Зоран Кардула го изработи постерот на Оффест 2024

“Пет години во низа уживаме во креативните решенија на Зоран Кардула, чиј препознатлив ракопис стана нераскинлив дел од впечатливиот имиџ на OFFest”, вели организаторот на овој познат фестивал и го  најавува своето претстојно издание со објава на официјалниот постер за годинава, изработен од Кардула.
 
***
Јужноафриканскиот состав BCUC е првото големо име на музиката на светот што го потврди својот настап на претстојниот OFFest. Возбудата е дотолку поголема што токму оваа седумчлена екипа од Совето, Јоханесбург, е актуелен добитник на специјалната награда за животно дело (Artist Award) на минатиот WOMEX. И последниве години – водечка музичка атракција во светот. Bantu Continua Uhuru Consciousness или скратено BCUC ќе настапат во Скопје на 6 јуни, на првата вечер на OFFest.
***
Гитаристот Omara Bombino Moctar од Нигер е новата голема ѕвезда на пустинскиот блуз и рок. Премиерно во Скопје, со промоција на својот последен блескав албум, Sahel.
Bombino ќе настапи на 6 јуни, на отворањето на OFFest, во бомбастичен double bill со Јужноафриканците BCUC, добитниците на наградата за животно дело на последниот WOMEX.
Уште една светска музичка сензација го потврди своето учество на OFFest (6- 9 јуни). Станува збор за француско- етиописката група KUTU, предводена од реномираниот француски џез-виолинист Théo Ceccaldi и атрактивната етиописка пејачка Hewan Gebrewold. Нивната музика се опишува како поетска, космичка и духовна фузија на етиописките ритми и раскошните импровизации, што резултира со своевиден електро-мистичен етио-транс.
Нивниот настап во Скопје е закажан за 7 јуни.
***
Списокот на бендови и артисти што ќе настапат на 23. OFFest е збогатен со уште едно значајно име на музиката на светот. Холанскиот секстет Boi Akih, предводен од авторскиот тандем Niels Brouwer (гитара, композиции) и Monica Akihary (вокал, текстови), успешно ги синтетизира влијанијата на музиката на светот и на импровизираната музика во својата извонредно комплексна и софистицирана музичка приказна. Настапот на Boi Akih во Скопје е закажан за 7 јуни, во иста вечер со француско- етиопискиот бенд KUTU.
***
Познато име од годинешната програма на ОФФест е и легендарниот шпански гитарист и композитор Vicente Amigo. Со веќе долга кариера зад себе, две „Греми“ награди и култна музичка репутација, тој за првпат ќе гостува во Скопје, промовирајќи го својот нов албум.
Настапот на Vicente Amigo и неговата група е закажан за 8 јуни.
***
Уште едно големо име на светската музика се приклучува кон богатата листа на артисти што ќе настапат на годинешното 23. издание на OFFest. Од срцевината на полските планини, харизматичните Vołosi го распостреа својот звук – оригиналнa мешавина на модерното и традиционалното – низ целата земјина топка, настапувајќи во најпрестижните светски концертни сали и фестивали. Во Скопје тие ќе гостуваат на 9 јуни, последната вечер на OFFest.
***
Наскоро, повеќе детали за фестивалот.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.