Отворена на сензорна соба во ООУ „Страшо Пинџур”

Неготино , 21.11.2022 – Од денес, ООУ „Страшо Пинџур” – Неготино располага со сензорна соба опремена со мноштво на дидактички материјали, сензорни елементи и рехабилитациско-рекреациска опрема. Оваа активност е спроведена како дел од Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој е финансиран од Европската Унија и претставува уште една активност во насока на подобрување на инклузивноста на основните училишта во државата.
Во рамките на овој проект се доделуваат стипендии на учениците со попреченост и се обезбедува туторска поддршка, се поддржуваат наставниците, инклузивните тимови и образовните асистенти преку обуки за професионален развој. Се работи и на подобрување на пристапноста и инклузивноста во училиштата. Овој проект го спроведуваат Фондацијата „Чекор по чекор”, заедно со своите партнери Здружението за промоција и развој на инклузивно општество „Инклузива” и Здружението за давање услуги на лицата со попреченост „Хандимак”, а се реализира вo соработка со Министерството за образование и наука.
„Чест ни е што соработката со Проектот „Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран ” ја продолжуваме и продлабочуваме. По отворањето на првото инклузивно игралиште во општината, денес отвораме и сензорна соба. Овие инклузивни игралишта и сензорни соби во училиштата на нашата општина се пример за подобрување на инклузивните капацитети во образовните институции. Придобивките од нивното постоење се огромни, не само за учениците со и без пречки во развојот туку и за стручните служби и наставниот кадар кои добиваат алатки со кои можат да им пружат соодветни образовни услуги на децата. Доколку создаваме инклузивни заедници, постојано ќе ги подобруваме капацитетите за создавање инклузивна култура не само во училиштето, туку и во општината.” изјави градоначалникот на општина Неготино, Горан Стојанов.
Исто така, денес во рамките на проектот “Биди ИН, биди ИНклузивен, биди ИНклудиран” кој е финансиран од Европската Унија се одржаа средби со родители на деца со попреченост каде се разговараше за предизвиците на децата и возрасните лица со попреченост од општина Неготино и се отворија теми од областа на образованието, здравството, локалниот активизам и активности кои можат ги подобрат условите за лицата со попреченост од овој регион.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.