Охрид 11 ноември, 2021
И овој пат предлогот на нови книги во НУ Библиотека „Григор Прличев“ од Охрид го отстапуваме за најмладите читатели. Од богатата продукција на издавачот ЛИБИ на полиците за зајмување веќе се следните наслови:
„Кучето што Нино го немаше“ од белгискиот автор Едвард ван де Вендел. Оваа наградувана сликовница на суптилен начин ја отсликува уметноста за наоѓање рамнотежа помеѓу имагинацијата и реалноста. Во неа се раскажува емотивна и освестувачка приказна за едно осамено момче Нино, чиј најдобар пријател станува кучето, кое тој го замислува.
„Риба за Луна“ од Лиса Аисато е писател и илустратор, која е влезена во потесен избор за наградата „Ханс Кристијан Андерсен“ во 2016 година, како и во потесен избор за Меморијалната награда „Астрид Линдгрен“ во 2015 година. Во „Риба за Луна“, Лиса Аисато со огромна храброст ги истражува големите животни прашања и презентира еден свеж поглед на човечката осаменост и надежта, виден од перспектива на децата. Интензивните детски чувства во случајов се персонифицирани во обликот на една осамена, необична риба. „Риба за Луна“ е уникатна и прекрасна сликовница за деца и возрасни. „Риба за Луна“ е влезена во потесен избор за наградата „Браге“, потоа за „Најдобра сликовница“ во рамките на Книжевните награди за деца и млади на Министерството за култура на кралството Норвешка во 2014 година, и наградата „Бук Блогер“ во 2014 година.
„Совршена дремка“ од Пато Мена е сликовница со големи шарени илустрации и една забавна приказна за неколку животни од џунглата.
Сè започнува со ветувањето на ракунот дека ќе го разбуди јагуарот од неговата попладневна дремка, за да не се успие. Да ветиш некому дека ќе го разбудиш од спиење е голема одговорност, но тука малку се комплицираат работите. Ќе успее ли ракунот да го одржи ветувањето?
„Тука сме или Упатство за живеење на планетата Земја“ од Оливер Џеферс Исклучително слатка, со нежен хумор и остроумност, „Тука сме“ претставува сликовница-упатство за живеење на планетата Земја. Авторот Оливер Џеферс ја создаде специјално за неговиот син, но со универзален тон што им се обраќа и ги опфаќа сите деца на светот и нивните родители.
„Ѕвездено дете“ од македонскиот автор Ване Костуранов. Ѕвездан е дете кое живее меѓу ѕвездите. А кога живееш меѓу ѕвездите, животот ти е исполнет со нив.
Ѕвездан е вистински мајстор за ѕвезди: ги поправа кога ќе престанат да светат, пловејќи меѓу нив со своето бротче. Исплашен од помислата некоја ѕвезда да не падне, Ѕвездан доаѓа до едно големо откритие… што понатаму ќе го одведе до нешто сосема, сосема неочекувано…„Ѕвездено дете“ е нежна, ѕвездена приказна за желбите, стравовите, осаменоста и љубовта.
Потсетуваме дека пултот за зајмување книги во нашата библиотека за читателите е отворен од понеделник до петок од 8 и 30 до 18 и 30 часот.
Годишната членарина за деца е 200 а за возрасни 300 денари.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.