Здружението на новинарите (ЗНМ) и Мисијата на ОБСЕ во Скопје информираат дека денеска започна дистрибуцијата на пакетите со заштитни средства за медиумите во Македонија.
Секој од пакетите содржи заштитни маски, ракавици, наочари, средства за дезинфекција и друго. Пакетите ќе бидат дистрибуирани до медиумите во текот на следните неколку дена.
Претседателот на ЗНМ, Младен Чадиковски рече дека информирањето денес е важно и мораме да направиме се за да ги заштитиме новинарите, со цел вистинската вест да стаса до граѓаните. „Медиумските работници се на првите борбени линии, изложени на секакви опасности, а како што можеме да видиме и на опасноста да бидат заразени. Заштитени истражуваме, објавуваме и информираме. Коронавирусот е опасен, но исто толку опасна е и заразата да останеме неинформирани за тоа што се случува околу нас во оваа вонредна состојба што ја живееме“, истакна тој и додаде: „Затоа ЗНМ во соработка со Мисијата на ОБСЕ во Скопје обезбеди 150 пакети со различни средства, неопходни за физичка заштита на новинарите и медиумските работници, која сега во пикот на заразата ќе биде поделена на околу 100 медиуми (радија, телевизии, весници, портали) од Скопје, но и од другите градови од државата.