СЏФ 2021: Џез хипноза и џез журка!

Средината на годинешниот Скопски џез фестивал, поточно третата вечер, донесе интересен спој на неколку работи. Што се однесува до концертниот дел, публиката во салата во НОБ најпрво уживаше во средбата со мултиталентираниот македонски уметник Јордан Костов, хармоникаш, пијанист, композитор, импровизатор, аранжер и продуцент, и со неговиот ансамбл. Но за да веднаш по нив биде препуштена во рацете на веселиот состав L.U.M.E., од Португалија, и сето тоа да биде една убава весела џез журка, која започна со позната песна “Сан Франциско”.
За Јордан Костов, кој е наша нова музичка сензација, и неговиот состав, имаше специјално дојдени луѓе од уметничкиот свет, а го забележавме и режисерот Милчо Манчевски со кого имаат соработка. Со Јордан настапија YAPING WANG yangqin, Климент Тодоровски, виолина, ANDREAS GÜNTER тенор-саксофон, флејта, пијано, Кирил Кузманов, алт-саксофон, флејта, Сашко Темелковски, бас-кларинет, Благојче Томескки бас-кларинет, Петар Христов кларинет, тенор-саксофон, лира, Александар Ниниќ, туба, Стефана Марковиќ флејта, Агни Авшар вокал, Филип Букршлиев електрична гитара, Андреа Мирческа контрабас, електричен бас, Стефан Карастојанов контрабас, Дамјан Грујо тапани, Драган Теодосиев тапани.
Е, после полноќ, кога фестивалот се префрли во Денсинг салата на МКЦ, се создаде вистинска џез хипноза, со MOOR MOTHER with Dudù Kouate, и, Mats Gustafsson (кого го видовме соло на самото отворање). Импровизации, инструментални звуци, рецитации, пораки од изведувачката и активистка, сето тоа склопено мајсторски, направија еден интересен и хипнотизирачки сценски “коктел”.
Вечерва следува претпоследната вечер,со настап на SHAKE STEW (Австрија), а потоа и NU MUSIC 4 feat. Christer Bothén, Goran Kajfeš, Mats Gustafsson & Okay Temiz (Шведска/Турција) во НОБ.
Утревечер е затворањето.
Во холот на НОБ, каде се одржуваат концертите веќе со плакати се најавува и Оффест, чедото на Скопски џез фестивал, чиј термин е 9-13 ноември.

Валентина Ѓоргиевска Парго


куларт.мкСодржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.