– Блаже Конески, тој тивок и кроток човек, добиваше строг лик со кој до крај го бранеше секој збор, секоја буква од македонската азбука – рече министерката за култура Ирена Стефоска синоќа во Филхармонијата на завршната манифестација со која се заокружи чествувањето на „2021 – Година во чест на Блаже Конески“.
Стефоска во своето обраќање, цитирајќи го лингвистот Трајко Стаматоски, додаде дека Конески во толкувањето на фактите настојуваше да биде и да остане непристрасен, се залагаше да завладее на пошироките балкански простори поинаков дух во поимањето на работите. Тој оформи национален, а не националистички пристап во проучувањата.
– Зашто одбраната на посебноста на македонскиот јазик за Конески е света работа и должност: „не е тоа јазик создаван под никаков диктат… и на тие што удирајќи против нашиот јазик лицемерно тврдат дека не работат против нашата нација, ние ќе им одговориме дека прават нешто повеќе: посегаат во светаја светих на македонскиот народ.“ На еден од тие циклични напади еднакви на опсесија, Конески одговара: „На тие што од високо би сакале да погледаат на нашиот јазик, можеме да им речеме само: Ваша работа!“ – нагласи Стефоска.
Стефоска додаде дека минатата година беше стогодишнина од раѓањето на Славко Јаневски, оваа – 100 години од Блаже Конески, а во 2023 – еден век од раѓањето на Ацо Шопов.
– Сите тројца, основачи на Македонската академија на науките и уметностите и сите тројца со мисија да ни остават силен македонски збор и како благослов и како аманет. Зашто мајчиниот јазик на човека му е и првата и последната мисла – заврши министерката за култура.
Министерката за образование и наука, Мила Царовска, во своето обраќање додаде дека јазикот, уметноста и културата ја даваат смислата на нашите животи и постоење.
– Тие се конецот, којшто го испреплетуваат минатото, сегашноста и иднината. Нашиот голем книжевник, академик Блаже Конески, целиот свој талент го посветил и насочил токму во унапредувањето на македонскиот јазик и неговата кодификација, со што придонел да се најдеме во големото семејство на светски признати јазици. Делото на Блаже Конески е аманет кој секој од нас има обврска да го чува и негува, за што е потребна и лична одговорност, но и институционален пристап – додаде Царовска.
Во присуство на покровителот на Националната програма „2021 – Година во чест на Блаже Конески“, Стево Пендаровски, и други гости, Оркестарот на Филхармонијата, баритонот Горан Начевски, маестро Дијана Имери Илкоска изведоа дела на двајца великани на македонската современа музика – Томислав Зографски и Тодор Скаловски, во оркестрација на Ангел Спироски. Беше претставена и изложбата на илустрации пристигнати на конкурсот објавен од Факултетот за ликовни уметности за изработка на јубилејната книга „Блаже Конески – поезија и кратка проза“, во издание на Струшките вечери на поезијата.
100-годишнина од раѓањето на Блаже Конески: „Смиреноста е мудра, страсноста е глупа“
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени
со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски
текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски
содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се
цитира.