16.04.2024 година, Скопје
На конференцијата за медиуми одржана во Центарот за социјални претпријатија, тимот на Ало Бушавко телефонот за деца и млади 070 390 632 при ПДАС Меѓаши, извести за наодите од Годишниот извештај на АлоБушавко – телефонот за деца и млади за 2023 год.
Годишен извештај за работата на Ало Бушавко телефонот за деца и млади – 2023 година
Во текот на 2023 година, телефонот за деца и млади „Ало Бушавко“ беше достапен 24 часа секој ден во годината. За ова се заслужни тимот советувачи составен од волонтери – студенти во завршните години, психолози, педагози, социјални работници, психотерапевти, наставници, координирани од операторката на линијата и програмскиот тим на Меѓаши.
2023 гoдина беше значајна година за тимот на Меѓаши. Ало Бушавко 070390632 – телефонот за деца и млади го одбележа своето
30 годишно поддржување, насочување и
лобирање за децата и младите во Македонија. И покрај тоа што бројот на деца кои нè контактирале не е голем, сепак споредено со минатите години се забележува поголем број деца и млади кои директно нѐ контактираат. Овој податок во исто време, ни укажува дека напорите што ги правевме преку промотивните активности и во 2023 година, а започнати од 2021 г., допреле и охрабриле определен број деца да ни се обратат директно и поразговараат со нас за работите што ги тиштат или за кои размислуваат. „Ало Бушавко“ телефонот како линија на која децата се ислушани, поддржани и советувани без притоа да се наруши нивната анонимност, приватност и доверба.
Клучни согледувања
Во текот на 2023 година, добиени се вкупно 307 повици, а вкупниот број на деца и млади кои се опфатени со случаите изнесува 379 (117 машки, 107 женски деца, а за 155 деца не е познат полот).
htpps://alobushavko.mk/
Според возрасната група, најмногу од дојавите се однесувале на деца на возраст од 13 до 15 години. Најголемиот број од децата или 197 живеат во урбана средина, а 230 од вкупниот број јавувачи се Македонци, 33 Албанци, 14 Роми.
За што, најчесто, ни се обратија во 2023 година?
Најголем процент на деца – 35% (251 деца) се засегнати со емоционална вознемиреност. Емоционалната вознемиреност поврзана со страв и проблеми со расположението е одговор на повеќе различни причини поради кои бил остварен контактот. Најчесто причинител за ваквата психолошка состојба кај децата во дојавите што ги добивме е односот на родителите што произлегува од бракоразводите; неусогласеноста на родителите за гледање со детето, односно неостварување контакти и средби на еден од родителите со детето или децата по разводот и по доделување на старателството на еден од родителите. Како
причина за емоционална вознемиреност се појавуваат и интерперсоналните односи во образовниот процес (врсник – врсник, наставник – ученик).
158 деца биле жртви на повреда во најразличен облик, што опфаќа 22 % од вкупниот број на деца кои се опфатени со повиците за извештајната 2023 година.
Овие дојави се однесуваат на повеќе видови повреда:
– Булинг – 18
– Физичко насилство – 40
– Ментално/емоционално насилство – 52
– Занемарување (негрижа) – 17
– Злоупотреба на детски труд – 3
htpps://alobushavko.mk/
На трето место по застапеност со 15%, се опфатени со дојавите кои се однесуваат на категоријата семејни односи со прекршување на правото на детето при бракоразводни постапки и непочитување на решенијата од центрите за социјална работа, по основ правото на контакт или средби на детето со другиот родител кој не е старател. Ова е алармантна бројка која се повторува низ годините наназад што ни укажува дека треба да се спроведат дополнителни мерки и едукации преку советодавна работа на родителите при нивната разделба.
Посебни дојави што се јавија за првпат или после подолго време
Tимот на АлоБушавко силно ги почувствува стравот, очајот и болката со кои се соочуваат дојавувачите. За жал неефикасноста на системот во вакви тешки моменти на порив за одземање на својот живот и секојдневно мисловно измачување значајно влијаат врз добросостојбата на сите членови во семејството.
– Зголемен број на дојави за самоубиствени мисли и самоубиство, вкупно 10 за 2023 година во период септември / октомври.
Во Македонија не постои ниту еден канал/медиум/инситуција која интензивно работи и ја обработува темата: САМОУБИСТВО и СУИЦИДАЛНИ МИСЛИ. Најблизок канал за дојави од ваков тим има на СОС линијата за превенција од самоубиство во соседна Србија. Дополнителн,о не постои ниту еден прирачник и/ или водич како да се постапува во случаи на дојава на самоубиствени мисли и/или обиди за самоубиство. Ваквата слика е уште еден индикатор дека мора да се работи на превенција на оваа тематика која е повеќе од очигледна дека постои во заедницата како и отворено да се разговара со децата, младите, родителите, наставниците не само за подигнување на свесноста за истата туку и за едукација кои механизми да се употребат за да се спречи.
Постапување по случаите
Беше обезбедена директна помош или поддршка на случаи во кои се засегнати 66 деца. Дадени се препораки во случаите кои се однесуваат на 244 деца и млади, дадени се информации за контакт на соодветната институција во кои се опфатени 125 деца, потоа 116 деца или млади упатени беа до други организации или институции, додека 103 деца се упатени до агенции/институции надлежни за спроведување на законот.
Целосниот извештај може да го преземете од веб страницата на Првата детска амбасада Меѓаши, на овој линк.