Зуица Лазова го прослави 50. роденден со пет нови песни, од кои едната испеана со својата 81 годишна втора мајка- мајката на Наум

7.11.2024

“Ќе ти купам широк фустан бре Зуице“ е песната која е и роденденска честитка за својата снаа за 50-тиот роденден, од мајката на фолк-пејачот Наум Петрески, Анастасија, која за прв пат сними дует со својата снаа Зуица Лазова.


Атракција, која што присутните пријатно ги изненади на роденденската прослава по повод 50-тиот роденден на познатата пејачка.

Мајката на Наум, која деновиве го прослави својот 81 роденден, поведена од емоциите се расплака додека пред најблиските и новинарите ја пееше дуетската песна со снаата.

„Би сакала сите да сте живи и здрави и да ги доживеете моите години, и уште повеќе“, посака госпоѓа Анастасија.
Пеењето е традиција во нивниот дом, таа пее народни песни цел живот за своја душа, а сега за прв пат покажа јавно дека талентот во семејството Петрески кај нив е нешто што се пренесува со генерации.

Преку проектот насловен „5 за 50“ на ова свое славје ги промовираше и своите пет нови песни, на кои освен „Ќе ти купам широк фустан бре Зуице“ се најдоа и “Реканска”, “Мојата хармоника”, “Даме од Македонија” и “Симпатија”.

Зуица Лазов со синот Стефан, ученик во втора година во средно музичко училиште, и со сопругот Наум Петрески ја сними песната „Даме од Македонија“, која исто таа ја изведоа заедно.

 

Вистински бум беше изведбата на песната “Симпатија” со ќерката Македонка Петреска, дипломка по соло пеење на Факултетот за музичка уметност во класата на Весна Ѓиновска- Илкова.
Нема да згрешеме ако речеме дека со оваа избедба е надмината и оригиналната на хрватската група „Магазин“ од  1994 година со гласовите на  Данијела Мартиновиќ и хрватска оперска пејачка Марија Бубиќ.

Зуица доста емотивно зборуваше за своите родители кои одамна ги нема и дека овие песни снимени со најблиските всушност се верување кое си го дала кон својата покојна мајка, и дека по толку години се враќа на својата прва љубов, хармониката, па затоа и снимила песна за хармонијата.

 

„Реканска“ пак е песна за која аранжман направи нејзин колега од музичкото училиште Илија Јаневски, на музика и текст на текстописецот со меко и освојувачко перо Соња Дојчиновска, која ги потпишува и текстот и музиката на “Даме од Македонија” (аранжман Дејан Момироски) и “Мојата хармоника” (аранжман Љупчо Соколовски). Дојчиновска, овој пат, се појави и во улога на елегантна водителка на промоцијата и покажа дека не изгубила ни грам од својата спонтаност и шарм од времето кога водеше гледани емисии на македонските телевизии.

Славјето, за кое ќе се прераскажува уште долго, на познатата пејачка, професорка по хармоника во ДМБУЦ „Илија Николовски-Луј“ и поранешна ТВ водителка на музички серијал, заврши со меѓусебни муабетења на новинарите кои едногласно дадоа предлог во иднина да нѐ претставува на Евровизија, со оглед на нејзините сестрани музички квалитети и претставителен изглед на сцена.

Валентина Ѓоргиевска Парго уредничка во КулАрт 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.