Ананасот (Ananas comosus Merr.) е рај за сите сетила, потекнува од Јужна Америка а во Европа го има благодарение на Кристофер Колумбо. Припаѓа на ботаничката фамилија Бромелија како и некои украсни собни растенија, ехмеја, гузманиа, тиланција, вриесеја и други. Иако најчесто се одгледува како плантажно овошје, ананасот може успешно да се одгледува и во домашни услови исто како неговите украсни роднини од истата фамилија.
Ананасот е повеќегодишно растение кое достигнува висина од метар до метар и половина. На врвот, во средината на розетата која има спирално распоредени листови се создаваат цветови од кои настанува плодот. Цветовите се отвараат навечер аа преку ден се затворени. Во природата ги опрашуваат колибрите и некои видови на лилјаци, па во плодот се создава семе. За комерцијално производство семките во плодот не се потребни, па затоа на плантажите се внимава да не дојде до опрашување.
Ананасот е навистина декоративна билка која со малку внимание може успешно да расте во домашни услови. Потребно е да биде во просторија со константна температура која никако не смее да падне под 15 степени и местоположба покрај прозор кој е под сончева севтлина повеќето часови во денот. Ако нема доволно светлост растението ќе го изгуби карактеристичниот изглед. За садење треба да се користи универзална земја за собни растенија а на дното на саксијата во која ќе го садите треба да ставите слој од крупен песок и ситни камчиња кој служи за дренажа на водата и нема да дозволи коренот и растението да згнијат. Бидејќи ананасот ако правилно го одгледувате расте во бујно растение за садење најпогодни се саксии од теракота кои се постабилни и потешки од пластичните опции. Во доцна пролет кога ќе се стабилизираат повисоки температури, саксијата со ананасот можете да ја извадите на отворено во двор или на тераса. Во летните месеци е важно да внимавате на наводнувањето, земјата треба да биде секогаш влажна но да нема вода која се задржува на дното. Кога температурата ке падне под 18 степени растението треба да се внесе во затворен простор и да се намали со наводнувањето. За прихрана се користи минерално ѓубриво богато со микроелементи кое се употребува еднаш месечно во пролет и лето, и на секои двамесеци во текот на есенскиот и зимскиот период. Вака одгледувано растение ќе го разубавува вашиот дом многу години.
За да добиете ново растение од плодот, следете ги следниве едноставни чекори.
- Со чист и остар нож исечете ја круната на ананасот заедно со делот кој е прицврстен за плодот.
- Потоа отстранете ги сите непотребни и суви делови за да останат само листовите и целулозниот дел во средината.
- Ставете ја круната во вода, така што долниот дел секогаш да биде во вода додека не пушти коренчиња.
- Кога новонастанатите коренчиња ќе достигнат должина од околу два сантиметри, растението може да се пресади во саксија со универзална земја.