Вредноста на рачните уметнички изработки е, не само во нивната уникатност, многу повеќе во љубовта што во неа ја вградува оној чии раце го создаваат тоа дело, сиот тој негов жар. Зашто, фабрички може да се направи сѐ, но ќе недостига оној “зачин” што ја создава магијата. Токму затоа луѓето се подготвени да платат двојно и тројно повеќе, само да е нешто изработено лично од вешт уметник.
Скопјанецот Зоран Кузманов е еден од нив. Работи во успешна градежна фирма, а вториот професионален ангажман и назив на кој се одзива последниве години е “самостоен уметник”.
Наклонетоста кон уметноста ја носел уште од дете, така што по завршување на осмо одделение по своја желба поддал документи за упис во средно уметничко училиште, меѓутоа неговиот татко, архитект кој во тоа време работел во Техника – Охрид, ги зел документите назад и го запишал во ГУЦ “Здравко Цветковски”.
Кузманов, може да се пофали дека сиве изминати години бил успешен во својата примарна работа. Времето на карантинот ја проширило неговата приказна и неговото секојдневие го збогатило со уметнички четки и бои.
Тогаш, она уметничкото во него, оној порив за истакнување, за цртање кој постоел и тлеел во него, избувнал и дошол до израз.
На првите затворања, кон крајот на 2020 година, тој почнал најпрво да слика врз саксии, врз глина. Потоа и на стакло. За сѐ што работи, користи адекватен материјал, не импровизира, а пред секоја нова изработка прво истражува, која техника да ја употреби, кој мотив да го стави, за да е доволно впечатливо и привлечно за оние кои работата му ја следат на фејсбук и инстаграм.
Имено, откако побудил интерес, прво во кругот на своите пријатели и пријателки, неговиот син, кој исто така е љубител на уметноста, му отворил профили на социјалните мрежи, на име на прекарот што го носел од дете З.Штрк.К. А секоја изработка ја фотографира професионален фотограф, за да се види убаво како тоа изгледа, па потоа ја објавуваат.
Зоран работи со бои на стакло, но работи и витраж. Сликите на стакло прво ги смислува, си определува димензија, потоа на стаклото прави коцки, прави контури за мотивите на цртежот, и потоа ги пополнува со боја, за да се дојде до целината. На крај им избира соодветни рамки и ги врамува.
Разгледајте ги убаво, секако сте одушевени од коњот чии сите мускули се во различна боја, од бикот од Шпанија, од бувчињата, пауните, жирафите, желките, убавата манекенка, елкичките, девојките…
Одушевуваат иконите, куќичките (првата негова слика на стакло се веселите навалени куќички), но и оние највпечатливите- Лисабон, направен според магнетче, Тоскана, Чинкветера, места кои го инспирирале од бројните патувања со сопругата.
Неговата сопруга, пак, пријателите ја пронаоѓаат во русокосата девојка која влегува во вода, рибите во хороскопскиот знак на неговиот син, а мачорот кој личи на тигарче е всушност пресликаното персиско маче на неговата снаа..
Убавите црвени калинки, биле нарачка за подарок за поранешниот претседател Ѓорге Ивановиќ. Слика која стигнала лично до него и го краси неговиот дом, е онаа за тенискиот ас Новак Ѓоковиќ, што ми ја однел негов обожавател.
Од мали камења, Зоран, го изработил кактусот, сосема поинаква техника, но не помалку интересна.
Периодов неодолива провокација за купувачите се чашите со женски ликови, како поединечно парче од по 800 денари, или во комплет чаши. Со ликови, нацртани по своја визија и замисла, и внимателно насликани на тенка чаша, во чии слики се препознаваат потенцијалните купувачки, и знаат да речат “е, оваа е како мене русокоса” или “оваа е како мене бринета” …
Подарува и продава, слика и не запира. Во моментов хит му се и шишињата ламби. Тоа се светлечки шишиња, внатре имаат сијалички, на тапата има ставено батерија и како што се се вклучува вклучувачот, шишето- ламба почнува да свети. Нивната цена е 1000 денари. Ни открива дека за да изработи една ваква ламба му требаат три дена. Работи навечер до 4 наутро, секој ден тоа го прави. По краткиот одмор по работно време, отспива и потоа црта до зори. Ноќта е креативна за него.
Сликите се движат до 5.000 денари, но главно цените се пристојни, во однос на вредноста на материјалите и особено трудот што го вложува, но ги формира во согласност со куповната моќ на луѓето кај нас.
Слики, чаши, ламби, голем интерес за сето тоа… Задоволен е, не очекувал ваков одзив за толку кратко време.
Следен чекор и идеја е изложба, која најверојатно нема да биде со досегашните изработки, тие се веќе сместени во нечиј дом, или во адвокатската канцеларија на сопругата, на нејзината сестра, во нивниот стан. Но, ќе следува изложба со новите изработки, неговиот прогрес е очигледен, а тој, Кузманов, станува се побаран автор на уметнички декоративни предмети.
Валентина Ѓоргиевска Парго