На 20 ноември 2024, со почеток од 18:30 часот, во Македонскиот културно-информативен центар во Софија ќе се одржи настанот „Вечер на македонски свити и фантазии“ на Љупчо Коскаров (труба) и Дарко Мариновски (пијано).
Македонските професионалци и педагози ќе претстават свити и фантазии, композиции на Љупчо Коскаров, создадени врз основата на македонскиот фолклор.
Настанот ќе се одржи во присуство на академикот и почесен амбасадор на мирот д-р Зоран Пејковски- новиот директор на Македонскиот културно-информативен центар во Софија.
Програма:
Љ. Коскаров
– Налеј, Налеј – Свита – Allegro, Tempo di valse (meno mosso), Presto
– Чифликот – Фантазија – Allegro, All.moderato, Allegro – Presto
– Македонска свита – Свита – Tempo rubato, Andnte, Finale
– Тиквешки марш – Свита – Tempo di Marcia, Moderato, Finale vivace
– Дафино – Фантазија – Ad libitum, Moderato, Finale allegro
– Деспина – Фантазија – Ad libitum, Moderato, Finale
– Виртуозни варијации – Фантазија – Allegro-Presto-Allegro
Марина Владимирова Јаневска – сопран к.г.
***
Љупчо Коскаров (Кавадарци, 1967) студира на Музичката академија во Љубљана (класа на проф. А. Грчар) и на ФМУ во Скопје (класа на проф. С. Савев). Магистрира на Државната музичка академија во Софија, Бугарија (класа на проф. А. Македонски), а со титулата доктор на музички науки се стекнува во 2010 година, под менторство на Н. С. Огненоска и А. К. Македонски.
Во неговата, долгогодишна уметничка дејност, Коскаров има реализирано голем број музички настапи и проекти во речиси сите музички жанрови: класична, џез и поп музика, на меѓународната и домашната сцена: САД, Англија, Франција, Германија, Шведска, Словенија, Србија, Хрватска, Турција и Бугарија. На домашниот фестивалски подиум, тој е редовен гостин на сите значајни фестивали: Охридско лето, Скопско лето, Златна лира, Денови на македонска музика. Во својата кариера реализирал бројни солистички концерти со Македонската филхармонија и оркестрите на територија на поранешна СФРЈ.
Од 2010 година работи како професор на ИУ Еуропа Прима во Скопје, каде во 2018 година е избран во звањето редовен професор, а во 2019 година е избран за Декан на факултетот за музика при истиот универзитет, функција што ја извршува до денес.
Во својата уметничка кариера реализирал бројни снимки како солист на труба во придружба на домашни и странски уметници: Војо Јовановиќ (гитара), Јасминка Чакар (пијано), Дарко Мариновски (пијано). Раководител е на бројни летни мастершколи и семинари по труба и камерна музика (Скопје, Дојран, Охрид, Кавадарци).
Мошне богата е неговата научно-истражувачка работа. Коскаров има објавено повеќе стручни и научни трудови и учебници кои што говорат за неговата плодна публицистичка дејност. Посебно значајна е монографијата “Primary Education for Trumpet in the Republic of Macedonia – Theory and Practice of Trumpet Education), објавена во Германија од страна на престижната Ламберт академија од Берлин, во која авторот концизно и систематично ги обработува сите аспекти на образованието во Македонија правејќи компаративен осврт со светските искуства.
Дарко Мариновски (Скопје, 1974) дипломира на ФМУ во Скопје (класа на проф. Борис Романов), а магистерските студии ги завршува на истата институција под менторство на проф. Јасмина Чакар. Од 2013 година работи како професор по пијано и корепетиција во ДМБУЦ „Илија Николовски – Луј“ во Скопје. Во јануари 2009 година е избран за Декан на Факултетот за применета музика на Универзитетот за аудиовизуелни уметности ИУ Еуропа Прима, функција која ја извршува до 2017 година. Во 2016 година е избран во звањето редовен професор на ИУ Еуропа Прима. Во богатата концертна биографија на Дарко Мариновски се запишани бројни настапи и уметнички соработки со реномирани музички уметници, на концертни и фестивалски подиуми во Македонија и надвор од нејзините граници (Рим, Париз, Вашингтон).
Од септември 2013 година работи на Музичката академија при УГД Штип како пијано соработник на вокалната класа на проф. Борис Трајанов и во оперското студио при истата институција. Од септември 2015 година работи и на Филмската академија при УГД Штип каде ги предава предметите звук на филм и акустика со психоакустика, перцепција и анализа.
Дарко Мариновски е автор и на применета музика на неколку краткометражни филмови, на музиката за театарската претстава „Косара“ од Загорка По Антовска. Како член на квартетот „Коскаров“ го снима ЦД-то „The Best of Jazz and Blues“ со музика од светската џез литература (2011).