Стоечки овации за “Бедем” и музиката на Бетовен, во Филхармонија

Exif_JPEG_420

Концертниот живот во Македонија зеде еден прекрасен постпандемски процвет, и во рамките на сите тие фантастични концерти кои изминатиов период се одржаа во Скопје, високо место сигурно ќе земе и синоќешниот концерт (9.03.2023) со изведба на музика од музичкиот гениј Бетовен.
Насловен беше „Бедем“ и на него како солистка настапи една од најперспективните виолинистки на светската музичка сцена – Леиа Зу (Кина/Англија). Диригентка е Ребека Тонг (Индонезија/САД).
Добија силен аплауз и станување во знак на почит од публиката уште по првата изведба.
На програмата беа Концертот за виолина и оркестар во Де-дур и Симфонијата бр. 7 во А-дур од Лудвиг ван Бетовен, како и два става од композицијата „Robert’s suite“ на македонската авторка Бете Илин.
Ребека Тонг е матичен диригент на Симфонискиот оркестар на Џакарта и уметнички директор на Ансамблот за современа музика во Џакарта, со богато музичко CV.
Виолинистката Леиа Зу (2006) дебитирала во Њукасл на четири години. Од тогаш таа настапува со значајни ансамбли и оркестри низ светот, а на дванаесетгодишна возраст зад себе веќе имала настапи на најпрестижните сцени во повеќе од 18 земји и станува и најмладата уметница што ја застапува британската агенција „Харисон Парот“. За време на пандемијата, во август 2021 година, Леиа e поканета да го изведе „Интродукција и Рондо Капричозо“ од Сен-Санс со Лондонскиот симфониски оркестар, под диригентската палка на маестро Сајмон Ратл… Остварила и други значајни настапи.
Тие, синоќа, беа испратени со стоечки овации, по фантастичниот речиси двочасовен концерт во Филхармонија.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.