Заврши “Гевгелиско културно лето”

10.09.2024

Изминатите три месеци, во Гевгелија, се реализираа бројни активности од областа на културата. Книжевни манифестации, музички концерти, ликовни изложби, фолклорни вечери, проекции на филмови и театарски претстави беа дел од програмата за „Гевгелиско културно лето“, којашто ја креираа локалните културни институции за секоја возрасна генерација граѓани.

Со 16. издание на „Бош Фестивалот“, во организација на Здружението на граѓани „Арт еквилибриум“, заврши „Гевгелиско културно лето“. Во рамки на „Бош“, традиционалната манифестација која го одржува во сеќавање ликот и делото на актерот и уметник, Бошко Бозаџиев, во Народниот театар- Гевгелија и Уметничката галерија „Амам“, беа отворени самостојни изложби на цртежи, колажи, графики и скулптури. И, тоа: „Comic Glitch Project“- Анестис Мавроматис Парадисис, „Одвиткување“- Илина Ѓорѓиевска, „За следниот сад“- Андреј Јулхер и „По текот на Сува Река“- Иван Ивановски и Дамјан Ѓуров.

По изложбите, следуваше диџеј сет со техно и хаус музика, на Мартчин и Меги.

Срцата на гевгеличани ги освоија Триото „Џентлмен“ со одржувањето на нивниот концерт во рамки на „Гевгелиско културно лето“. За музичката вечер, беа исполнети 16 македонски и италијански поп, опера и народни нумери.

Претходно, беше прикажана и видео-инсталацијата на Ице Капсаров „Поглед во празнината“, надополнета со ди-џеј сет на Душко Апостолов. На филмското платно, се проектираше перспективата на уметникот различна од која било друга, криејќи се во безграничното пространство на празнината, каде што просторот и времето се испреплетуваат во космички танц.

Празнината не беше само празнина, туку платно за имагинација, царство каде ѕвездите шепотеа тајни, а космосот ги откриваше своите скриени чуда.

И арт- перформансите на Теодора Ставрова и Марија Џинова беа дел од августовскиот репертоар на настани. Двете млади талентирани уметнички, поранешни членови на Ликовната школа, твореа под отвореното небо, а посетителите имаа можност да уживаат во колоритот на боите што беа застапени на сликарските платна. Додека сликаа, движењата на нивните раце беа придружувани со музика, со ди-џеј сет на Бошко Софијанов „Арт Ум“.

Гоблени и плетива од Изложбата „Гобленизација“ ги красеа ѕидовите на Уметничката галерија „Амам“. Бројни посетители имаа можност да го видат изложениот бел вез- милјеа, како и перформансот на Светлана Стојковиќ, која што, облечена во женска градска облека, плетеше пред очите на присутните. За потоа, пред Амамот, да уживаат во прекрасниот вокал на Серафина Ѓорбашлиева и звуците на музичкиот состав „Чалгија“, изведувајќи чалгиска музика.

Првиот настан којшто го одбележа август, беше промоцијата на книгата „Трибун, Хронистерик, Номад“ од Александар Прокопиев. Настанот, којшто се одржа во хотел „Аполонија“- Гевгелија, го отвори директорот Марковски, а книгата ја промовираше Влатко Галевски. Галевски зборуваше за секоја од трите творечки категории, отворајќи различни интерпретативни порти за нивните материјални, интелектуални и духовни аспекти, по што се продолжи со интересна и луцидна дискусија во однос на прашањето за можните претставници или прототипи во македонската литература.

За потсетување, во јули и јуни за културното лето во Гевгелија беа одржани и изведени: Концерт на бендот „Квинтето“, детската престава „Разгалениот принц“, музичкиот и танцов перформанс на „Дива“, Koнцертот на Школата за гитара, под менторство на Костадин Динев, 20. по ред Меѓународна ликовна колонија „Аполонија“, проекцијата на мултимедијалниот Триптих на Емил Солевски- алегорија за губење на идентитетот, „Европско патувачко кино“, промоцијата на „Гевгелисувајне“ од Стевчо Стефанов и Концерт на мандолинскиот оркестар „Полифонија“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.