Скопје, 17.07.2024
Дури 71% од граѓаните сметаат дека медиумите обезбедуваат само површни информации, додека многумина (39%) мислат дека комуникацијата од јавните институции често се заснова на паушални изјави наместо на аргументи. Граѓаните претежно ги користат информациите за да останат информирани, да донесуваат правилни одлуки во приватниот живот и да се едуцираат, а помалку за општествен активизам и за донесување одлуки за општествено важни прашања.
Ова го покажа истражувањето на јавното мислење „Практики и перцепции на граѓаните во поглед на информирањето и справувањето со дезинформациите“, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализираше во текот на јуни и јули.
Граѓаните најмногу се заинтересирани за теми поврзани со економијата, финансиите и бизнисот (37%), здравството и здравјето (36%), по што следуваат внатрешната политика (35%) и културата и забавата (33%). Телевизијата останува главниот извор на информирање, особено кај повозрасните, додека помладите претежно ги користат социјалните медиуми и веб-порталите. И покрај широката употреба на овие извори на информации, поголем процент (43%) сметаат дека медиумите понекогаш ги покриваат темите од нивен интерес и само 29% веруваат дека нудат длабинска анализа и сеопфатни информации. Помладите покажуваат поголема склоност кон користење на информациите за поттикнување активизам во споредба со повозрасните.
Што се однесува на довербата во медиумите, речиси половина од испитаниците (49%) се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат, а само 15% целосно им веруваат. Помладите испитаници и оние на возраст од 35 до 44 години се особено скептични. Иако генерално постои сомнеж кон содржините објавени на медиумите, една третина од испитаниците (31%) никогаш не го проверуваат изворот на вестите, а 40% никогаш не проверуваат дали е потпишан авторот на текстот. Мнозинството (53%) од испитаниците одговориле дека понекогаш споделиле неточна информација, а 44% веруваат дека понекогаш може да препознаат дезинформација. Внатрешната политика е областа каде што речиси половина од испитаниците (48%) забележале неточни информации.
Во однос на комуникацијата со јавните институции, поголем дел од испитаниците ги добиваат информациите преку социјалните медиуми (46%), а значителен процент ги користат и веб-страниците (42%). Сепак, речиси една третина (29%) сметаат дека само мал дел од информациите што им се потребните се достапни на страниците на институциите на социјалните мрежи и најголем дел од испитаниците (38%) се делумно задоволни од комуникацијата со институциите за нивните теми од интерес.
Телефонската анкета беше спроведена од 15 јуни до 2 јули 2024 година на репрезентативен примерок од 1.142 граѓани на возраст над 18 години од сите региони од земјата, од страна на Институтот за демократија „Социетас цивилис“.
ИКС го реализираше истражувањето на јавното мислење во рамките на проектот „Користи факти“, што е поддржан од Британската амбасада во Скопје.