“Дебармаалските серенади” го разубавеа Скопје со вино, љубов, поезија, песна, оро и уметност

15.02.2025

Каде да си, за Денот на виното и љубовта во Дебар маало да си, да си славиш Свети Трифун и Свети Валентин со “Дебармаалски серенади”, да си наздравиш со пријателите, па да ти се развесели душата.
Оваа манифестација, која треба веќе и со закон да се заштити, едноставно секоја година ја развеселува ова “скопско парче” со веселие кое како да трае токму цела година потоа.
Како и во изминативе години, и вчера почна со закројување на лозницата кај Жабарот што го изведоа организаторот Живко Поповски Цветин и градоначалникот на Општина Центар Горан Герасимовски, заедно со учениците од четврто а и б од скопското училиште “Гоце Делчев”, а потоа и заедно во шише ја испратија пораката за мир, да плови по Вардар, и пуштија балони кон небото.
А “Кај Жабарот” вистинска фешта, со вино, мезе, дружење и прекрасна музика со дел од оркестарот и хорот “Вања Лазарова”.
Во топлиот амбиент, домаќинот на манифестацијата заедно со градоначалникот додели четири Цветинови награди за мир на неговите долгогодишни поддржувачи во мироносната мисија, на Ленче Чолаковска предводничката на Ансамблот за песни и ора “Вања Лазарова”, естрадните уметници Верица Ристевска и Љупчо Ангеловски, како и Вики Среброва, и на Тања Стоилковска од хорор Серенада од која за возврат доби иконаод Свети Трифун, светец по чие име бил крстен и дедото на Цветин.
Потоа почнаа ората и го заиграа и градоначалникот, да возвратат на честа.
Со серенади се врвеше низ Дебар маало, оттука во парк, па во “Чардак” на Боемска улица , каде гостите беа почестени со сортно бело и црвено вино. Следуваше ресторан “Антица”, таму беше извршена и промоција на прекрасната книга “Домот на љубовта” на познатата поетеса Анита Бошкова, се читаше поезија од познати авторки и авторки, и на задоволство на сите Верица Ристевска ја рецитираше “Галебе мој тажен” додека песната одеше на звучници а околу неа овој пат присутните беа ѝ ја пееја на увце..
Веселите славеници полна трпеза ги пречека  со и во ресторанот “Скопски мерак”, со пастрмајлии направени на гурмански начин.
Прошетката продолжи по улиците, следуваше ритуалот кој посебно го поткрева адреналинот на присутните, од својот балкон Тања Стоилковска им фрла балони, парички, украси за среќа, па кој ќе ги фати му посакува да има среќа цела година.
Од кај Тања до “Силбо” на стотина метри се пееше уште малку од најубавите македонски народни песни, а во една од нив, песната за Вардар, во рефренот се запеа “Ој Цветине Македонски, ти ја красиш Македонија”.
Пред “Силбо” и се кршеше Трифуновска погача на љубовта, и за крај отспротива сите топтан кај Апче, следуваше шлагот на тортата- тортата, бозата, лимонадата,  по некоја индијанка и неуморните весели свирачи со уште една “весела форца” со музика.
А кому му се одеше дома? Никому. Иако ноќта падна, а сите веќе беа папсани од играње и пеење, пиење, од ширење радост по славното Дебар маало, едно од првите скопски маала кое ширум ги отворило прегратките за дојденците, некогаш од Дебар, по што е и  насловено, а сега сѐ повеќе од сите места. Затоа дополнителната убавина на настанот беше што во него се вклучија скопјани (со или без наводници) кои дошле тука да живеат од разни краишта на земјава.
Навистина е привилегија да си дел од сето тоа и да се чувствуваш како многу значајна личност, овој пат тоа го исполнуваше и многу професионалното и пријатно обезбедување кое обезбеди МВР на барање на организаторот- здружението “Гороцвет” на Цветин беше дел од оваа навистина средба за душа/ души.
Сѐ не може да се долови низ фотографии и видео снимки, но барем дел- може, а она главното ќе го гледаме во специјалната репортажа направена под медиумско покровителство на продуцентот Симе Младеновски и емисијата “Лица и дела”!

 

 

Дел од фотографиите- Драган Цвијетиќ

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.