Утре: „Профундис“ и солистот Драган Ѓорѓевиќ Сузуки ќе настапат на „Грув”- Скопје

20.04.2023
Досега невидени сценски визуелни ефекти во форма на 3Д мапинг и уникатна програма ќе бидат премиерно прикажани на концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) на македонскиот камерен оркестар „Профундис“ кој ќе се одржи утревечер со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет.
Уникатноста на овој концерт е во спојот на музиката и визуелното волшепство, па така искуството на присутните ќе биде збогатено со специјално креирани 3Д визуелни ефекти од единствениот Милчо Узунов кои со технологијата на 3Д мапинг во целост ќе ја оживеат сцената на Националната опера и балет и ќе бидат уникатно доживување кое за првпат ќе се случува во нашата земја на концерти од класичната музика.
На сцената како солист ќе настапи виртуозот на виолончело Драган Ѓорѓевиќ- Сузуки, кој пред македонската публика ќе се претстави заедно со врвните музичари од камерниот состав „Профундис“ под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ.
На концертниот спектакл „GROOVE“ (ГРУВ) ќе прозвучи оригинална програма со четири праизведби составени од класиката, преку фолклорот, до рокенролот.
Ексклузивноста на програмата преку делата на Џими Хендрикс, Палп Фикшн – Мизерлоу, В.Валтон, Д.Шостакович, Офенбах, Попер и Сарасате ќе ја збогати и делото на македонскиот композитор Дарко Илиевски- „Motus folklorikus“, напишано специјално за овој настан и посветено на камерниот оркестар „Профундис“.
-Програмата концептуално е составена од избрани композиции коишто во фузија со 3Д мапингот ќе предизвикаат „напад“ на сите сетила кај публиката. Овој концерт е доказ дека креативноста не познава  граници и ќе биде навистина неверојатно мултимедијално доживување кое се случува еднаш, но останува
засекогаш. На наше големо задоволство во продажба се останати уште многу мал број на билети, што значи полна сала а тоа а нас уметниците е од исклучително значење – изјави маестра Ѓурѓица Дашиќ, уметнички раководител и диригент на „Профундис“.
Инаку, ова е следен во низата на концертни спектакли на камерниот оркестар „Профундис“, откако минатата година ја одбележа настапот на светски познатата виолинистка Ирина Мурезану која ја наполни концертната сала на Националната филхармонија.
Настанот ќе се одржи во Националната опера и балет, на 21 април (петок) со почеток во 20 часот.
Влезниците, по цена од 750 денари, се продаваат преку продажната мрежа на МКТикетс во државата, како  и на следниот линк – https://mktickets.mk/event/groove/.
***
Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав кој постои веќе три години и чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
***
Драган Ѓорѓевиќ e еминентен виолончелист и професор по виолончело на Факултетот за музичка уметност во Белград. Почнал да свири виолина на шест години, но се префрлил на виолончело и ги добил првите часови кај проф. Реља Ќетковиќ. Дипломирал на Факултетот
за музичка уметност во Белград и ги продолжил студиите во Лондон, каде што свирел со Лондонскиот симфониски оркестар и Кралската северна симфонија. Драган подоцна студирал со Јанг Чанг Чо на Hochschule fur Musik во Германија, каде што ја добил својата диплома со одликување и посебна чест.
Како солист и камерен музичар, Драган настапувал на бројни меѓународни музички фестивали и соработувал со многу реномирани уметници. Тој е и уметнички директор на Училиштето за музички надарени деца во Ќуприја.
куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.