„Сонатна вечер“ со делата на Гоце Коларовски 

Концертот ќе се одржи на 15 ноември 2024 година во Концертната сала на Факултетот за музичка уметност- Скопје со почеток во 20 часот. Влезот е слободен.

На 25-тите „Есенски музички свечености“ ќе се држи концертот „Сонатна вечер“ со делата на Гоце Коларовски (1959-2006)- истакнатиот македонски композитор, педагог, научник и општествен деец, долгогодишен професор, а во два мандата и декан на Факултетот за музичка уметност- Скопје, како и гостин професор на Факултетот за уметности при Универзитетот во Ниш. Од неговата класа по композиција произлегоа повеќе студенти кои денес се видни композитори, професори, наставници.

Неговото творештво засновано како на богатата македонска фолклорна и духовна традиција, така и на современите дострели на светската музичка уметност зазема значајно место на домашните и странските концертни подиуми, активно се изведува на концертите и фестивалите, а исто така и во педагошкиот репертоар.

Програмата на концертот ја сочинуваат делата на Гоце Коларовски во кои се користи врвната инструментална форма- сонатната, која бара исклучително композиторско мајсторство, како и длабок интертпретациски пристап.

На концертот учествуваат водечките македонски музички уметници за кои композициите на Гоце Коларовски се траен дел од нивниот репертоар: Марија Вршкова (пијано), Марија Ѓошевска (пијано), Владимир Костов (виолина), Ангеле Михајловски (пијано) и Бојан Талески (виола).

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.