Семејните вредности како израз, означуваат низа од содржини кои го потенцираат функционирањето, развојот и опстојувањето на едно семејство. Во последните години кај нас е актуелна расправата за семејните вредности, според кои се уредени современите семејства. Промените во економските односи пред сè, поголемата еманципација на жените донесоа определени промени. Веќе е „нормално“ оној кој не е среќен во бракот да се разведе, да се брка кариера пред да се оформи семејство, и воопшто среќата секој да си ја освојува на свој начин. Сепак, тие промени некој ги перципира како погрешни, како нешта кои внесуваат дисхармонија во семејството и кои се виновни за тешките услови во кои растат децата.
Спротивно на заложниците на традиционалната рамка за семејство, која за најголемиот број е нормална форма каде се функционира и каде во крајна линија се исполнува основната функција, здрав развој на децата, се погласни се заложниците на нетрадиционални семејства, со изговор дека е важна и единствено важна само среќата на поединецот. Но, кога човек влегува во семејни релации со друга личност, освен среќата најважно е потомството, за кое треба да се води грижа и затоа не водењето грижа и од физички, но пред се психички аспект може да има далекусежни последици.
Какви улоги имаат партнерите во бракот ?
Традиционалните за многумина „застарени “ вредности, сеуште го поставуваат мажот во надредена положба, иако приврзаниците постојано потсетуваат, дека мажот треба да ја почитува жената, тој сепак тоа треба да го прави во рамките на патријархалните норми. Мажот е оној кој работи за да го обезбеди семејството, а жената ги работи домашните работи. Ако и двајцата се вработени, пак жената најчесто сама ги работи домашните работи, а не секој маж се чувствува комотно покрај жена која заработува повеќе. Затоа што мажот е главата на семејството. Неговиот збор мора да е последен, инаку тој не е прав маж. Тоа почнува да се менува но како голем проблем се појавува ситуација во која едниот партнер му наметнува било што на другиот, спротивно на неговата воља, што доведува до нездрава ситуација, која накратко се смета за насилство и која може да доведе до ментални нарушувања. Помладите генерации се почесто го одбегнуваат овој систем на односи во семејството, но тој сеуште продолжува во некоја побледа форма да егзистира, под изговорот дека тоа е едно од нештата кое ја одразува меѓусебната почит во семејството.
Според сфаќањата во традиционалните култури, жената треба да има помал број сексуални партнери од мажот. Ваквото убедување цврсто опстојува дури и кај луѓе кои уживаат углед на современи и кои не веруваат во претходните традиционални семејни вредности. За разлика од нив, научните студии не можат да најдат доказ дека сексуалните нагони зависат од полот. Оттаму, традиционалното сфаќање за женската сексуалност е гледиште донесено исклучиво од културен и вредносен аспект и нема врска со никакви биолошки или психолошки фактори.
Развод
Конзервативците, водени од принципите во светите книги, сметаат дека мажот и жената треба по секоја цена да останат во брак затоа што тоа е доживотна обврска на која ѝ се посветиле и од која не треба да се откажат. „Светата“ обврска не е силен аргумент, па тие додаваат дека родителите тоа треба да го сторат поради децата. Тврдат дека тоа ги повредува децата, па затоа родителите треба да останат во брак, колку и да добар или лош. Според нив и најлошиот брак е подобар од развод.
Точно е дека разводот ги повредува децата и тоа не може да се спори, но научните истражувања кажуваат и нешто друго. Според резултатите добиени од нив, ако некој е дете од разведени родители тоа не мора да значи и дека трпи одредени емоционални оштетувања кои подоцна ќе придонесат за психолошки проблеми, проблеми со законот, со учењето или со социјализацијата. Општо гледано, нема големи разлики помеѓу децата кои доаѓаат од семејства во кои нема хармонија во домот и оние во кои имало развод. И во двата случаи родителите не се сакаат, децата го гледаат тоа и помалку е битно дали потоа тие ќе се разведат или не. Доколку при разводот родителите ги стават децата на прво место, а не својата потреба да се одмаздат на партнерот заради уништените семејни сништа, тогаш последиците ќе бидат минимални.
Авторитет и грижа за децата
Грижата за децата е основниот темел на кои се гради и живее едно семејство . Кога двајцата родители со таква мисла и стремеж влегуваат во брак и истото го сакаат тогаш децата имаат предност, секогаш се згрижени, емоционално посреќни и посигурни во себе.
Не ретко, за жал, децата трпат физичко и психичко насилство од родителите во семејство, најчесто во 98% случаи од таткото и растат уплашени и несреќни. Почитувањето на традиционалните семејни вредности, не значи насилство врз деца или жената. Туку создавање на основа за среќен развој и живот. Но, многумина заради своите фрустрации, неисполнетост, недокажаност и несигурност прибегнуваат кон насилство, со тоа сакаат да ги покријат сите свои недостатоци. Основен модел за грижа кон децата и функционирање на семесјтвото е да се земе моделот од животните кои и тоа како ја почитуваат семејната заедница, грижата за децата и љубовта кон партнерот.
нО, за среќа овие вредности се ставаат настрана во најголемиот процент и повеќето родители употребуваат многу посовремен начин на воспитување, и што е најважно многу појасно и почесто им ја покажуваат љубовта на децата, што е многу важен чинител во растот на детето во здрава и сигурна личност.
Еднополова заедница
Традиционалистите не ги прифаќаат геј луѓето, поради тоа што ги сметаат за нездрави со неконвенционално однесување. Секогаш ги спомнуваат како група, поради која луѓето ќе престанат да се размножуваат и човештвото ќе исчезне поради нив. За склучување бракови или одгледување деца не може ниту да стане збор.
Иако хомосексуалноста одамна не се третира како болест, во нашето општество сè уште не излегол некој стручен со опсежна студија и да докаже дека хомосексуалците се здрави, дека нивната сексуална ориентација не е нивен свесен избор и дека тоа не ги прави различни од другите. Единствени се дилемите околу посвојувањето на деца т.е. многумина сметаат дека семејство со два истополови родители не е најдоброто место за развој и растење на едно дете. Во последниве години припадниците на геј заедницата се се погласни, барајќи ги своите “права“. Сепак тргнувајќи од фактот дека секој има право на слободен избор, останува дилемата околу посвојувањето на деца и функцијата на таквите семејства.
Животна среќа
Патот кон сопствената среќа не е и не може да биде за сите ист. Не може својот живот да го претворите во средство со кое ќе им удоволувате на другите. Човек може да биде среќен ако живее според традиционалните семејни вредности, но нивното безрезервно почитување, кога чувствувате дека не ви одговараат може да ве доведе во заблуда за среќата и понекогаш ќе ве натераат да правите работи, со кои само се залажувате дека сте среќни.
Едноставно е : Секој знае што го прави среќен и треба да тежнее тоа да го оствари, без да прави штета на другите околу себе.