ОД МОЈ АГОЛ: “Не” за овчари!

Пред отприлика трисеттина години во една прилика драгиот и ценет новинар и уредник на економска рубрика на “Вечер”, господинот Јован Павловски, ми рече дека оваа земја нема најсовремени фабрики, ама сепак може да биде една од најбогатите во Европа доколку се сети на овчарство и го усоврши одгледувањето на над 2.000.000 грла, колку што имаат капацитет пасиштата на планински падини. Само доколку ние не би се срамеле од тој поим.
Ми изгледаше доста ретроградно и нелогично, со оглед на тоа што бев доста млада и со визии за “приватни летала” што ги очекуваме што поскоро, но не е туку така кажано дека треба да учиме од повозрасните дури и кога она што го кажале нѝ изгледа чудно и по малку смешно. Искуството е драгоцено.
Потолку години, па и децении, му се поклонувам на советот кој го даде, базиран на неговите знаења, скапо нѐ чинеше срамењето. И, ех да беше тој совет послушан сега ние немаше да ги броиме ситните пари од џебовите ниту да ги броиме лузните од железната канџа од извршителите, од каматите од брзите кредити, ниту ќе далдисавме од неправдите и раните што катадневно безмилосни нѝ ги прават зло-врзани политичари и политичари, без трошка милост и без осет за животот како поим, за човештвото и за времето во кое се родиле.
Ќе го имавме најважното- храна и мир! И не ќе зависевме од никого.
Оваа земја навистина има фантастични услови за овчарство, сѐ што требаше е само да се развиваат модерни услови на бачилата.
Не е срамота да ја работиш таа работа. Има куп бенефити. Како прво, овчарите како позитивни ликови се опеани во безброј традиционални песни: “овчарче младо чобанче” е секогаш позитивен лик. Секогаш е вредно и паметно момче, кое носи среќа, овчарот е застапен и во митологијата.
Во напливот на снобизам (без покритие) и нереално составување на некоја чудна слика за себе си како “високо развиено и урбано општество”, иако сите параметри го говорат спротивното, стана речиси срамота и потценувачки да си овчар.
Затоа што, со потсмев се говори за нив како за неуки, неписмени, некапени луѓе, кои ете ништо не разбираат.
Јас се извинувам, но за да ја работиш таа работа ти мора да си првенствено многу психофизички здрав,способен и полн со итрина и со снаодливост, зашто инаку овците ако не умееш да ги чуваш и немаш сенскако во секое време да ги надгледуваш и контролираш со сите свои сетила, тие ќе ти се разбегаат.
Кој ли само фрли таква лоша аура врз поимот овчар? Овчар не загубил овци,но за некој измамник на висока општествена позиција кој не може да се пофали со добар ум и разум често велиме, “две овци да му дадеш и нив ќе ги загуби”.
Не велам дека е лесна таа работа, но не е потешка ни од работникот на скеле, ни од оној што цел ден копа за да преживее, или оној кој растоварување или товарува тешки работи за дневница.
Да не зборувам и за другиот бенефит, слободата што ја имаш, постојаната активност и чистиот воздух низ планините.
Верувајте ми, нема овчар со загаден ум и со загаден дух. Не сум сретнала. Многу полошо поминуваат здравите мажи, а се се затвориле во канцеларии и нормално е со годините да добиеш и некоја непогода психичка состојба или депресија, во таков “невидлив кафез”.

Неодамна бев со промотивна туристичка група низ Малешевијата, со Програма за зачувување на природата во Македонија (проект на Владата на Швајцарија, координиран од „Фармахем“ од Скопје, заедно со туроператорите „Балкан Прајм Турс“ и „Маунтин експириенс“. Најпрво не однесоа во трло. Сопственикот, со изразита интелегенција, нѝ објаснуваше дек неговото трло брои околу 500 овци, има тројца овчари и иако ѝм дава плата од 500 евра, не може да најде. А му требаат. И неговите деца вели дека нема да ја продолжат семејната традиција, решени за заминување во странство, не е за парите, пари имаат. Од другите познати причини овде кои сите нас нѐ праваат оштетени и несреќни луѓе.
Нема дискусија дека сите сме ние со селски корен, и дека нашите претци, особено во Егејот, биле или земјоделци или овчари или говедари. Тоа не треба никого да навредува. Тоа се чесни професии зошто никому не штетат, а од животните ги користиш млекото и млечните производи. Не е продавање ветер во магла. Продавање сирење е. Инаку за информација еден килограм чини 450 денари, на фармата која ја посетивме. А инаку, низ разговор открив дека сопственикот, Маноил Стефановски е дипломиран историчар на уметност, кој немал работа и ѝм се вратил да ги искористи своите 50 хектари земјиште, на кои сега пасат неколкуте стотици негови овди а сѐ на сѐ, нѝ откри, дека оваа земја нема повеќе од 7.000 грла, што е премалку. Ами разликата до 2.000.000 овци?

Овчар!
Што ли е тоа толку лошо? Тие се културни, информирани, а многу од нив и едуцирани луѓе. Со дипломи. Познавам и 2ден таков многу едуциран овчар од Арачиново.
. На враќање, долго размислував дека многу невработени би си ја пронашле среќата доколку се одлучат да ја поработат оваа работа, година, две, три, колку можат… А зошто не сакаат? Не е потешка од многу други, немаш шеф кој постојано ќе ти ги кине нервите не си затворен како осуден во четири ѕида да го поминуваш работниот ден.
На крај, секако сама ми дојде мисла дека можеби само називот “овчар” веќе, неправедно, нѐ асоцира на нешто не толку добро, така веќе ни се вкоренило во нашите глави. А да би се нашол нов збор можеби сѐ би звучело поинаку, и многу млади наместо да заминат да “слугувваат” со секакви физички работи некаде, би останале овде и би ја прифатиле и оваа работа.
Ако ништо друго, барем здравјето ќе им биде прилично загарантирано. И ќе јадат вкусно сирење, ќе пијат пресно млеко. Нешто што повеќето веќе не можат ни да си го дозволат на трпезата.
А, природата и домашните животни, не може да те изневерат, од нив имаш само ќар. Само треба да ја пружиш раката и да го земеш, или со речникот на овчарите кажано, да го собереш кајмакот.
На здравје!

Валентина Ѓоргиевска Парго
ННезависен новинар и уредник во “Куларт”

д

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.