“Тумба фест 2024” нѐ преплави со мераци!

Куманово, 30.08.2024

“Да гу немасмо ќе требаше да гу измислимо”, за среќа е измислен и тоа во јадрото на новосоздадената музика, во Валандово, поточно во хотел во Нов Дојран, каде се собирале пејачите после фестивалот и фештите во дојранската кафеана Фук-так, во славните времиња,  и каде што, ем се случуваше музичка антологија, ем упатените добро знаат- се случуваше кроење на национална фестивалска стратегија, која понатаму стануваше вистинска историја. На маса. Со чашка вино…

И кога на “шега”, во една таква дружба Ванчо Тарабунов на кумановецот- уредник Ванчо Михајловски, во негов ноншалантно и малку кавгаџиско- боемски стил, гласно го запрашал “ами вие Кумановци толку се фалите дека сте мајтапчии, а немате фестивал на шегобијни песни, зошто?” со што се согласиле и Блага Петреска и Миле Барбаровски, ќе ни раскаже денес Боби Петковски кој бил во тоа друштво, како соработник на Михајловски, сѐ се променило.

И од таму идејата отпатувала и стигнала каде што ѝ е местото, па во деведесеттите во зародишот на повеќето фолк фестивали, се раѓа и “Тумба фест” насловен според познатото кумановско народно предание “куде Тумбу и четири бандере”…

Фестивал поинаков од сите други- кој ќе насмее, ќе израдува, ќе се пошегува, ќе прошири вибрација на радост и ослободување на душата, стегната од секојдневните проблеми. Фестивал кој го вади најдоброто од душата на авторите на виделина, кој зацелува рани преку смеа и шега.

На почеток кумановци божем љубоморни, си го чуваа само за себе, сѐ што си испеаја, си испеаја на кумановски, како исклучително оригинален и чешит дијалект, тоа рака на срце сите им го признаваат, и најмногу за нивниот опеан јунак батко Ѓоргија, кој сѐ што видел посакал да е негово. Мераклија, кумановски.

Сѐ до пред некоја година, кога авторитетниот директор Драган Јаким размислил дека доста мераклиите од другите градови (им) го освојуваат Куманово и кумановските теми, ајде сега Куманово да ја освои цела Македонија, поканувајќи ги сите нив на нивни терен да дојдат и да заспеат и на свој дијалект, да покажат што знаат и умеат, едноставно да си ги измерат силите дали се исто толку мајтапчии како и нив.

И така, оваа година се случи можеби, и со сигурност најдоброто издание, откако фестивалот е основан (бомбастично) во 1995 гофина, па прекина (тивко) во 2000-та, и се возобнови во 2019 година…

Не, никако нема споредба со првите легендарни изданија, ниту некој би се осмелил да ја чепне таа вредност, тие вечни хитови, ама ако тие биле подлогата, корените на дрвото, растежот и кулминацијата фактички се нивниот плод, а годинава тој плод беше изразен преку 19 нови урнебесни песни на “Тумба фест Куманово 2024”

29 август, лето Господово 2024- то, преполн плоштад. 

* Мелодиите- која од која повесела поубава, хуморот максимално достоинствен, песните поголеми и од самите изведувачи, иако некои од нив многу големи ѕвезди и легенди.

Со тоа- ефектот е целосно постигнат!

* Цела година макотрпна пипава работа нота по нота, рефрен по рефрен, збор по збор. Во разни студија. За да се дојде до ова ниво кое издигнува. Кое ежи и возбудува. И вознесува. Во македонски мелос и во богатство на дијалекти- кумановски, ресенски, дојрански, кавадаречки, валандовски, охридски, кривопаланечки… каде за ништо нема ни граници, ни предрасуди, и каде сите се споени- во меракот.

* Мелосот, од архаичен до спакуван најмодерно аранжерски, македонски.

* Сѐ само насмевки и расположение.

* Без награди, без тензии.

* Награди само за најзаслужните со минат труд- добитници за животно дело Маргица Антевска и Ристо Краповски кои ја испеаја “Цел ноќ ти се к’лну Гинче”. И за најслушана песна меѓу два фестивал на Влатко Алексовски “Ожени се сине”.

* Сите аплаудираат. Весело, распеано…

* И небото соработуваше, дождецот прекина пред сам почеток на фештата.

* Се пееше “Ех да можам” (за евра и долари), за “Единец”, за “Удри бригу на весеље”, “Миро мори Мирке”, ” Куманово ти намини”, “После свадба тапани” (за карма поради неверство), за “Неста ресенска”, “К’д ќе дојдеш у Куманово”, “Нејќам да сум стара мома”, “Таса Тасула”, “Еј кафеано ти ми беше сѐ”, “Ама памет не дојде” – со препознатливиот домаќин- боем Нино Величковски, “Ај да се пресрамимо”, “Со душа живот украси”, “Љубел Петко многу жени”, “Еј мори Јовке Кумановке”, “Министерка”, “Дојранска”…

* Кој сѐ запеа? Вања Најденова (Бугарија), Круме Спасовски, група “Династија”, Љупчо Јовановски Бубе, Боге Стојановски Дилиндарац, Лени Партикова, Лилјана Прнаркова, Ташко Каранфиловски и “Астра бенд”, Маргица Антевска, Елеонора Ели Божанова (Бугарија), Петар Нечовски, Благица Павловска, Нино Величковски, Ирена Спасовска и Цане Петров, Ѓоко Ѓорчев и Јованка Јо, Влатко Миладиновски, Бранимир Стошиќ- Каце (Србија), Катерина Брезева и “Соната” и Љупчо Бубо Каров и “Трио Гранде плус”.

***

Постфестивалската дружба во хотел “Куманово спа” можеби ќе останеше во тајност ама не можеш да одолееш да не вклучиш камера кога пее Круме Спасовски и заедно со сите присутни слави свој 78-ми роденден, па Ристо Краповски, Ташко и Јованка во дует, Горан Милошески Бато, Елеонора, Влатко Миладиновски, Игор Трајковски…Па и текстописецот Боби (сега веќе како гостин од Љубљана) се фати за микрофон и баш нѐ насмеа кога ја објаснува анегдотата дека за неговата песна “Голем мераклија” на ФБ наишол на кавга меѓу врањанец и нишлија, во која едниот тврдел дека е стара народна, другиот тврдел дека го знаел авторот на песната и напишал некое српско име…а дента имаше промоција на својата истоимена книга со 50 “д бест оф” текстови испеани на овој фестивал, чиј промотор беше Ѓорги Калајџиев.

Будната грижа за целокупното расположение на присутните беше во менаџирање на главните луѓе- директорот Драган Јаким и членот на Советот, Слаѓана Ивановиќ… И така со смеа и песна помина ноќта.

* Во меѓувреме социјалните мрежи преплавени со фотографии, лајфови, снимки и импресии. Снимка од ова издание на фестивалот, организирано од страна на “Етно ризница”, а помогнато од Општина Куманово, ќе има и на ТВ Балканика, Македонската радиото и телевизија не го архивира ова фестивалско творештво, кое ќе си го најде патот да се слушне и обнароди, но сигурно водителката на Сузана Апостолова од МТВ која ја водеше програмата, ќе ги покани во своите емисии сите учесници, зашто има и што да запеат.

А за дополнителни коментари и анализи на испеаното, таа чест ја оставаме исклучиво и само на нејзиното височество Публиката.

Па догодина нека е со најмалку 50 вакви и слични преубави песни…

 

Валентина Ѓоргиевска Парго 

 

 

Медиумски покровител:

 

 

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.