Со “Боеми” од Џакомо Пучини, Бисера Чадловска слави 20 годишен јубилеј

На 24 февруари со почеток во 20 часот на сцената на Националната опера и балет ќе се изведе ремек- делото „Боеми“ од Џакомо Пучини. Приказната за животот на љубовниците Родолфо и Мими ќе се изведе под диригентската палка на Бисера Чадловска, во режија на Дејан Прошев.
Операта е во четири чина, дејството се одвива во Париз кон крајот на 19 век, а либретото се базира на „Сцени од животот на боемите” на Хенри Мургер. Сценографијата е на Зоран Николовски, а костимограф е Марија Пупучевска, концерт-мајстор е Верица Ламбевска, хор-мајстор: Јасмина Ѓорѓеска.
Настапуваат: Ѓорѓи Цуцковски, Сандра Митровска, Марјан Јованоски, Драган Ампов, Александар Стефаноски, Наде Талевска, Невен Силјановски, Борко Биџовски, Јане Дунимаглоски, Александар Никодиновски, Диме Петров, хорот и оркестарот на Национална опера и балет.
Со изведбата на оперската претстава „Боеми“, диригентката Бисера Чадловска, ќе го одбележи јубилејот 20 години уметничка дејност на сцената на Националната опера и балет. Таа е првата жена диригент во Македонија, но важи и како еден од најплодните македонски оперски и балетски диригенти, со завидна бројка од над 50 оперски и балетски наслови во текот на нејзиното 20 годишно работење како прв диригент во Националната опера и балет.
„Музиката е неисцрпен извор на убавина, а една од моите желби секогаш беше да ја диригирам операта „Боеми“. Во изминатите 20 години, ја немав таа можност и затоа одлучив за овој мој прв поголем јубилеј да ја диригирам токму оваа опера. Таа е голем диригентски предизвик, прекрасна и емотивна музика. Задоволството е уште поголемо бидејќи сцената ќе ја делам со моите колеги од оркестарот, хорот и солистичкиот ансамбл на Националната опера и балет, со кои соработувам сиве овие години.“ – Бисера Чадловска, диригент.

***

Бисера Чадловска, диригент

Бисера Чадловска е родена во Скопје во 1978 година. Нижото музичко училиште „Илија Николовски – Луј“ во Скопје започнува да го посетува на 5 годишна возраст, кога почнува да изучува пијано. По завршувањето на нижото музичко училиште, се запишува во средното музичко училиште на наставно-теоретскиот оддел. Во 1996 година ги започнува студиите по оркестарско диригирање на Факултетот за музичка уметност во Скпоје, во класата на професорот Фимчо Муратовски. Во 2001 година дипломира на отсекот по оркестарско диригирање со концерт со Македонската филхармонија. Пост-дипломските студии одлучува да ги продолжи во Софија, на Државната музичка академија „Панчо Владигеров“, во класата на професор Пламен Џуров. Магистрира со највисоки оценки.
По завршувањето на образованието, почнува да работи како хор-мајстор во Македонската опера и балет. Како талентиран млад диригент, набргу започнува да работи и како асистент-диригент и понатаму диригент на голем дел од оперските и балетски претстави на репертоарот на МОБ. Својата прва оперска премиера „Таен брак“ од Доменико Чимароза ја изведува за отварањето на Скопско лето во 2005 година. Како резултат на работата на оваа опера, добитник е на стипендија од CEE Eastern Musiktheater, фондација која стипендира млади оперски уметници во источна Европа. Во 2006 година, станува диригент-првенец на Македонската опера и балет.
За време на нејзината 20 годишна работа како диригент, остварува голем број на премиерни изведби на оперски и балетски претстави и концерти, како и дела од македонски композитори. Нејзиниот репертоар брои импозантна бројка од над 50 оперски и балетски наслови. Премиено има изведено неколку дела од македонски композитори, меѓу кои се и ораториумот “Symphony of Songs and Epitaphs” од композиторот Панде Шахов и симфонијата “Wonderful Days” од композиторот Живојин Глишиќ. Во рамките на фестивалот „Охридско лето“ во 2018 година, го изведе ораториумот „Радомировиот псалтир“ од Димитрије Бужаровски. На сцената на Македонскиот народен театар, како диригент го поставува првиот лиценциран мјузикл изведен во Македонија, мјузиклот „Чикаго“. По огромниот успех на овој мјузикл, ангажирана е да работи и на мјузиклот „Мама миа“, исто така во продукција на Македонскиот народен театар. Настапувала со оркестарот на Македонската филхармонија, Сараевската филхармонија, оркестарот на операта во Темишвар, Романија и редовно настапува како гостин диригент во Државните опери во Пловдив и Варна, Бугарија и во Државните опери во Батуми и Кутаиси во Грузија.. На летниот фестивал во Варна, премиерно ги диригира балетите „Рајмонда“ од Александар Глазунов и „Шехерезада“ од Николај Римски Корсаков.
Од 2017 до 2020 година ја извршува функцијата уметнички раководител на Операта при Националната опера и балет. Оваа година, таа одбележува 20 годишен јубилеј како прв диригент во Националната опера и балет. Од мај 2022 година е именувана за музички селектор на фестивалот „Охридско лето“. Избрана е за доцент на Факултетот за музичка уметност, каде веќе 6 години, како надворешен стручен соработник, го води предметот Вокално студио.
Добитник е на наградите: „Георги Божиков“, за континуирана изведба на дела од македонски композитори во 2015 година, Музичко-сценски уметник на годината во 2015 година и наградата “13 Ноември“ од областа на уметноста во 2019 година, која ја доделува град Скопје.
Оперскиот и балетски репертоар на диригентката Бисера Чадловска е разноврсен и брои огромен број на наслови. Сите тие се изведени н сцената на нејзината матична куќа, Националната опера и балет.

куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.