Индивидуалци и тимови наградени  за видео игра на тема „Заштита на животната средина“

Тројца основци се добитници на првите три награди на конкурсот за најдобар концепт за видео игра на тема „Заштита на животната средина“ во рамки на проектот „Видео игротека“. Првото место го освои Матеј Цветковски од Радовиш, второто ѝ припадна на Темјана Јорданоска од Скопје, а Душко Геразов од Скопје ја доби третата награда. Нина Пантиќ, Мелани Серафимовска и Ева Ивановска од  ООУ „Христијан Тодоровски-Карпош“ од Скопје добија признание за најдобар тимски концепт. Од истото училиште беа и најмладите учесници на конкурсот, а најголем број пријавени концепти стигнаа од ОУ „Јосип Броз Тито“ од Жировница и ОУ „Хајан Селмани“ од Ростуше.

За наградите одлучуваше тричлено жири составено од Гораст Цветковски, претставник од Македонската асоцијација за развивање игри МАГДА, Бобан Стојчевски, дизајнер на игри и ко-основач на македонското студио за видеоигри Furious Avocado, и Милан Петровски од Битола, game developer.

Според пропозициите на повикот, право на учество имаа деца и млади на возраст од до 18 години. Децата на возраст од 7 до 12 години требаше да приложат идеја и цртеж, а младите на возраст од 13 до 18 години да приложат концепт и 2Д/3Д цртеж (концепт арт или дизајн) за играта. Право да учествуваат имаа тимови и индивидуалци со најмногу по два концепти за видео игри.

Повикот беше дел од проектот „Видео игротека“ во организација на Унијата на македонски професионални асоцијации во креативните индустрии – УМПАКИ Скопје, кој се реализира со поддршка на Министерството за култура и Делегацијата на ЕУ.

Целта е да се обрне внимание на бројните еколошки проблеми и енормната потреба од заштитата на животната средина, а воедно децата и младите да се поттикнат да ги користат новите технологии на креативен начин.

Во рамките на проектот од 13 мај до 13 јуни се реализираа повеќе активности, како патувачка работилница за селекција на отпад, работилници за дизајнирање на видео игри, проекции на филмови. Последните од низата настани беа проекции на филмовите „Патешествието на принцот“ и „Хакер“ во Центарот за култура „Ацо Ѓорчев“ во Неготино и Дом на култура „Крсте Петков Мисирков“ во Свети Николе на 13 јуни.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.