Валандово запеа за Јанко Узунов!

Кога нешто се организира со срце и со добра мисла, се чини дека дури не треба ни сценарио-самата добра мисла е водилка низ едно убаво патување и убав крај на нештата.

Таков беше синоќа и концертот на “Распеани Валандовчани” во пресрет на нивниот 50 годишен јубилеј, а посветен на нивниот славен сограѓанин маестро Јанко Узунов, роден Валандовчанец, кој се одржа во кино салата на Домот на културата “25 мај” во Валандово, на само неколку метри од концертната сала која го носи името на овој славен Валандовчанец.

“Распеани Валандовчани” и нивните гости направија “цел филм”. Далеку од тоа дека “немаше сценарио”, се беше организирано под конец, но спонтаноста и искреноста со која настапија сите, беше нешто што ја направи ноќта посебна и со благородна посвета на неповторливиот музички деец, исполнител, автор и педагог.

Концеротот почна со видео песна од Јанко Узунов, со најава од водителите Зоран Стојчев и Станка Бајлозова-Брљамова и потоа со покана на сцена да се качи неговата сопруга Жаклина Узунова. Таа срдечно ги поздрави присутните, се заблагодари на Министерство за култура за поддршката за концертот, а потоа некако сама по себе и се “наметна” улогата на домаќинка и модераторка, и да пее и да ги најавува гостите.

А гости на микрофон, со свои изјави и уникатни спомени кои дотогаш не ги кажале беа радио водителот Никола Фириев, авторот и пејач Ванчо Тарабунов, со кого се врзани и почетоците и првите музички успеси на Узунов (тој го убедил и го однел на аудиција во МРТВ, во крајот на шеесеттите), новинарката Валентина Ѓоргиевска- Парго, на која и посвети концерот со учениците, за жал негов последен концерт, и големиот хармоникаш Горан Алачки, на кого пак првите музички почетоци му се врзани со Узунов.

Се кажаа топли спомени од нивните моменти со музичката легенда, а потоа во име на новинарот и текстописец Ѓорги Ѓоргиевски Ѓе.Ѓе., неговата книга “Македонијо, гордост моја” во која се спомнува и семејството Узунови, пејачот Горан Симевски на сцена и ја врачи на Жаклина.

Она што за Јанко беше општо познато е дека беше голем патриот, на вистински, творечки начин, па на тоа се потсетија и говорниците на видео бим неговиот син Кирил Узунов, музикологот Костадин Костадиновски, водителката Катерина Стојановска- Десковска, радио водителката Марија Велковска, докторот Јорданчо Иванов, но видовме и видео проекции од настапи на Јанко Узунов, снимени материјали и беседи посветени на овој голем уметник од негови другари од детството, соработници, пријатели, обожаватели а исто така и изведба на песната „За Јанко“ од “Уни Бенд” од дечињата од трето одделение од О. У. “Јосип Броз – Тито”  Валандово, а и некои блиски Валандовчани, но спомени зад сцена раскажаа и скопјаните Благица и Војче Стефановски…

Неговата најистакната ученичка од школото “Узун” Александра Станкоска (на фотосот) засвире на гитара и запеа со Жаклина, како и Бране Коловски, со кого некогаш ја формирале групата “Узун”, и неколку други музичари.

За крај, пред Валандовчани, пред еминенти гости и градоначалникот и покровител Перо Костадинов, на сцена се претставија “Распеани Валандовчани” со три песни, големи хитови од Јанко, за да публиката остане уште 15-тина минути потоа во салата и да бара уште. До следниот пат.

Од овој убав концерт, кој неофицијално почна со дружење пред тоа на членовите на валандовската група “Уни бенд”, и Тони и Дони Узунови, Петар Јованов, во ресторанот “Делта” и споделување на спомени за Јанко со гостите, потоа  произлегоа уште две идеи на сцена – Костадиновски, инаку и самиот Валандовчанец, на видео бим порача дека Јанко Узунов заслужува споменик во центарот на Валандово, а новинарката Ѓоргиевска – Парго вети дека ќе напише книга со сеќавањата на сопругата Жаклина, со која беа неразделни и делеа невообичаена љубов, и затоа ги повика и сите кои имаат заеднички спомени да и ги кажат, за да ја збогатат книгата која ќе се пишува…

(Алачки засвири позната песна од Јанко)

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.