Стефан Миленковиќ и „Профундис“ најавија спектакулен концерт утревечер!

6
СКОПЈЕ, 19.09.2024: Утревечер, познатиот виолински виртуоз Стефан Миленковиќ ќе настапи со македонскиот камерен оркестар Профундис на еден од најочекуваните музички настани за сезоната. Концертот, кој ќе се одржи во големата сала на Македонската филхармонија, е веќе целосно распродаден, а љубителите на музиката со нетрпение ја очекуваат оваа извонредна соработка.
Миленковиќ, познат по својата извонредна техника и емоционална длабочина, ќе музицира заедно со Профундис под диригентската палка на маестра Ѓурѓица Дашиќ. Заедно, тие ќе изведат возбудлива, сложена и технички најпредизвикувачка програма која вклучува ремек-дела од композитори како Паганини, Сарасате и Чајковски.
За програмата, маестра Дашиќ истакна дека утревечер ќе бидат изведени некои од најсложените дела од класичната музика кои се предизвик дури и за најдобрите музичари, но заедно со виртуозот Стефан Миленковиќ и врвните музичари од камерниот оркестар „Профундис“, публиката ќе има единствена можност да ужива во перфектна изведба на овие ремек- дела.
„Не секогаш ние изведувачите ја бираме програмата, ама утревечер, во Филхармонија, тоа ќе биде величенствена класична музика на композитори кои го одбележаа минатиот век“, рече денеска на официјалната прес- конференција српскиот виолинист.
Говорејќи за настанот, Миленковиќ ја изрази својата восхитеност од Профундис, истакнувајќи ја извонредната уметничка изведба и страста за музиката на оркестарот. „Настапувањето со Профундис ќе биде од мое големо задоволство. Нивната посветеност на совршенството и нивното суптилно разбирање на репертоарот ќе го направат овој настан вистинска прослава на музиката,“ изјави тој.
Јане Бакевски од камерниот оркестар Профундис се заблагодари на публиката и на спонзорите за нивната несебична поддршка која е од огромно значење за поддршката на културата. „Публиката е нашата инспирација, а поддршката од спонзорите значи живот за овој камерен оркестар и нови концерти , во поголема форма и со поголеми дострели “, истакна Бакевски.
Соработката на Миленковиќ со Профундис е опишана како совршен спој, комбинирајќи ја неговата солистичка виртуозност со префинетиот звук на ансамблот.
Божидар Пејиќ, кој го потенцираше значењето на музицирањето заедно со Стефан Миленковиќ, изјави: „Настапувањето на иста сцена со уметник од калибарот на Стефан е искуство што го инспирира и мотивира целиот оркестар. Ова е можност да се сподели сцената со еден од најдобрите виолинисти на денешницата и да се создаде магија која ќе остане запаметена.“
Камерниот оркестар Профундис, под диригентската палка на Ѓурѓица Дашиќ, стекна репутација како еден од водечките камерни оркестри во регионот, познат по своите креативни и динамични настапи и иновативни програми.
Со концертот кој е целосно распродаден, оние кои успеале да обезбедат билети можат да очекуваат незаборавна вечер на музичка генијалност. Настанот ветува дека ќе биде достојно завршување на извонредната концертна сезона на овој камерен окрестар и доказ за постојаната атрактивност на класичната музика.
ЗА КАМЕРНИОТ ОРКЕСТАР „ПРОФУНДИС“
(МКД): Камерниот оркестар „Профундис“ е уметнички состав чии цели се промоција на квалитетот и особеноста на изразот со посебен акцент на оригиналноста на сите концертни изведувања. Во него членуваат едни од најистакнатите македонски инструменталисти што се дел од двата професионални оркестри во РСМ, Националната опера и балет и Националната филхармонија.
ЗА СТЕФАН МИЛЕНКОВИЌ (СРБ): Стефан Миленковиќ е српски виолинист со светска слава, познат уште од најраните години како „чудо од дете“. Роден во 1977 година, тој покажал извонреден музички талент уште од најрана возраст, одржувајќи го својот прв концерт на само шест години. Веќе на десетгодишна возраст, настапувал пред личности како претседателот на САД Роналд Реган, советскиот лидер Михаил Горбачов, и папата Јован Павле II. Со преку 1,000 концерти до својата 16-та година, Миленковиќ постојано ја потврдува својата техничка виртуозност и длабочина на интерпретација. Неговата кариера е обележана со настапи на престижни сцени како „Карнеги Хол“, Конзерваториумот „Чајковски“ во Москва, и „Марински“ театарот во Санкт Петербург. Во текот на својата кариера, Миленковиќ е добитник на бројни престижни награди и признанија. Меѓу неговите титули се „Уметник на векот“ и „Најхумана личност“, што ја одразува неговата посветеност не само кон музиката туку и кон општеството. Тој исто така ја добил и титулата „Личност на годината“ и е познат како еден од најистакнатите уметници од Балканот. Неговата интерпретација и уникатен стил продолжуваат да го воодушевуваат љубителите на класичната музика ширум светот, правејќи го Миленковиќ еден од најпознатите виолинисти на своето време. Миленковиќ не само што е извонреден изведувач, туку е и активен хуманитарец, со значителен придонес во светските хуманитарни напори и меѓународни музички соработки.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.