ГЕВГЕЛИЈА: Богата програма, трка и Свечена академија за чествување на 7. Ноември

Во пресрет на општинскиот празник- 7 Ноември, Денот на ослободувањето на Гевгелија, се одржа прес-конференција во просториите на Народен театар- Гевгелија. Претставниците на културните и образовните институции: Мирјана Крстева Массетти, Ѓорги Милков, Стефан Марковски, Александар Делиџаков и Цеца Танчевска, имено и креатори, ја најавија богатата повеќедневната културна и спортска програма. Имено, од 3 ноември започнуваат чествувањата за 7 Ноември, со одржување на Свечена академија на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија по повод 70 години јубилеј- гимназиско образование во Гевгелија, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот.
Атлетската трка Новембер рун Гевгелија на 4 ноември ќе го доживее своето второ масовно издание со организација на три детски трки по возрасни категории и првата инклузивна трка за лица со попреченост. Трките започнуваат во 13:30 часот, на платото пред споменикот на Сава Михајлов. Вечерта, со почеток од 20:00 часот, во хотел „Аполонија“- Гевгелија, пијанистот Глигор Гелебешев, родум од Гевгелија, ќе го одржи својот солистички концерт.
На 5 ноември, продолжува Атлетската трка Новембер рун со одржување на трките на 5 и 10 км, со почеток од 09:00 часот, а во 12:00 часот, трката ќе се затвори со прогласувањето на победниците. Истиот ден, во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 20:00 часот, следува „Фолклорен ѓердан“.
Програмата продолжува на 6 ноември со Годишна изложба на Друштвото на ликовни уметници од Гевгелија, којашто ќе биде отворена со почеток од 19:00 часот, во Ликовната галерија Амам, а со почеток од 20:00 часот, во Народниот театар- Гевгелија ќе биде одиграна театарската претстава „Аудиција“ од репертоарот на Народниот театар „Војдан Чернодрински“- Прилеп, во режија на Владимир Милчин.
На самиот Ден на ослободувањето на Гевгелија, ќе биде положено цвеќе пред спомен-обележјата во Гевгелија, во 11:30 часот. По повод празникот, Советот на Општина Гевгелија ќе одржи свечена седница во Народниот театар- Гевгелија, со почеток во 19:00 часот. По седницата, во Народниот театар- Гевгелија, ќе биде одржан Концерт на гудачки камерен оркестар
„Ајга“ под диригентската палка на Борјан Цанев.

Најмасовна трка Новембер рун Гевгелија

По повод одржувањето на најмасовната трка Новембер рун Гевгелија, во организација на АК „7 Ноември“- Гевгелија, а во рамки на презентацијата на дводневната атлетска програма како дел од активностите за чествување на 7 Ноември, во Народниот театар- Гевгелија се одржа прес-конференција. На прес- конференцијата се обратија: градоначалникот на општина Гевгелија, Андон Сарамандов; Драган Ристов, член на организацискиот одбор и претставници на Фондациите „Ице Бегов “ и „Аполонија“, Елена Бегова и Аце Ристовски.
Градоначалникот на општина Гевгелија, Андон
Сарамандов, со задоволство констатираше дека се е подготвено за третото издание на трката „НОВЕМБЕР РУН 2023“ при што им оддаде признание на организаторите на трката за напорот што го вложија во самата организација. Тој истакна дека на оваа трка, од година во година учествуваат се поголем број на тркачи со што даваме, рече тој, придонес во менување на навиките на граѓаните, затоа што се поголем број рекреативци од општината и пошироко трчаат на овие трки, со што индиректно влијаат на здравиот начин на својот живот. Со бројот на учесниците оваа година, атлетската трка НОВЕМБЕР РУН 2023 ќе биде најголемиот спортски настан во регионот и пошироко.
Членот на организациониот одбор на трката, Драган
Ристов, ги информираше медиумите за техничките податоци и текот на одвивањето на четирите предвидени трки.
Така, во сабота, истакна тој, на 4 ноември, на програмата се две трки, детската, на која ќе учествуваат над 600 дечиња поделени во три категории и, за прв пат, инклузивната трка РУН ТОГЕТХЕР на 1 километар, која е за сите хумани и лица со попреченост, и организирана во соработка со Фондацијата „Ице Бегов, на која се очекуваат над 500 учесници.
Елена Бегова, од Фондацијата, потенцираше дека ова ќе биде прва ваква трка организирана во Македонија и дека се надева таа да стане традиционална. Александар Ристовскиод Фондацијата „Аполонија“ ги повика гевгеличани да земат активно учество и во хуманитарниот базар, што ќе се организира, а по повод 7 Ноември.
За недела, 5 ноември, е предвиден главниот настан, односно трките на 5 и 10 километри. Трката на 10 километри воедно е и главен настан за државното првенство, па победникот ќе биде прогласен за државен шампион од Атлетската Федерација на Македонија.
Трката „Новембер Рун Гевгелија 2023“, потенцираше Драган Ристов, е организирана според правилата на ИААФ, Атлетската федерација на Македонија и согласно важечките законски прописи. Она што е новина оваа година е фактот што атлетичарите ќе трчаат на сертифицирана патека по АИМС стандардите. Имено, пред неколку дена, појасни Ристов, беше извршено мерење на патеката по која ќе се одвиваат уличните трки на „НОВЕМБЕР РУН ГЕВГЕЛИЈА 2023“. Патеката за трката
„Новембер Рун Гевгелија 2023“ е кружна, при што учесниците на трката на 5 км трчаат еден круг, додека учесниците на 10 километри трчаат два круга.
Стартот и целта на патеката е на ул. „7 Ноември“ во центарот на Гевгелија, во близина на Народниот театар.
Предвидени се и парични награди за првите петмина во трката на 10 километри во машка и женска конкуренција и за првите три места во трката на 5 километри, исто така во машка и женска конкуренција, како и за оние натпреварувачи кои ќе ги срушат рекордите на 5 и 10 километри. Најдобрите Македонски тркачи ќе се појават во Гевгелија, а ќе има и одлични натпреварувачи од соседните држави, што претставува предуслов да присуствуваме на добри трки и постигнување на одлични резултати, заврши Ристов.
И двата дена, во текот на трките ќе има забавна програма
за гледачите. Првиот ден ќе настапат групата „Фонија“, Цхилл оут и ДЈ Х2О, а на вториот ден за забава ќе се погрижат „Хитс бенд“ и ДЈ Лицхен. Водител, како и секоја година ќе биде Виктор Петков- Викса.


Свечена академија

Свечена академија за 70-годишен јубилеј на СОУ “Јосиф Јосифовски”- Гевгелија
Во рамки на седмоноемвриската програма, СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија со Свечена академија ќе го прослави 70- годишниот јубилеј од гимназиското образование во Гевгелија. Во Народниот театар- Гевгелија, утре (3 ноември 2023 година), со почеток во 20:00 часот, Свечената академија ќе ја отворат Градскиот хор „Гортинија“, со изведба на: „Химна на Република Македонија, „Огин го гори Брезово“ од А. Лековски, „Македонски народни песни“ и „Македонско оро“.
По повод 70-годишниот јубилеј, обраќање ќе има директорот на СОУ „Јосиф Јосифовски“-Гевгелија, Александар Делиџаков и ќе биде промовирана Монографијата на Училиштето. Исто така, обраќање ќе имаат и поранешни вработени во Гимназијата. Во програмата, учествуваат и професорите: Даниела Џишева, Александра Ќаева, Тони Аврамов, Бисерка Макреска, Тања Чугунцалиева, Вања Манчева и Стефчо Стефанов со рецитирање поезија од македонски поети: „Вардар“ и „Непокор“ од Анте Поповски, „Глас“ и „Вардар“ од Гање Тодоровски и „Треба да бидеме подобри“ од Ацо Шопов.
По Свечената академија, ќе следи коктел во угостителската сала на СОУ „Јосиф Јосифовски“- Гевгелија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.