Во Старата скопска чаршија на 15, 16 и 17 септември ќе се одржи „Звуците на чаршијата“

 

 

 

Во старото градско јадро на Старата скопска чаршија на 15, 16 и 17 септември, во организација на Културно-информативниот центар – Скопје, ќе се одржи традиционалната манифестација „Звуците на чаршијата“, чија цел, веќе неколку години, е да ја заживее чаршијата преку концерти од сите жанрови, перформанси, фолклорни настапи, поезија, ликовни изложби и презентација на стари занаети.
– Звуците на чаршијата“ е мултимедијална и мултикултурна манифестација, која годинава се одржува по 15-пат, со идеја да потсети на заборавената традиција, да оживее некои недоволно посетени простори на Скопје и да придонесе кон еманципација на културно неизградените средини. Таа придонесува кон континуираните активности на градот Скопје и Културно-информативниот центар – Скопје за ревитализација на Старата скопска чаршија – посочуваат организаторите и потенцираат дека настаните ќе се реализираат согласно со актуелните протоколи и мерки за организирање настани.
За петнаесетото издание најавена е богата и разновидна програма со ликовни изложби, концерти, претстави, филмови, литература на повеќе локации во Старата скопска чаршијата.
Манифестацијата почнува на 15 септември (среда) во 20 часот во „Куршумли ан“ со повеќе настани од кои централен е концертот на „Тројца тенори“, трио што го сочинуваат: Јосиф Ѓипали, Кастриот Туша и Мустафа Имери. Настапува и Оркестарот на МОБ. Истата вечер ќе се одржи и гала концерт насловен „Вечер на лирски песни“, како и меѓународна изложба „Арт симпозиум – Струга“.
На 16 септември активностите почнуваат во 12 часот на пладне со настаните: „Улични музичари“, „Две флејти“, концерт на соло и гитара и концерт на гудачки квартет. Од 16 часот ќе се одржат литературните манифестации „Секоја калдрма со своја приказна“ и „Поетски бисери“ и концерт и промоција на цеде. Почнувајќи од 19 часот на плоштадот Скендербег концерти ќе одржат: Амар, Леонора Полоска и Бенд, Лаура Карлиу и Шпенд Латифи и Бенд, ATA Бенд Валон Сума и Бенд.
На 17 септември во 21 часот на локацијата под Калето ќе има проекција на отворено на филмот „Една приказна од Приштина“ во режија на Бурбуќе Бериша со што завршува годинешната манифестацијата „Звуците на чаршијата“.
– Целта на проектот е презентација на различните традиционални уметности, традиции и култури во Македонија. Со еден збор ова е зближување и подобро запознавање меѓу етникумите во земјата, значи доближување до граѓаните преку културата – велат организаторите.
Фестивалот е првиот чекор што град Скопје го направи во 2006 година како иницијатива за заживување на чаршијата. Изменетото работно време и забраната за движење на возила по улиците на чаршијата, пак, придонесоа таа да стане најфереквентното место во градот во кое доаѓаат да се забавуваат граѓани од сите националности. Изминативе години на „Звуците на чаршијата“ учествуваа многу познати пејачи, уметници, танчери, аниматори, познати групи, македонски, албански, турски, ромски, во духот на идејата на манифестацијата, да биде мултикултурна. КИЦ – Скопје, освен на реномирани уметници им дава шанса и на дебитанти, кои токму тука, на ова место, на оваа манифестација ја започнале својата кариера.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.