Во четврток со почеток во 20 часот, оркестарот на Македонската филхармонија ќе го одржи концертот насловен „Азно” со кој ќе одбележи 78 години од формирањето на институцијата. На роденденскиот концерт како солист ќе настапи Кирил Трусов, еден од најдобрите виолинисти на светската музичка сцена во моментов. Солистка е и македонската обоистка Гордана Јосифова Неделковска. Диригент е маестро Борјан Цанев, а на програмата се дела од Јохан Себастијан Бах, Макс Брух и П.И.Чајковски.
Како многу други концерти кои ги напишал Јохан Себастијан Бах, така и Концертот за виолина и обоа во де-мол претставува адаптација, односно транскрипција на концертите кои ги напишал за чембало. Рециклирањето на музиката за чембало која ја напишал Бах била вообичаена практика, со која дополнително се згуснувала изведбата на неговите дела. Разликите во партитурата напишана за чембало и мелодиските карактеристики наведуваат дека Бах го пишувал за два контрастни соло инструменти, кои силно сугерираат дека неговиот иницијален избор уште на почетокот биле виолината и обоата. Тие нудат имагинативна звучна комбинација, а нивните различни бои во овој концерт никогаш не бледеат. Концертот ја следи типичната италијанска барокна структура: има три ставови, брз-бавен-брз. Во него можат да се забележат и други инспирации од италијанскиот барок – креирањето мелодии во стилот на арија и силниот ритмички пулс.
Виолинскиот концерт во ге-мол е најизведуваното и најпознатото дело на германскиот композитор Макс Брух (1838–1920). Овој композитор зад себе оставил голем број други импресивни творби, но, поради нивната еклектичност, тие не се одржале на сцената. Концертот за виолина и оркестар во ге-мол е создаден во 1866 година, а премиерата се одржала под диригентство на композиторот. Се смета за најпопуларно дело за виолина и, заедно со „Шкотска фантазија”, за најдобро дело на Брух од целокупното негово творештво.
Петтата симфонија во е-мол (1888) на рускиот композитор Петар Илич Чајковски е своевиден филозофски автопортрет и во неа најсилно се изразени индивидуалните мисли и чувства и неговите апокалиптични сфаќања за животот. Симфонијата премиерно била изведена во Санкт Петербург во театарот „Марински”, под диригентство на самиот автор. Станува збор за циклична симфонија, во која првата тема е присутна во сите четири става. Во неа Чајковски трагедијата ја претвора во триумф, и од тој аспект многу силно потсетува на Бетовеновата Петта симфонија, бидејќи и во двете дела, главната тема најпрвин се јавува во мол, поминува низ различни тоналитети и на крајот се јавува во дур, како ослободување, како катарза, како конечно здогледување на светлина.
Поддржан и воден од славниот виолинист и диригент Сер Јехуди Мењухин, Кирил Трусов денеска важи за еден од водечките виолинисти на неговата генерација. Интернационалната јавност неговата изведба ја опишува како „импресивно елегантна, со неверојатна техника и исклучително чувство и музичка сензуалност да ја извлече скриената убавина на делата што ги свири…” Кирил Трусов е редовен гостин на престижните светски сцени и на најпознатите музички фестивали. Соработувал со познати диригенти како Сер Невил Маринер, Владимир Федосејев, Даниеле Гати, Лоренс Фостер, Михаил Јуровски, Дејвид Стерн, Кристоф Попен, Владимир Спиваков, како и со најдобрите симфониски оркестри во светот. Неговата пасија кон камерното музицирање му носи соработки со уметници како Сол Габета, Јуџа Ванг, Даниел Хоуп, Џошуа Бел, Јури Башмет, Миша Мајски, Џулијан Рахлин… Неговата турнеја низ Азија, спектакулрната изведба на “Би-Би-Си Промс”, како и неговата активност во жиријата на најпознатите музички натпревари се само некои од најзначајните активности на Трусов во последните неколку сезони. Кирил Трусов свири на виолина „Бродски” изработена од Антонио Страдивари во 1702 година, на која познатиот виолинист Адолф Бродски премиерно го извел Виолинскиот концерт на П.И.Чајковски во 1881 година.
Гордана Јосифова-Неделковска дипломира и магистрира на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј” во Скопје, во класата на проф. Киро Давидовски, а се усовршува на академијата „Моцарт” во Варшава, Полска и BANFF центарот за музика и звук во Канада, како нивен стипендист. Добитник е на повеќе награди на државни и меѓународни натпревари. Јосифова-Неделковска како солист настапува со многу значајни оркестри како Симфонискиот оркестар на националната капела на Санкт-Петербург, камерниот оркестар „Музика вива” под водство на истакнатиот диригент и виолончелист Александар Рудин, Сервантес Филхармонија од Шпанија, oркестарот Кими Синфониета од Финска, оркестарот на Вилах Филхармонија од Австрија, оркестарот на Моравската Филхармонија од Чешка, оркестарот Талин Синфониета од Естонија, Симфонискиот оркестар на Рим, Симфонискиот оркестар на Белград, Гудачкиот камерен оркестар на Словенската филхармонија, камерниот оркестар „Софиски Солисти”, Македонската филхармонија, Македонскиот камерен оркестар, камерниот оркестар „Св. Ѓорѓе”, Оркестар на Авињон-Прованса, Камерен оркестар на Порто Алегре – Бразил, Обединет европски камерен оркестар, итн. Репертоарот на Јосифова-Неделковска опфаќа дела од раниот барок, па се до современото творештво, вклучувајќи и бројни праизведби на дела од современите композитори и голем број на дела од македонски автори. Од големо значење е поканата од страна на легендарниот Енио Мориконе, Гордана Јосифова-Неделковска да настапи заедно со него на свеченото отворање на фестивалот „Охридско Лето” во 2009 година.
Добитникот на македонското признание Виртуози „Најдобар музички изведувач во 2013 година”, диригентот Борјан Цанев, се смета за еден од најпрефинетите музичари во Македонија. Добитник е на наградата „Аугуст Манс” за најдобар диригент токму на Кралскиот музички колеџ, за потоа да диригира со Лондонскиот симфониски оркестар како дел од мајсторскиот клас на сер Колин Дејвис. Во наредните години маестро Цанев остварува многубројни концерти со Македонската филхармонија, како и со нејзиниот Камерен оркестар во Македонија и во странство (Рим, Париз, Истанбул, Прага, Нови Сад, Загреб, Њујорк, турнеи во Полска и Казахстан). Од 2002 година до денес е професор на Факултетот за музичка уметност во Скопје. Неговото успешно деби со Софиската филхармонија во 2004 година, му носи постојани ангажмани со овој виден оркестар, а во 2006 година е назначен и за негов постојан гостин-диригент. Во 2010 година, Сојузот на композиторите на Македонија му ја додели наградата „Георги Божиков” за најдобра изведба на дело од македонски композитор. Во 2015 година ја предводи Македонската филхармонија на првото гостување на оркестарот во САД, вклучувајќи два концерта во Њујорк, во „Карнеги хол” и во Музичкиот центар „Кауфман”.