Скопје, јули 2024 година
Во својата 75-годишната историја постоење прочуениот ансамбл за народни игри и песни „Танец“, за прв пат доби жена на функцијата директор, станува збор за Весна Митевска новата в. д. директорка на оваа Националната установа (НУ). Таа е назначена од министерот за култура и туризам Зоран Љутков, откако досегашниот директор Мартин Вучиќ, кој беше на функцијата од 2018, самиот побарал разрешување.
Весна Митевска (38) е вработена во „Танец“ од 2006. Досега беше на позицијата истакнат играч од прв ред-солист со бројни настапи низ земјава и светот. Таа е матурантка на првата генерација образовани фолклорни играчи/пејачи во 2001 во ДМБУЦ „Илија Николовски Луј‟, каде во 2001 за прв пат во балетскиот оддел е отворена Насоката за традиционална музика и игра. По студиите на Одделот за Етнологија и антропологија на Природно-математичкиот факултет (ПМФ) на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, во 2008 Митевска се запишува на Факултетот за музичка уметност, на специјализираните студии по етнокореологија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип, каде добива звање дипломиран етнокореолог.
Во моментов е на магистерски студии на Институтот за етнологија и антропологија на ПМФ на УКИМ, на модулот Етнологија и антропологија на културното наследство. Работи и на својата прва книга, монографијата за фолклорната група од Петровец, местото каде што долги години и живее.