Скопје,11.08.2024
Уште еден потпис е ставен на “Декларацијата за мир против сите војни и против употреба на нуклеарно оружје” која беше покрената деновиве во Скопје, од страна на уметникот Живко Поповски Цветин и Цветиновиот комитет за мир, а во знак на горчливо сеќавање на бомбардирањето на Хирошима (6.08.1945) и Нагасаки( 9.08.1945) со атомски бомби.
Станува збор за познатата македонска писателка, поетеса и аматер уметница, младата скопјанка Марија Прличкова- Нешовска (родена на 09.02.1994 во Скопје). Апосолвентка на Факултетот за психологија при „Меѓународниот Славјански Универзитет“ во Свети Николе.
Марија е сопственик и ко-основач на интернет- порталот „Жена на жена”, досега има напишано две книги насловени како „Марла“ и „Моето име е Марла“, и над сто дела во поезија и проза испишани на три јазици: македонски, англиски и српски. На сите полиња постојано делува во насока на подобрување на животот и релациите меѓу луѓето.
Потпишувајќи ја Декларацијата, преку една силна порака, Прличкова- Нешовска порача:
-Од дете сонував за мир во светот, цртав дланки споени и сплотени едни со други, без разлика на нивната вера или нација. Не можев да разберам зошто има потреба од војни, зарем светот не се измори од нив? Зарем нема за секого место под сонцето? Зошто сѐ уште да страдаат невини жртви. Зошто да страдаат војници? Зошто мајките да оставуваат без своите чеда. Пораснав и сѐ уште не успеав да сфатам зошто мора место поддршка да се фрлаат гранати. Зошто место сплотеност, зборуваме за војни. Зошто нѐ научивме што значи соживот меѓу народите. Зошто упорно некој сака да заземе туѓа територија и да малтретира недолжни луѓе. Зошто сѐ уште има болка и страдање, солзи и неостварено детство… Зошто некои деца никогаш нема да го живеат детскиот сон? Знам… знам многу одговори. Нарушена психа, фрустрации, комплекси, недокаквани политичари… Јасно ми е… Но сепак не! Ниту една солза на светот не смее да падне заради туѓи фрустрации и комплекси! Ниту едно дете не заслужува да живее во разурнат дом каде што место конфети, се фрлаат гранати! Ниту една мајка ни татко не смее да го загуби своето чедо, особено не за туѓи интереси! Секој маж и жена заслужуваат да е крај своето семејство! Мирни и спокојни, достоинствени…