Свечено доделена Цветиновата награда за мир на Илко Димитриески Шарпланинец

На 19.02.2025 свечено му беше доделена Цветиновата награда за мир на поетот и дарител Илко Димитриески Шарпланинец, како еден од оние кои со децении ја поддржуваат цветна мисија за мир на уметникот Живко Поповски Цветин.

 

Во таа пригода, за овој наш плоден автор, за него говореа и Цветин и бројните соработници кои ги инспирирал и со неговото перо но пред сѐ со несебичната поддршка во организирање на културни и општествени настани, како “Маџирмаалски поетски средби” и други.

Ексклузивно за КулАрт своевремено раскажа:

– Јас сум поет, сум ја прифатил оваа обврска да бидам поет и да ги возвишувам точкиве кои постојат, кои се реални. Според Шара ме нарекле Шарпланинец. Инаку, Шара е нашата волшебница. Тоа е единствена планина која има повеќе езера од реки, има 27 езера, а 25 реки. Тоа е местото на раѓање на Вардар, култното место, а јас сум тетовец, роден под Балтепе на Поток и симболиката на Потокот кој се влева во Пена, па во Вардар, и кој понатаму се влева во Егејот, а тоа е моја инспирација…

Илко е тетовец кој живеел во Охрид, во периодот кога станал директор се преселил во Битола. Меѓудругото, автор е на  ”Курделес”, насловена според истоимената река во Битолско, на стихозбирката „Аксиј“ објавена во 2013 година, “Робена” и уште неколку други книги со поезија.

На средбата при доделувањето на наградата соопшти дека ја подготвува книгата “Војнички приказни” на преку 500 страници, во која зборува и за својата соработка и големо пријателство неговиот ментор генерал Васко Карангелевски.

Фото: Митко Јаневски

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.