Почетна ЖИВОТ Хуманост и семејни вредности Цветинова награда за мир за добитникот Илко Димитриески Шарпланинец

Цветинова награда за мир за добитникот Илко Димитриески Шарпланинец

19.01.2025
Во чест на Водици, денешното големо славје на православните христијани, уметникот и нобеловски кандидат Живко Поповски Цветин ја промовираше својата нова награда која ќе му биде доделена на поетот Илко Димитриески Шарпланинец, како еден од оние кои со децении ја поддржуваат неговата цветна мисија за мир. Денот Водици, во кое се крстуваат водите има и поврзаност со некогашната професија на Илко, кој често покрај бројните други донации знаел да донира вода од компанијата во која работел, со цел да укаже на важноста и вредноста на македонската чиста вода.
Илко, по осамостојувањето на Македонија, станал прв директор на една наша позната компанија за минерална вода, но неговиот култ кон водата вели е многу поширок, и, на поетски план таа претставува голема инспирација. Тоа природно богатство- нашите чисти и бистри води, тој го претвора и во поезија.
Ексклузивно за КулАрт своевремено раскажа:
-За среќа покрај Шарпланинец јас ги користам и другите псевдоними врзани за светли точки на мојата татковина, како што е Поток- Поточки, како што е Вардар- Вардарски како што е Водњански и таканатаму. Што би рекол другар ми Иван Хуската “ќе те кандидирам за човек со најмногу имиња”. Но, не се тоа имиња. Јас сум поет, сум се определил, сум ја прифатил оваа обврска да бидам поет и да ги возвишувам точкиве кои постојат, кои се реални. Според Шара ме нарекле Шарпланинец. Инаку, Шара е нашата волшебница. Тоа е единствена планина која има повеќе езера од реки, има 27 езера, а 25 реки. Тоа е местото на раѓање на Вардар, култното место, а јас сум тетовец, роден под Балтепе на Поток и симболиката на Потокот кој се влева во Пена, па во Вардар, и кој понатаму се влева во Егејот, а тоа е моја инспирација….
Иако е тетовец кој живеел во Охрид (а сега пензионер во Скопје), во периодот кога станал директор се преселил во Битола.
”Курделес” е тајна кога нѝ ја одгатнува во својата истоимена збирка со необичен и загонетен наслов, за која раскажува:
-Курделес е впрочем река која многумина ја знаат. Јас станувам директор во Битола и го запознавам овој извор, кој извира од Дихово, Лавци, Брусник од делови каде што е и Драгорот кај што извира. Ете тој дел сакав да го воскреснам, инаку е чиста поезија во која имаше некоја убава песна. Брусник е и родното место на генерал Васко Карангелевски, мојот ментор, нѝ раскажа тогаш поетот.
Димитриески е човек со безброј приказни- речиси десет дела има издадено досега, во нецели десет години, од првенчето, стихозбирката „Аксиј“ во 2013 година, до “Робена”, и поеми снимени на цедиња, поезија во билтени, зборници…Сега  ја подготвува “Војнички приказни” на над 500 страници, а запаметен е и како многу активен и успешен претседател на манифестацијата “Маџирмаалски поетски средби”.
Цветиновата награда за мир ја добиваат угледни општествени и јавни личности и креативци кои ја следат неговата миротворна мисија и постојан апел за мир во светот.
metropolis-big