајте го своето битие. Ослободете се од сето она што е негативно, пуштете го минатото зад вас, бидејќи тоа е она што ве кочи. Земете си го животот во своите раце и вие бидете креаторот на личната судбина, се вели во основата на оваа драма.
***
Драмското студио „Словото“ постои многу години и армија на деца излегоа од таа школа. Младите актери во велешкиот театар, сега веќе со завршена академија за драмска уметност се излезени од оваа школа.
– Јас како ментор Весна Димитрова- Бобевски дипломиран актер и вработена во велешкиот театар, работам со деца повеќе од 30 години и до денес немам наплатено ни денар од ниедно дете. Работам со голем ентузијазам, љубов, посветеност… Сум дала шанса на секое дете кое изразило желба да учествува, особено на деца од социјално ранлива категорија. Вака ќе работам сѐ додека можам, веројатно ова било мојата „судбина“ или јас така сум си ја предизвикала. Имам 58 години со деца почнува да работам од 23 години, како да сум знаела дека „мои“ нема да имам. И покрај многуте напори или обиди што ги направив јас не се реализирав како родител. Една од мајките на децата со кои работев, пред неколку година ми кажа една изрека што ја прочитала: „Бог не ѝм дал деца на оние што имаат многу љубов, затоа што тие имаат љубов за многу деца не само за нивните две“… Не знаеме која е вистината, само Бог знае, така ни велеа од мали, особено нас деца од село…
Студиото „Словото“ има многу успеси меѓународни и домашни и ние со оваа претстава во октомври месец учествувавме на фестивал во Сардинија и добивме две награди, ни открива актерката и менторка.