„Галичка свадба“ е чувар на македонскиот културен и национален идентитет

37

Министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, присуствуваше на традиционалната манифестација „Галичка свадба“, каде што на младенците, Стефана Димитрова и Даријан Кочоски, им го честиташе бракот со најубави желби за среќна иднина.

„Оваа манифестација игра огромна улога во зачувувањето и афирмацијата на оригиналниот фолклор, традиционалните вредности, архитектурата и народното творештво, како темели на нашиот културен и национален идентитет“, вели министерот Љутков.

Тој ги потенцира свадбарските обичаи и ритуали, богатиот колорит на народните носии, изворните песни и автентичните ора на „Галичка свадба“ како едни од најавтентичните обичаи во македонскиот фолклор и нематеријално културно добро со огромно значење за државата.

„Галичка свадба е атрактивна манифестација која привлекува голем број домашни и странски гости. Свадбарските обичаи започнаа вчера со обредот „фрлање три пушки“ и со „виорење на свадбениот бајрак“. Вчеравечер настап имаше и Националниот ансамбл „Танец“, кој го изведе „Тешкото“ – препознатливото оро за печалбарскиот Галичник.

Галичник и оваа година со успех ја афирмира богатата и уникатна традиција на свадбарските обреди, кои продолжија денеска на денот на венчавката на младенците во црквата во Галичник, а свеченоста ќе заврши со испраќање на тапанџиите и зурлаџиите, како финале на уште едно издание на единствената манифестација „Галичка свадба“.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.