ВО САБОТА НА ГОСТИ: На Бегова тава “Кај Ноки”!

Ајде да ве одведеме “Кај Ноки”!

Ние, неколку новинарки и новинари, неодамна бевме поканети “апансас” на дружба и еден вид неформална прес конференција за фестивалот “Гоце фест”, но наместо само тоа таму нѐ чекаше и гозба на која ѝ се настрвивме веднаш.

Поставената маса беше во домашен стил, на неа тазе месени зелници, домашно гравче во земјени здели, домашна туршија, ајварче, лепчиња, помфрит, охохоооо, прсти да излижеш.

И кога веќе рековме “е не можеме повеќе”, стигна скарата со: домашни колбаси, кебапи и плескавици. Вкусивме многу вкусен микс од традиционална домашна трпеза и класична скара, така што му најавивме на сопственикот на ресторанот, дека пак ќе му отидеме.

Денес му отидовме и тоа ненајавени во “патрола”, да видиме дали Ноки е секогаш таков мајстор за трпеза, поточно неговата сопруга Анета, која е главен Шеф во кујна и толку се чувствува удобно и своја, што тешко дека ќе ја извадите од таму. Експериментира, прави свои рецепти, додава, подготвува, меси, тегне, пече…ужива во работата.

Само што влеговме на првата маса повторно го сретнавме господинот Пеце Здравковски директорот на “Гоце фест”, овој пат по неколкудневна настинка и кашлица дошол малку да се нагости и да си помуабети со фолк пејачката Виданка Георгиевска, во пресрет на фестивалот кој е на 15. март, следниот петок.

Предјадењето, мешана свежа салата беше во тек, додека газда Ноки посветено ги служеше гостите на другата маса, каде се славеше среќното заминување во пензија на Живко Костадиновски- Чапе од Автокоманда, машиновозач во Македонски железници и поранешен играорец во КУД “Гоце Делчев”.

Ги служеше со класична скара, комбинирана со топла нафора- цели векни со рендано топено сирење врз нив, векните чадеа и се топеа во уста, а ги послужуваше толку многу ќејфлиски и со топол збор, што на крај кога Виданка му ја запеа на славеникот на увце “Многу мерак имам бабо”, направи уште еден уште срдечен гест- донесе од кујната тепсија и ја фрли на под, од мерак.

Ама тоа не е само кафана/ меана, драги читатели, штом влезеш таму тоа е веќе дом, како дома.

Како дома!

Потоа пак се префрли на масата кај Пеце и со мерак му сипаше рујно домашно вино, произведено во приватна винарија, а и му подготвија пица по негов рецепт- италијанска ама и по македонски, покриена со кашкавал и преполно со крупни парчиња салама мортадела …

Во оваа кујна се експериментира!

Ќе се најадеш со очи само штом ги видиш јадењата.

Таму денес немаше други гости, а капацитетот е 36- 40 места внатре, а налето и 20 надвор во дворот.

Во овој скопски ресторан зад трговскиот центар “Три бисери” се оди со најава, затоа што тие најмногу работаат со нарачки за кетеринг. Кафеаната постои 24 години и официјалното име ѝ е “Нина”, по едната од двете ќерки Нина и Розе, кои често помагаат, како и нивниот син Тихомир, ама ја знаат како “Кај Ноки”, по сопственикот, кој како поранешен хармоникаш цели 35 години, има широк круг на пријатели и познаници во целиот град и пошироко.

Просторот е сѐ на сѐ 53 квадрати со кујната. Малечок, но спакуван како кутивче. Во секој ќош има естетски наместени книги, стари предмети, ѓумчиња, музички инструменти- хармоника, гитара, труби, тарабука…

…и дури 32 уметнички слики, цртежи (не ни беше тешко да ги изброиме, додека ги разгледувавме, зашто привлекуваат внимание со своите мотиви, стари градски куќи, сокаци, мртва природа, природа). Потпишани од таткото Владимир и синот Матеј Костов.

Ноки ни раскажува дека сите слики се платени со специјалитети, разбирливо, Владимир ќе нацрта слика, и таа се компензира со некое убаво јадење. Таков им е договорот.

Трампа, секој со својот мајсторлук!

Никој не може да одолее на храната “Кај Ноки”.

Или како што Пеце со мерак му дофрлува на својот пријател: “Скадарлија во Белград, вода ќе ти носи”.

Нема што нема.

Чекајте, погледнете како му точи вино.

Чаша наливно вино е 80 денари, бокалче од половина литар 160 и од литар 320 денари. Македонско сортно вино. Тоа речиси со сѐ се пие. Со специјалитетите, со кои изобилува оваа куќа.

Нема да ги издвоиме вообичаените, пици, свински и пилешки пастрмајлии (по 250 денари), телешка и шкембе чорба со топло лепче, зелникот со сирење, со мелено месо, со компир, со праз и суви пиперки (од 300 до 600 денари), макалото, пестото од лук и маслиново масло…

Ама ќе ја издвоиме и споменеме “Бегова тава” со три видови месо: пилешко, телешко и јагнешко, и со крупни компири, која чини 1500 денари за шест чинии. Сега веќе знаеме што јаделе и беговите.

Оваа “тава” се подготвува четири часа.

А најголемите специјалитети ги прават од дивеч и тие се движат од 1800 до 6000 денари: зајак, дива свиња, дива коза, прасиња…

Баклава со јаболка како ролат  е исто така специјалитет на куќата и чини од 1200 до 1700 денари, а се служи и раванија со сладолед.

Како што рековме главен мајстор и шефица сама на себе си е Анета и сѐ подготвува со своите две раце и со помош од сопругот Ноки. Можат да подготват кетеринг за 40 гости дневно.

Нивниот син Тихомир е кувар и лидер во Македонија за готвење, но тој сега работи на друго место, а наскоро ќе отворат голем ресторан и ќе им е нов семеен бизнис.

Ако ви кажеме дека Ноки алијас Новица Милановиќ, вари најубаво турско кафе во ѓезве да ни верувате, поинакво и не подготвува, но како добар сопственик доколку побарате еспресо, макијато и нес, за вас ќе порача од соседните кафулиња.

Да му одите некој ден “Кај Ноки”  и вие, во “кулинарска патрола”. И на некој најубав специјалитет, може и на Бегова тава, да вкусите и почувствувате како било на трпезата на беговите, а сега и овде…

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.