Оригано – арома која ја сакаме

Оригано – арома која ја сакаме

Зачин со препознатлив интензивен мирис кој потекнува од Грција уште во стариот век и многу брзо се распространува низ целиот медитеран, кадешто се користи и како лек. Кај нас започнува интензивно да се користи пред неколку години и на почетокот најмногу се употребува за подготовка на некои пијалоци а денес се користи скоро во секое јадење кое го подготвуваме. Иако неговото одгледување е многу едноставно и лесно успева, сепак најмногу се купува и користи сушен а свежиот е многу поубав и има поинтензивен мирис. Нема причина зашто не би ја одгледувале оваа билка во вашиот дом бидејки е едноставна за одгледување, во секое време ќе си имате свеж зачин за во вашите рецепти а и многу убаво мириса.

 

Одгледување

Ориганото се сее во март и во април, во саксија од теракота која ќе ја наполните со хранлив супстрат кој треба постојано да се одржува малку влажен. Семето бидејќи е мало само се наросува врз земјата и не треба да се покрива. На почеток додека да изрти треба саксијата да се позиционира на место каде има провев но да не е многу сончево, додека пак кога младите стебла ќе зајакнат, треба да се преместат на отворено сончево место во вашата градина или тераса.

На ориганото не му одговара континенталната  зима со ниски температури, но оние кои го одгледуваат викаат дека и да презими на отворено на пролет повторно билката оживува и расте. Сепак најдобрата и сигурна варијанта е да го насадите во саксија и кога ќе започнат ниските температури да го внесете во затворена просторија.

Оваа билка има потреба од редовно наводнување и ѓубрење на секои 15 дена, а бидејки му одговара варовничка почва добро е во супстратот во кој го садите да додадете измелени лушпи од јајца кои се одличен начин да ја подобрите почвата. Бидејќи редовно се користи во кујната и се сече, тоа многу му годи за раст и создава нови гранки. Од време на време можете да го скроите малку поинтензивно и да го оставите да се исуши по што ќе го складирате во некоја тегла и ќе можете да го користите како сушен зачин во вашите омилени рецепти. На крајот на летото на врвовите на гранките се појавуваат цветчиња од кои излегува семето и ако немате во план да го размножувате најдобро е да ги исечете за да не им ги земаат силата и хранливите материи на листовите.

Мексичко оригано

Декоративна грмушка со ѕвонести виолетови цветови често се одгледува како градинарска билка, но истовремено е многу популарен зачин без кој не може да се замислат многу рецепти од латино кујната. Во последно време се повеќе се шири низ светот, па семе за „мексиканецот“ може да се најде многу лесно. Неговата арома е многу слична на нашето оригано но малку поинтензивна и слатка и оние кои го имаат пробано кажуваат дека вкусот му е извонреден. Овие две билки не ни припаѓаат на истата ботаничка фамилија но имаат слична арома, име и намена, а се одгледуваат на идентичен начин.

Активните компоненти на етеричното масло од оригано ја зајакнуваат слузокожата на oрганите за дишење и дигестивниот систем, а како силно противвоспалително средство, оваа билка ублажува бројни инфекции, како болка во грлото, ја намалува покачената температура, делува благотворно на воспаленија на уво, нос и бешика, и ги намалува тегобите предизвикани од грип и настинка. Истражувањата покажале дека маслото од оригано уништува триесет врсти на патогени бактерии.

Жешка саксија со оригано


Оваа традиционална италијанска туршија е идеален додаток за сендвичи, сосови и тестенини,а одлична е и како прелив за пица. Може да се користи за многу други јадења се зависност од личниот вкус и кога ќе ја пробате ќе знаете каде се може да ја комбинирате.

Состојки:

  • 2 зелени пиперки
  • 2 црвени пиперки
  • 8 свежи халапењо пиперчиња
  • 1 целер (листовите)
  • 1 морков
  • 1 мала главица кромид
  • ½ шолја цветови карфиол
  • ½ шолја сол
  • 2 чешниња лук
  • 1 лажца сушено оригано
  • 1 лажица црвен пипер
  • ½ лажичка бибер
  • 150 грама зелени маслинки
  • 1 шолја оцет
  • 1 шолја маслиново масло
  • вода

Исецкајте ги на коцки зелените, црвените и халапењо пиперките, целерот, морковот и кромидот, раздвојте го карфиолот на цветчиња па се ставете во една длабока чинија, посолете и додајте вода да ги преклопи состојките. Вака подготвени покријте ги со кеса или фолија и оставете ги да одстојат во фрижидер преку ноќ. Следниот ден исцедете ја водата и исплакнете го зеленчукот.  Добро измешајте го исецканиот лук, оригано, црвен пипер, бибер и маслинки, маслиновото и оцетот и прелејте ја смесата преку зеленчукот. Се добро измешајте  за да се соедини и претурете го во тегла која ќе ја затворите и ќе ја оставите да одстои два дена во фрижидер. Потоа уживајте во овој италијански рецепт.

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.