Спектакл на “Танец” во Подгорица по повод “Денот на независноста”

21.09.2024

Во присуство на претставници на власта и институциите, дипломатскиот кор, дијаспората и голем број на граѓани во преполната голема сала на КИЦ “Будо Томовиќ” се одржа спектакуларен концерт на “Танец” во Подгорица.

Концертот го организираше Амбасадата на Република Северна Македонија во Црна Гора, со поддршка на Министерството за култура на Северна Македонија, Секретаријатот за култура на Главниот град Подгорица и КИЦ “Будо Томовиќ”, а по повод “Денот на независноста” и 75 години од постоењето на ансамблот “Танец”

Настанот беше отворен со химни на Северна Македонија и Црна Гора, во изведба на Сузана Спасовска и Марина Цуца Франовиќ.
Потоа на присутните им се обрати амбасадорот Зеќир Рамчиловиќ, кој во својот говор го истакна значењето на овој како што кажа, кога пред 33 години ” во исклучително сложени околности, по успешно спроведениот референдум, повеќе од 95 отсто од македонските граѓани се изјаснија за независна држава. Од тогаш до денес, Македонија, на темелите на двата Илиндена, во 1903 и 1944 година, се заснова на илинденската традиција и антифашистичка борба на македонскиот народ и на сите граѓани на Македонија.”
Ги потенцираше стратешките определби на Северна Македонија, соработката помеѓу Црна Гора и Северна Македонија, потенцирајќи, дека Амбасадата на Северна Македонија во Црна Гора даде значаен придонес за поврзување не само на институциите, туку и на бизнис секторот, што резултира со зголемена економска соработка, зголемување на трговијата, туристичкиот промет, промоција и афирмација на Северна Македонија во Црна Гора, која е денес повеќе од очигледна”.
Честитајќи го јубилејот истакна дека „Танец“ е македонско национално богатство, и еден од најважните столбови на македонската традиција, фолклор и култура. Низ повеќедецениската работа, „Танец“ стана синоним за врвен уметнички и сценски израз, претставувајќи ги највредните форми на богатата ризница на македонскиот народ кој ја воодушевува публиката ширум светот.
По неговиот говор “Танец” се претстави со разновидна програма од својот широк репертоар. Публиката беше одушевена од “Тешкото”, “Копачка”, “Мариовска тресеница”, “Жетварка”, “Малешевка” и други кореографии. Ви салата се случи делириум при изведбата на вокалните фолклорни бисери од Сузана Спасовска, како “Кирјана вино продава”, а цела сала ги пееше безвременските песни “Море сокол пие” и “Македонско девојче”.
На крајот се одржа пригоден коктел за присутните, во друштво на членовите на “Танец” каде сите коментираа дека ова е најдобриот настан во изминатата година во Подгорица.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.