Богат културен живот во 2023 година во Гевгелија

Културниот живот во општина Гевгелија, минатата година, беше збогатен со бројни и разновидни културни манифестации. Со учество на голем број учесници од општината, земјата и странство, и што е најважно, на големо задоволство на публиката. За тоа најзаслужни се локалната самоуправа и локалните институции од областа на културата и образовните институции. Пред се, JОУ Дом на култура „Македонија“, ЈОУ Библиотека „Гоце

Делчев“, ЈОУ Пионерски дом „Јосип Броз Тито“ и ООМУ „Васо Карајанов“, коишто беа главните носители на културните збиднувања. Посебен поттик за богатиот културен живот даде финансиската поддршка на Општина Гевгелија преку Програмата за поддршка на културните настани и манифестации, предложени од институциите, поединци и здруженијата на граѓаните.

***

Во текот на 2023 година не изостанаа традиционалните културни манифестации „Спасовден“, „Распеана чаршија“, „Гевгелиско културно лето“, „Метрички карван“, „Месец на книгата “,„Априлијада“,„Фолклорен ѓердан“ и „Дедо Мраз пак кај нас“. Културните институции реализираа и повеќе активности и проекти во сопствена продукција или во соработка со други правни и физички лица, пред се, ликовни изложби, поетски и книжевни вечери, филмски проекции, театарски претстави, концерти, музички настани или пак програми за одбележувајње на значјни датуми и празници.

Публиката уживаше во богатата понуда на театарски претстави и филмски проекции. Гевгеличани имаат можност да ги проследат претставите од репертоарите на професионалните театри ширум државата и најновите филмови на македонската сцена. Исто така, согласно потребите на најмладите, беа организирани бројни детски претстави во сопствена продукција, како и гостувањата на театрите и здруженијата од земјата. Така, за одбележување се детските претстави од сопствена продукција на Драмска секција при ЈОУ Дом на култура „Македонија“ во Гевгелија, во којашто членуваат голем број дечиња од Гевгелија, на возраст од 6 до 14 години.

Но, и концертите на формираните Секции за гитара и тапан при ЈОУ Дом на култура „Македонија“, во коишто членуваат голем број млади вљубеници за изучување на музички инструменти.

Посебен белег на минатогодишните културни настани им даде тридневниот Фестивал на храна и вино „Вкуси го југот“. Општина Гевгелија со овој фестивал сака да го поттикне културниот, но и туристичкиот развој на поднебјето, а истовремено да ги промовира локалната храна и вино. На Фестивалот настапија голем број уметници и артисти од општина Гевгелија и земјата, на задоволство на бројната публика. Значајно е што фестивалот „Вкуси го југот“ ги оправда очекувањата, со цел да прерасне во традиција. За почит е обновата на

Интернационалниот детски музички фестивал „Калинка 2023“, со којшто Гевгелија се врати на листата со градови на брендирани детски музички фестивали.

Исто така, за развојот на културата во општина Гевгелија придонесоа и граѓанските организации, регистрирани за дејност култура, како и поединци, кои презентираа проекти, настани и активности од различни видови уметност. Станува збор за традиционалните манифестации – „Бош Фестивал“ во организација на Здружението „Арт Еквилибриум“, а во чест на прерано починатиот актер Бошко Бозаџиев од Гевгелија, поетско-музичката манифестација „За тебе љубов моја“, во организација на ЗГ „Од станица до граница“, Меѓународниот натпревар во пијано во организација на Глигор Гелебешев, како и одбележувањето на јубилеите и патронатите на гевгелиските образовни институции. Голем беше придонесот и на амбасадорите на фолкорот и традицијата, Ансамбл „Бојмија“, КУД „Танец“- Миравци, КУД „Негорци“- Негорци и КУД „Браќа Толеви“- Прдејци, како со своите концерти на домашната сцена, така и со гостувања во странство.

Богатиот културен живот во општина Гевгелија продолжува и годинава, а за таа цел Советот на Општина Гевгелија, преку Програмата за културни манифестации и настани, издвои 7.030.000 денари. Со обезбедената финансиска поддршка ќе бидат реализирани бројни традиционални, но и нови проекти на 52 институции, културни работници и здруженија на граѓани, кои аплицираа на јавниот конкурс за проекти и манифестации од областа на културата.

***

Минатата година, Гевгелија беше центар на масовниот спорт со учество на илјадници спортисти од целата земја и странство. Пред се, како резултат на поддршка од Општина Гевгелија, преку спортските здруженија од подрачјето на Општината. Голем придонес за развојот на масовниот спорт имаше третата по ред атлетска седмоноемвриска трка November run, во организација на Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија. Од година во година, трката ја надминува бројката на учесници од државата и од другите странски земји, а со своето реноме придонесе Гевгелија да се афирмира наддалеку. Посебно значајно на минатогодишната трка November run, е нејзиното проширување: освен трките на 5 и 10 км. во машка и женска категорија, за првпат беше организирана и инклузивна трка во којашто учествуваа лицата со попреченост и детските трки во различни категории.

За Гевгелија да биде град на масовниот спорт, придонесоа и спортското дефиле „Гевгелија на точак“ во организација на Здруженијата на граѓани „Чејнџмејкерс“ и „Гевгелија Точак Клуб“, коешто се организираше по повод општинскиот празник 7 Ноември, со голем број точкаџии коишто учествува во дефилето. „Гевгелискиот велотлон“ во организација на АМД „Дичо Панов“- Гевгелија и „Гевгелија Точак Клуб“, исто така, ја впишаа Гевгелија како центар на масовниот спорт со голем број учесници кои се натпреваруваа во возење велосипед, совладување препреки и трчање по ридска патека.

Не изостанаа и традиционалните и нововостановените турнири: успешно беше оддржан Првиот меморијален турнир во мал фудбал „Никола Гелебешев“, организиран од страна на ЗГ Навивачка група „Фантоми Север“- Гевгелија. ЗГ „КМФ Млади Миравци“ и ЗГ „Ангелов“- Богородица успешно ги организираа традиционалните Турнирот „КМФ Млади Миравци“ и Меморијалниот турнир „Мирче Костов“, со учество на голем број екипи од Гевгелија и регионот. Во областа на кошарката, се одржаа повеќе настани и натпревари, како Меморијалниот турнир во баскет „Иван Пенов“ и Меморијалниот турнир во кошарка „Боби Петков“, на којшто учествуваа младински селекции до 18 години од државата и од странство.

 

 

***

Шахот повторно се врати на гевгелиската спортска сцена, како резултат на Шаховскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија и организираните брзопотезни турнири, Здружението на слепи лица со Меѓународниот турнир во шах за слепи лица и Меморијалниот шаховски турнир „Венци Попов“. Белег во развојот на спортот, исто така, оставија Турнирот во тенис „Крупа Опен“ во организација на Тениски клуб „Круна“- Гевгелија, настапите на домашната и интернационалната сцена на Танцовиот клуб „Мистик денс“- Гевгелија, двете планинарски друштва „Кожуф“ и „Двете уши“ со голем број планинарски маршеви и искачувања, Карате клубот и училишните спортски клубови.

За првпат во 2023 година, на подрачјето на општина Гевгелија беше одржано и првото издание на Атлетската кроскантри трка Punk’s Backyard Ultra, којашто се одржа на локацијата Негорски Бањи. Трката, на којашто учествуваа над 60 тркачи од повеќе земји, беше во организација на Асоцијација за промоција и управување со проекти и настани во планиско трчање и други планински спортови „ТРЕКС“ од Скопје, а во соработка со Општина Гевгелија, Атлетскиот клуб „7 Ноември“- Гевгелија, АМД „Дичо Панов“- Гевгелија и други помагатели.

Општина Гевгелија беше присутна и на натпреварувачките домашни лиги во фудбал, кошарка и ракомет преку настапите на Кошарскарскиот клуб „Кожув“- Гевгелија, како и новоформираниот кошаркарски клуб „Гевгелија“, Фудбалскиот клуб „Кожуф“, Женскиот ракометен клуб „Гевгелија“- Гевгелија и Машкиот ракометен клуб „Партизан 2016“- Гевгелија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.