Меѓународен ден на семејството- Развој на комуникацијата во семејството е основа за здраво семејство

Комуникација дете-родител-семејство-Комуникациски  вештини во семејство

Пишува М-р по комуникации Татјана Гогоска 

Истражувањата во доменот на детската психологија одамна го утврдиле силното влијание на мајката врз емоциите на детето, со оглед на тоа што таа е најблиска со него во првите месеци од животот. Има истражувања во кои се поврзува вознемиреноста на плодот во утробата на мајката кога таа е вознемирена. Со исти механизми дејствуваат и позитивните емоции. Плодот го регистрира ведрото расположение, смиреноста и задоволството кај мајката, па затоа, кога се проучуваат емоциите се почнува уште од преднаталниот период. Народното искуство покажува дека децата чии мајки се задоволни, смирени и не се плашливи, имаат добар метаболизам, брзо почнуваат комуникација преку погледот и насмевката и обратно. И таткото има истозначно влијание доколку е вклучен во одгледувањето на детето и во раниот и во доцниот период на растење. Истото се однесува и на други лица од семејството (баба, дедо, тетки,браќа,сестри и слично.)

Истражувањата за развојот на детето воопшто и посебно за развојот на неговата емоционална сфера во семејството, можеби се и најбројните во светски размери. Речиси ретко кој психолог и научник се воздржал да не згази во интересното поле на детскиот развој. Затоа се осветлени многу психолошки аспекти, иако во самите истражувања често се јавува едностраност, а меѓу психолозите се развила остра критичност. Во 1978 година германскиот филолог Праер (Praeer)  го објавил трудот „Душата на детето“,  која претставува своевиден дневник на однесувањето на неговиот син од првата до четвртата година на животот. Во однос на претходните трудови неговиот е многу поиздржан бидејќи податоците кои ги опишувал ги одделувал од своите интерпретации и затоа го именуваме. Под негово влијание се јавуваат многу трудови во разни земји кои најмногу се посветени на стравот (појавата и исчезнувањето) и на расположението.

Во 1928 година Американецот Вотсон ја објавил книгата „Психолошка нега на бебето и детето“, во која детално ги изнел своите ставови за развојот на емоциите кај децата и дал совети за постапување кон децата. Во оваа книга тој објаснува дека сите видови стравови (освен вродениот) се формираат во семејството како и сите изливи на љубов и гнев т.е. сите позитивни и негативни емоции.

Според сето ова објаснето, за да се изгради позитивен отворен простор за комуникација во семејството потребно е да се употребуваат позитивни вештини, а тоа се: гледање во очи, искрено зборување; воздржување од здодевност; почитување на времето и интересите на другите и отворен приод.

Со вака поставената комуникација во семејството меѓу сите членови е поставен комуникациски однос кој кажува: кога е најдобро да се зборува, а кога е најдобро да се премолчува; со назнака дека е најважно во семејството сите членови секогаш да се искрени и која било вештина да ја употребуваат најважно е да биде искрена. Негативната комуникација во едно семејство најчесто се појавува кога еден од членовите се чувствува запоставен или онеправдан. Која комуникациска вештина може тогаш да се употреби како негативна? Ги има повеќе: викање, кавга, лутење, игнорирање и затворање во себе. Овие вештини се вклучени во негативните комуникациски вештини кои или даваат краткотраен резултат или воопшто не даваат никаков резултат.

Исто така важен сегмент во семејното равзивање и позитивен раст е користењето на слободното време и користењето на посебни ситуации за подобрување на семејната комуникација. Едно од најефикасните вештини за подобрување на комуникацијата во семејството и прифаќање на поставеноста на семејството со почитување на авторитетите, е заедничкото користење на слободното време. Секој момент од слободното време на сите членови во семејната клетка е важна. Ако сте дома може да играте домашни игри, ако сте надвор можете да одите на културна манифестација, во кафуле или на сладолед. Тогаш со таква вештина се избегнуваат сите недоразбирања, речиси сите различни ставови се надминуваат и сè е полесно и поедноставно. Ако сакате нешто да добиете, а не се сложуваат сите во семејството, најдобриот начин е да го поминете времето заедно и опуштено да разговарате. Вештината на опуштеност во решавање на семејни конфликти, конфликти со родители како авторитети и деца е најефикасната семејна комуникациска вештина.

Најважен елемент во една комуникација во семејството е вештина на искрен пристап. Доколку ја применувате мора искрено и полека да ги објасните сите ваши желби, барања и потреби за да можете да успеете во тоа што е вашата намера.

Воедно е најважно е да научите да слушате да бидете трпеливи и да немате негативен комуникациски пристап.

Фото: www.kulart.mk , google/images

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.