ЕКСКЛУЗИВНО ОД МАЛМЕ: Врачени Цветинови признанија за мир и хуманизам на Борче Георгиевски Ластун и Златко Кршоски

(Специјално од Малме Валентина Ѓоргиевска Парго, 9 Мај 2024)

По повод 9 Мај, Денот кој се прославува низ цела Европа, Русија и пошироко како Ден над Победата над фашизмот, во Малме свечено беа доделени Цветинови признанија за мир на двајца истакнати Македонци: Борче Георгиевски Ластун од Јанковец, Преспа и Златко Кршоски од Белица, Кичевско, претседател на Клубот на Македонците во Малме КСД Македонија.

Признанието на Борче Георгиевски Ластун се доделува за неговото несебично залагање во одржување, зајакнување и создавање на нови врски и релации меѓу Македонците од Малме и Македонците од Преспа, за корисниот волонтаризам во соработка со граѓаните од родниот крај, и посебно за неговото лично донирање во одредени цркви и манастири, и донирање за најмладите и за лицата со попреченост, во повеќе пригоди.

А, пак, со залагањето и делата на претседателот Златко Кршоски, клубот на Македонците во Малме е еден од најсилните и најорганизираните и ги спојува и повозрасните и помладите генерации кои живеат таму.

Во неколкуте негови мандати овој Претседател ја продолжува востановената долга традиција и реноме на овој исклучително активен клуб на повеќе полиња- релации со родната земја, организирање на културни, спортски, шаховски дружења и натпревари, јазични и фолклорни обуки, настани, концерти и гостувања, спојување на нашите иселеници во дијаспората…за што деновиве ќе ви ја доловиме приказната преку ексклузивните интервјуа што со нив ги направивме по повод оваа средба.

На свеченото врачување на признанијата присутни беа уште двајца членови на клубот, Љупчо Веловски и Димитрија Иванов, кои исто така добија мироносни цртежи од Цветин, а младиот Никола Георгиевски на крај ја потпиша Цветната мирносна порака која изминативе денови ја потпишуваа и новинарите на Евровизија 2024.


Ваков цветен цртеж во 2005 година од Цветин има добиено и Џони Логан, музичкиот крал на Евровизиите.

Истакнатиот уметник, хуманист, и Нобеловски кандидат Цветин, бил нивни гостин во 1986 и во 2014 година, вториот пат во организација на Лилјана Стоилковска, кога од Малме била пуштена порака за мир во водите на Балтичкото море…

Патувањето е овозможено од ТА. Џина Брага Сиднеј и медицински центар “Холиомедика”- Скопје

Медиумска соработка: Симе Георгиевски- Радио Преспа и Скидроу Сиднеј, Живко Поповски Цветин- Здружение “Гороцвет”, Татјана Гогоска- портал за култура “КулАрт”

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.